Неочекуваното просветлување на премиерот

„…Сите знаеме дека кога завршуваат изборите, сите политичари се поразумни и поодговорни отколку пред изборите…“. Ова, отприлика, го изјави премиерот Зоран Заев, објаснувајќи ги сопствените оптимизам и верба дека спорот со Бугарија ќе биде набргу решен. Веднаш по изборите. Кај нас и во Бугарија. Се разбира, ако набргу нема некои нови избори. Или кај нас или во Бугарија. Што ќе рече дека политичарите и натаму ќе бидат неразумни. И, секако, неодговорни.

Иако можам да се сложам со премиерот Заев дека политичарите се неодговорни (или помалку одговорни, ако е тоа воопшто можно) отколку во „нормални“ времиња, сепак со ова неочекувано просветлување на нашиот премиер многу работи стануваат појасни.

За почеток да кажеме дека генерална перцепција е дека десетина години, па и повеќе, живееме во една општа и континуирана предизборна кампања, што значи дека за целото ова време, нашите политичари не биле ниту разумни, ниту одговорни. За волја на вистината, и ова не е некој особено непознат факт, ама, ете, сега за првпат добиваме какво-такво рационално објаснување за она што ни се случува.

Од каде гласачите ќе знаат кој политичар е одговорен и разумен за да го изгласаат, кога „сите знаеме“ дека политичарите стануваат такви дури по изборите?

Следејќи ја логиката на премиерот, можеби е полезно да се прашаме кои од предизборните изјави и ветувања на неговата партија, а богами и на останатите, се помалку одговорни, а кои повеќе разумни: „за првпат градиме два мостови“, на пример; или четиричасовно работно време за администрацијата во петоците; или скорешното покачување на пензиите…

Можеме, ако сакате, да се потсетиме и на ветувањата од претходните изборни циклуси: од оној веќе славен слоган „живот за сите“, преку „неселективна правда“, па сѐ до решавањето на хаосот во медиумскиот простор.

На крајот на краиштата, овие „неодговорност“ и „неразумност“ можат да бидат објаснување и затоа зошто масовно се кршат ковид-протоколите на партиските предизборни собири. Само да завршат изборите и политичарите веднаш ќе станат „поразумни“ и „поодговорни“ и на своите собири ќе ангажираат редари што ќе проверуваат дали присутните се вакцинирани со две или три вакцини. Се разбира, ако и тогаш не бидеме во некаква кампања.

Во меѓувреме се очекува од „недисциплинираниот народ“ да ги почитува истите тие протоколи, а тоа особено го очекуваат разно-разните инспекции што шетаат по кафеаните, како и ревносните инспектори на МВР.

Народот, јасно, не се наоѓа во предизборна кампања и од него, со право, се очекува да биде разумен и одговорен. Ако народот не е разумен и одговорен, како тогаш од него да се очекува да им даде мандат и доверба на политичарите што, ете, по дефиниција се помалку разумни и помалку одговорни пред да ги изберат, отколку откога ќе ги изберат.

Тоа го објаснува и ненадејниот настап на претходникот на Зоран Заев на чело на СДСМ и некогашниот премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски, од говорницата на Македонската академија на науките и уметностите, кој во моментот од никого и од никаде избран, практично ја најави сопствената предизборна кампања.

Додуша, не се знае на какви избори претендира (можеби за член на МАНУ?), ама тоа не беше причина неговата партија да го оцени и процени како неодговорен и неразумен. За волја на вистината, неговиот говор така и изгледаше.

На пример, дека државата е должна 11 милијарди евра или долари, сосема сеедно и дека во администрацијата се вработени 197.000 луѓе. Што има тоа да го зборува Црвенковски, кој и онака не е на изборните листи ниту за градоначалник, а богами ниту за претседател на месната заедница Слатино? Веројатно затоа никој и не ги демантираше овие бројки. Ама затоа сите нешто имаа против споменувањето на корупцијата од страна на некогашниот претседател.

Следејќи ја логиката на премиерот, можеби е полезно да се прашаме кои од предизборните изјави и ветувања на неговата партија, а богами и на останатите, се помалку одговорни, а кои повеќе разумни

Добро, кога сме веќе кај администрацијата, и јас, како впрочем и сите други, се надевам дека партиите ќе исполнат барем дел од своите ветувања. Конкретно, партијата на Зоран Заев навистина во петоците ќе воведе четиричасовно работно време за администрацијата.

Тоа ќе биде вистинска револуција во работните навики на управната и државната служба. Ако оваа власт навистина успее нивните традиционални 15 минути до половина час ефективно работно време во петоците да ги преточи во четиричасовно работно време, тогаш и јас ветувам дека секогаш ќе гласам за нив. (Нека ми биде дозволено и јас да бидам неразумен во предизборната кампања).

Сепак, на крајот се наметнува едно едноставно, но круцијално прашање: од каде гласачите ќе знаат кој политичар е одговорен и разумен за да го изгласаат, кога „сите знаеме“ дека политичарите стануваат такви дури по изборите?

И кој дел од изјавата на Зоран Заев, дадена среде изборна кампања, што значи дека и тој е во овие моменти со намалени одговорност и разумност, може да се толкува за помалку или повеќе разумен? Оној за брзото решавање на спорот со Бугарија или оној каде што се признава дека предизборната кампања, всушност, е фрлање песок во очи на гласачите? И има ли воопшто разлика меѓу овие две алтернативи?

Она што навистина треба да се запомни е дека партиите и политичарите се хранат од нашите пари и најмалку што можеме да очекуваме од нив е да промислат пред да кажат што било, наспроти фактот дека сите знаеме дека се во предизборна кампања и дека се такви какви што се.