Не ни губете нови шест месеци!

Колумна на Сашо Кокаланов

По изјавата на премиерот Заев дека предвремените избори би значеле нови изгубени три до шест месеци за државава, таа тема практично би требало да е затворена. Ако СДСМ реши поинаку, а има информации дека сè повеќе натаму натежнува работата, се прашувам како тоа ќе ѝ го објаснат на јавноста, без да си пукаат во колено со изјавата на нивниот лидер.

Што ќе ни соопштат? Добар ден. Вака, ние веќе доцниме половина век, па решивме Македонија да изгуби уште пола година, зашто Мицковски така бараше… Или: драги граѓани, покажавте трпение 27 години, сега за шест месеци ли ќе цепидлачите… Или можеби: сакавме да сработиме нешто на реформски план, зашто во јуни треба да добиеме датум, ама датумот може да чека, а предвремени не сме имале одамна…

Предвремени избори се глупост! Не знам какви се анкетите што ви ги испорачуваат во седиштето, веројатно имате предност што мами, но овие балкански простори, па и нашите македонски искуства, покажуваат дека евроатлантската карта, меѓународните успеси се како тројка во табланет. Не се бројат на крајот. Малку повисока карта се демократските и медиумските слободи, да речеме седумка, но на крајот и таа не се брои.

Искрено, не верувам дека оние карти што се бројат, оние шарените, со сликичка, или двоцифрените, асовите, може да се извлечат од ракав на два месеца пред избори. Треба нешто темелно да се сработи, да се почувствува промена во животот на луѓето, да им се продолжи чергата за една педа, па потоа да се оди на избори.

Партиите се полни со таканаречени изборни профитери. Тоа се луѓе кои на изборите не гледаат како на потрошени пари и време, туку како на лична шанса. Да фатат некое подобро место или да пополнат нечие место што ќе го испразни тој што се дограбил до повисока функција. Или да чепнат од изборниот колач.

Автобуси, митинзи, сендвичи, слогани, билборди, платена политичка програма, неплатена политичка програма, пазарења, кризи, нови коалиции, стари коалиции, ново-стари коалиции, распламтен котел, високи тензии, ниски страсти… Тоа за некого можеби е забава, за друг печалба, но убеден сум дека на огромното мнозинство од луѓето им се повраќа од сево ова.

Треба нешто темелно да се сработи, да се почувствува промена во животот на луѓето, да им се продолжи чергата за една педа, па потоа да се оди на избори

Не ни ги губете овие шест месеци! Ги немаме!

Барал Мицкоски!? Кога бевме мали, на вакви образложенија, ни велеа: а ако побара Мицкоски да се фрлиш во Вардар, ќе се фрлиш?

Ќе немало цензус!? Та, преку цензусот! Нека нема. Подобро да пропаднат претседателските избори отколку Македонија. Или не?

Ќе имало посилно мнозинство во парламентот!? Имате двотретинско сега, повеќе од тоа тешко. А ќе добиете секако покомпактна опозициска пратеничка група, зашто Мицкоски ќе си ја прочисти со свои лојални кадри на местото на овие што му ги команда Сашо, Илче или некој трет. И чуму тоа? Што ќар ќе имаат граѓаните од тоа?

За мене нема ни еден издржан аргумент за предвремени избори кој тежи повеќе од изјавата на вашиот лидер цитирана на почетокот од текстов.

Фатете се за работа, луѓе. Има време за избори. Не правете од 2018 година – 2006. Прочитајте си ја програмата и видете што сте ветиле. Земете молив и штиклирајте. Ако 80 отсто од работите се остварени, океј, побарајте нов мандат. Ако не, одете точка по точка и остварувајте. Ама вистински, не онака како што остваруваа вмровците, со фрлање пропаганден песок в очи.

Сакате предвремени избори? Супер. Натерајте ги тие три-четириесет градоначалници кои сè уште се во шок од победата и не знаат зошто станале тоа што станале да си дадат оставка. Па, наместо предвремени парламентарни, нека има предвремени локални избори.

Граѓаните ви дадоа крила. Ама Дедалови. Од восок. Ако отидете преблизу до Сонцето, ќе ви се истопат. Не летајте толку високо

Така, ем ќе си ги измерите со опозицијата, ем ќе имате цензус, ем нема да запрат реформите. Нека удри камшикот малку, нека се разбудат заспаните, нека си отпаднат неспособните, нека се преиспитаат заталканите.

Подобро изгубете неколку општини, отколку да го изгубиме моментот за исчекор кон европските перспективи.

Граѓаните ви дадоа крила. Ама Дедалови. Од восок. Ако отидете преблизу до сонцето, ќе ви се истопат. Не летајте толку високо.

Договорот од Преспа денес најверојатно ќе биде ратификуван во грчкиот парламент, и со тоа ќе заврши едно важно поглавје од тоа што Тричковски го нарекува ослободување на Македонија од себеси. Но, тоа не значи дека ослободувајќи се од лудачката кошула, автоматски ќе се најдеме облечени во европски костум. Допрва треба да ни земат мерка за тој костум. А ние си правиме избори.

Го полеваме дуќанот на шнајдерот со бензин, фрламе запалено чкорче и одиме да си бркаме наши работи. Горди што ја немаме лудачката кошула на нас, ама сè уште голтари.

Откако се затворија големите историски прашања, што треба сега да работи власта? Го знаете оној вицот со режисерката? Ѝ приоѓа дечко во кафиќ и ја прашува згодната девојкава со што се занимава. Таа му одговара: Па, со режија. А тој на тоа, полн со разбирање одговара: Вода, струја, телефон, а?

Да, сега треба власта малку со тоа да се занимава: вода, струја, телефон… Со приземните работи.

Има време за избори. Може и предвремени. А и редовните ене ги каде се, за час ќе дојдат.