Најважниот натпревар

По девет месеци живот во време на корона, во кои многумина изгубија блиски, други изгубија работни места, по девет тешки месеци, во кои единствената друга тема беа предвремените избори, по девет месеци живот под маски и стравови од нови епидемиски пикови, дојде ден и за нешто поинакво. За трошка радост.

Поради претходно посоченото, воопшто не ме чуди димензијата на колективната еуфорија. Македонската фудбалска репрезентација ѝ подари на јавноста барем еден ден во кој ќе мисли на нешто друго, освен на витамини, вакцини, сумамед или ремдесивир, бидејќи на сите им е јасно дека веќе утре повторно ќе се вратиме во реалноста.

Како што за имунитетот е важен витаминот Д, така и победата на македонската фудбалска репрезентација во вакви времиња се доживеа како еден вид витаминска терапија, или мелем што лекува отворени живи рани. Тие рани неслучајно се поврзуваат со актуелните политички трактати за македонскиот јазик и идентитет.

Кога еден спортски успех силно ќе ја нахрани националната самодверба во можноста за победа, луѓето сакаат да видат нова екстензија на победата од Тбилиси: ако еден струмичанец ја однесе земјава на ЕП, дали друг ќе ја однесе во преговори со ЕУ.

Кога недостигаат успеси на повеќе полиња, идентификацијата на граѓаните со победа и победничкиот дух останува да се врзува со сферата каде што ги има – спортот

И тоа е разбирливо. Колективниот однос и мобилизација кон спортскиот успех (претходно кон ракометниот, сега и кон фудбалскиот), веќе неколку години е реплика на еден колективен однос кон македонцките работи – сегашноста и шансите за иднината.

Јасно е зошто е така. Кога недостигаат успеси на повеќе полиња, идентификацијата на граѓаните со победа и победничкиот дух останува да се врзува со сферата каде што ги има – спортот.

Но, за жал, дури и ваквите победи не се лишени од поделби меѓу две страни: тие што ја вознесуваат победата до планетарни димензии, и оние, кои според нечија слободна проценка, не искажале доволна или јасна доза на воодушевување.

 Во една од тие две позиции, се критикува и однесувањето на коментаторот на МТВ, дека во моменти на еуфорија излегол од професионалната рамка. Но, да не се лажеме – она што тој го кажа, е истото што го мислат многу луѓе. Еуфоријата од победата го лекува чувството на губитоци од секаков вид.

Практично, и коментарот, и колективната катарза се последица на секојдневието во кое живееме, исполнето со нечии волунтаристички рокови со назнака „до овој петок“, во постојан грч од тоа дали нечија рампа ќе ни се спушти на европскиот пат, дали буџетот ќе ја издржи тежината на кризата, дали ќе го преживееме вирусот…

И кога во таква атмосфера ќе се случи резултат на кој никој не може да му стави вето, лесно е човек во моменти на радост да излезе од каква било рамка. Но, кога ќе се сетам на слични изливи на еуфорија од спортски победи во регионов, во кои шоуто лично го презедоа европски политичари и разни томсони, ние сме морални величини во однос на коректноста.

Веројатно ќе немаше дебата ако коментаторот извикаше „луѓе мои, дали е ова можно“ („људи моји, јели то могуче“) како што крикна Младен Делиќ на 21 декември 1983 година, кога СФРЈ ја победи Бугарија со 3-2 во последните секунди од натпреварот.

Сум против патетики, но сум и многу против еден инфериорен однос (во поширока смисла од оваа со коментаторот), во кој секогаш македонската страна повеќе мора да внимава на политичката коректност, постојано да „гази на прсти“ за да не ги вознемири или налути другите, поголемите, оние во клубот, па дури и кога нејзиното оправдано инсистирање за почитување на европските вредности, од друга страна некоректно се толкува како македонска „анти“ политика.

Не смееме да се презентираме како инфериорна страна што се помирила да има право на контролирана емоција и во точно определен сегмент, без право да ја става во актуелен контекст, без право на каузално толкување на нештата, осудени на форма лишена од суштина. Доста од таква „снискоходљивост“.

Нашиот најважен натпревар подолго време е со вирусот. Се води битка за кадар, за болничко легло, за амбулантно возило, за човечки животи

Затоа, да го оставиме коментаторот и коментарите, и да видиме какви се нашите перформанси за други домашни резултати, со вето и без него. Завчера почина лекар од тетовската болница, денеска од кумановската. Болни од ковид умираат секој ден. Нашиот најважен натпревар подолго време е со вирусот. Се води битка за кадар, за болничко легло, за амбулантно возило, за човечки животи.

Главните играчи на здравствениот терен не се помалку важни од нашите фудбалски победници во Тбилиси. Напротив, на долг рок се многу поважни. Најважни. Би било добро владата да има специјална седница и за нив, и одлука за награди и за овие играчи, кои девет месеци се на најтешкиот терен.

На овие играчи граѓаните најмногу можат да им помогнат со совест во однесувањето кон мерките. Граѓаните се алката што го прави здравствениот синџир посилен или слаб. Ако тој падне, паѓаат сите.

И не само во здравството. Најважно е самите со волја и максимална посветеност да постигнеме видливи резултати и во економијата, образованието, културата, резултати кои нема да зависат од нечие толкување или добра волја, од поглавја и преговори, туку, пред сè, од нашата решеност да изградиме пристојна држава.

Пред резултатите и боговите ќе мора да молчат. За таа цел треба да бидеме во постојан, непрекинат внатрешен натпревар со идеи и активности, без разлика со чиј партиски или граѓански предзнак доаѓаат.

Не треба да бидеме тие што сами си ставиле вето на иднината, туку победници, кои со потврдени резултати се моќни да ја отстранат и најтешката пречка. Каде што е храброста, таму е и успехот.