На лажичка

Еден ден точно ќе се открие како и каде се појавил корона вирусот. Еден ден ќе се открие дали Кина навистина не водела најсоодветна статистика за бројот на заболени од Ковид-19, и дали тоа можеби придонело СЗО и национални влади да направат погрешни проценки за брзината на ширење на вирусот и за репродукцискиот број на заразени (R).

Фактот дека во Вухан отпосле го коригираа бројот на досега објавените смртни случаи од корона вирус, остава многу сомневања дека во официјалната кинеска статистика не се внесени бројни случаи.

Досега таму беа собирани само ловориките. Кинезите се пофалија дека први успеале да ја сузбијат епидемијата на Ковид-19. Први воведоа најстроги мерки, го ограничија движењето. Први покажаа како за неколку дена може да се изгради монтажна болница со огромен број болнички легла. Први во светот испратија опсежни податоци за тоа кого напаѓа Ковид-19, какви симптоми има и какви последици предизвикува – кај болните, но и врз здравствените капацитети.

Откако најтешкото помина, први испратија помош каде што им беше побарана. Епилогот од битката со корона вирусот ги однесе на пиедестал со назнака за покажана супериорност во справувањето со предизвикот.

Но, на ред стигнаа и критиките. Дали Кинезите сокриле нешто? Ова прашање се провлекува откако медиумите уште пред десетина дена пренесоа дека „South China Morning post“ открил извештај, според кој, во Kина oд Ковид-19 починале многу повеќе лица отколку што покажуваат „официјалните податоци“.

Еден ден ќе се открие дали навистина некој си играл со статистиките, како настанала „нултата грешка“ во проценувањето на ризиците и дали тоа биле единствените податоци што ни биле дозирани на „лажичка“?

Наводно, од сите вкупно тестирани до крајот на февруари, повеќе од 43.000 биле позитивни на Ковид-19, но немале никакви симптоми. По изрекувањето на мерката за самоизолација, aсимптоматските болни наводно не биле вклучени во службените и во јавно објавените статитики. Освен, мал дел од оние кои во рок од три до пет дена развиле симптоми, а потоа биле болнички третирани.

СЗО има класификација, според која, сите позитивни на тестовите – без разлика дали имаат симптоми или не, се регистрираат како заразени. Taков стандард се применува во Европа, САД, Јужна Кореја…

Според сомневањата, кинеската влада, од почетокот на февруари, како заразени ги евидентирала само тие што развиле симптоми, и сaмо 1 до 3 отсто од aсимптоматските болни. Тоа ја навело СЗО дa oбјави дека случаите на заразени кај кои не се јавиле никакви симптоми се „исклучително ретки“, бидејќи така ѝ сугерирале официјалните статистики.

А токму изоставањето на асимптоматските болни од официјалните статистики се смета за причина за катастрофалното ширење на вирусот, бидејќи тие биле занемарени и надвор од превентивниот радар.

Добро се сеќаваме дека во почетокот на аеродромите се мереше само температура, и сите што немаа, слободно беа пропуштани. Да се знаело тогаш дека речиси една третина од заразените не развиваат симптоми, но го шират вирусот без да знаат, сигурно би биле преземени други мерки.

Ни на најтажниот ден, на Распетието, не успеавме да ги смириме страстите, да замолчиме, да се преиспитаме кон што води и што отсликува таа врева, а, за жал, најмногу открива на каков начин ја разбираме верата

Алармот дека бројот на асимптоматски болни е поголем и опасен, се вклучи по статистиките на Јапонија и на Јужна Кореја, во кои тие во старт беа регистрирани и тогаш се движеа од 20 до над 30 отсто. Еден ден ќе се открие дали навистина некој си играл со статистиките, како настанала „нултата грешка“ во проценувањето на ризиците и дали тоа биле единствените податоци што ни биле дозирани на „лажичка“?

Кај нас, пак, и натаму се расправаме за една друга лажичка: начинот на светата причест со фамозното исто лажиче и иста чаша. Ни на најтажниот ден, на Распетието, не успеавме да ги смириме страстите, да замолчиме, да се преиспитаме кон што води и што отсликува таа врева, а, за жал, најмногу открива на каков начин ја разбираме верата.

Разбирлив ми е стравот на атеистите, но и на голем број верници дека при причест од иста лажичка може да се пренесе вирусот. Нема да го коментирам тврдењето на свештениците дека такво нешто не се случило 2.000 години, бидејќи сржта на верувањето е дека Воскреснатиот Спасител е лекарот на душите и телата.

Но, ако еден човек постојано живее насочен со умот и срцето кон Бога, ако неговиот начин на живеење одговара на нормите што ги востановила Црквата, тогаш нема никакви пречки човек да се причестува на секоја литургија. Причестувањето не треба да се претвори во формалност и рутина, кое брзаат да го исполнат оние што постеле, сега, веднаш, макар и во полициски час.

Во тоа е разликата. И особено во постот. Помалку е важно со што се храни телото, многу поважно со какви мисли се храни умот. Сите што со своите мисли и дела ја крепат љубовта, разбирањето, споделувањето, трпението, помагањето на другите, милоста и помошта кон немоќниот, веќе се причестени од невидлива иста лажичка и иста чаша.

Очекував барем свештениците тоа да го разберат. И да го пренесат.