Ни треба влада за национален спас

Датумот за избори мора да се суспендира и Договорот од Пржино да се прогласи за неуспешен. Излезот од кризата ќе биде невозможен без да се формира влада на национален спас, која од Собранието ќе добие мандат од најмалку една година за да ја врати Македонија во колосек. Четворката ќе мора да остане надвор од игра, и таму да ја дочека правната разврска за сите евентуални обвиненија што ќе бидат покренати.

Не само што во Македонија нема услови за никакви кредибилни избори, туку граѓаните се драматично соочени и со дефицит на политички избор. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА се искомпромитирани со индициите од содржината на „бомбите“, а над СДСМ е надвисната тешка компромитација со случајот „фалсификувани лични карти“.

Факт е дека никој не е виновен се додека не се докаже спротивното. Но, никако не може да останат без одговор наодите на истрагата дека покрај опрема за фалсикување лични документи и банкарски сметки, се најдени и десетици илјади телефонски разговори кај лице кое имало комуникација со лидерот на СДСМ.

Како нечии телефонски разговори туку така стигнале до нечиј компјутер? И дали само до него? Токму на ова мислев кога пред два месеца предупредив дека СДСМ треба да биде најзаинтересиран „бомбите“ да не останат во партискиот штаб, бидејќи истите материјали што ги има оваа партија ги имаат и службите, па лесно може да се случи нешто да „протече“ во јавноста, со цел вината да биде фрлена врз социјалемократите.

Но, веќе е доцна, бидејќи на сцената имаме конкретен „резултат“ од некаква нечиста политичка игра. Во политичките кулоари циркулираат висококалорични детали за тоа како Заев бил наместен од службите, односно од власта, за случајот „фалсификувани лични карти“. И не ме чуди дека имало таков обид. Но, за тој да успее, пикираната жртва требало да се фати на јадицата и да влезе во играта.

Од она што досега го слушнавме од „бомбите“, имаме јасна слика како се местеле и тендери, и провизии, и избори, и апсења, и ендеци и динамити за уривање објекти. Прашањето е дали лидерот на СДСМ и самиот станал жртва на наместена игра, која треба да докаже дека тој со ништо не се разликува од оние што ги критикува?

Заев два пати во изминативе денови се појавува на тв – интервјуа, но не даде директни одговори на прашањата што произлегуваат од оваа афера. За одговор не може да се сметаат изјавите од типот „чист сум пред Господ и пред себе“.

Господ ниту е технички министер во МВР, ниту обвинител или судија во конвенционална смисла, ниту може да го повикаме да сведочи на суд. Нему можеме само да му се молиме да ни даде сила да ги препознаеме лажните светци и спасители на Македонија, со кои сме опколени од сите страни.

Не може да се смета за одговор ни изјавата „очекувам обвинителството да открие како тие телефонски разговори се нашле таму“. Пред да каже обвинителството, од лидерот кој ја обелодени „Вистината за Македонија“ и претендираше таа да стигне до секој граѓанин за „тоа никогаш да не се повтори“, сега се очекува да ја каже и „Вистината за Заев“.

Тој најдобро знае какви релации имал со еден од осомничените, дали и што разговарал со него, дали тоа било во рамките на вообичаени партиски активности или ја поминало црвената линија и преминало кон нешто што нема врска со легална и легитимна политичка битка, туку со активности спротивни на законите и правната држава, а за кои СДСМ цела година декларативно се залага.

Ако лидерот на СДСМ не сторил ништо спротивно на законите или на духот за фер политички практики, тоа лесно ќе може да го докаже пред надлежните институции. Но без оглед на институционалната постапка, тој мора веднаш јавно и со аргументи да им соопшти на граѓаните дали има негово учество во тој случај.

Временскиот вакуум меѓу фазата на истрага и правната разврска е предолг период за да се остави јавноста без одговор на сите кредибилни прашања.

Ако, пак, лидерот на СДСМ, свесно или несвесно влегол во некаков сомнителен и ангажман, итно мора да си преземе одговорност за таа постапка, доколку е барем еден процент свесен за катастрофалните последици што ќе произлезат од овој случај.

Дури и да е неспорен фактот дека тоа му го сместила власта, тоа не го амнестира од одговорност ако загазил во нелегални активност. Тоа значи дека немал капацитет да процени дека политичкиот противник ќе ги користи сите методи за да му се одмазди со „бомба“ за негова идентична компромитација, но и дека ги преценил своите можности ако мислел дека капиталот од „бомбите“ може да го надгради и со дополнителна „игра“, не очекувајќи дека на крајот може да се преигра, притоа газејќи врз сите декларативни заложби за правна држава.

Ако е во прашање второво, последиците би биле погубни за Македонија. Прво, ако дозволил да стане епицентар на нова „бомба“, Заев лично ќе придонесе да се релативизира содржината на „бомбите“ што тој ги активираше пред нецела година.

Лично тој ќе стане нивна најголема негација. Зарем малку беа автентичните гнасотии што ги изнаслушавме, за да мора да да се измислува нешто друго, а што преку правна разврска би го добило епитетот „креирано и монтирано“?

Второ, лично Заев ќе стане најголемиот инвеститор во експресното ребрендирање во врвен „демократ“ на оној кој до вчера СДСМ го етикетираше како „диктатор“.

Трето, ова би значело дефинитивно политичко самоубиство на Заев, но тоа е најмалиот проблем. Шрапнелите од тој чин длабоко ќе го погодат СДСМ и во очај ќе бидат фрлени илјадници чесни партиски членови кои на никаков начин ниту учестувале, ниту можеле да знаат за некаков скандалозен ангажман.

Четврто, она што е најстрашно, целосно ќе биде уништена секаква верба дека се можни какви било демократски промени во земјата, ако граѓанството се соочи со фактот дека и политичкиот субјект кој преку „бомбите“ се (само)прогласи за агенс на демократски промени, во излогот рекламирал реформи, но во магацинот складирал поинаква стока.

Петто, ако фолдерот со најдените телефонски разговори кај осомничениот датирал од септември, (значи по потпишувањето на Договорот од Пржино и враќањето на опозицијата во Собранието), како Заев на гарантите на Договорот ќе им објасни зошто започнатите преговори ги искомпромитирал на таков начин? Зошто им го трошел и времето и добрата волја на претставниците на меѓународната заедница за помош „за враќање на демократијата во Македонија“ ако зад сцената наводно дејствувал со поинакви методи?

Со молкот на Заев и на СДСМ за овие прашања, само првиот впечаток ќе биде дека сите се исти и дека сите заглавени во г…. до гуша. Власта, која сега ја префрли топката на свој терен и суверено ја презеде играта, со помош на дисциплинираната медиумска армија многу брзо ќе ја трансформира приказната во една јасно сублимирана порака: Македонија нема проблем ни со демократија, ни партизација, ни со медиуми, ни со правна држава, туку со криминалите што ги направил Заев, доведувајќи ја во заблуда и домашната и меѓународната јавност.

И тоа нема да запре. Од соопштението на Груевски, лесно може да се сфати дека аферата со лични карти ќе се разгранува со уште многу скандалозни епизоди, што само потврдува дека оваа местенка е успешно спроведена и раководена од власта преку „партиски член на СДСМ“, што пак, ќе повторам – не го амнестира Заев ако учествувал или лично мотивирал криминални активности.

Од изјавата на Груевски, дека „мора да се истражат безбедносните аспекти на овој случај со други случаи“, може да се насети дека многу брзо и „Куманово“ може да биде доведено во врска со подземни активности на опозицијата, односно на нејзини функционери.

Не е тешко да се прогнозира и дека на наводните местенки на банкарски сметки на име на Сашо Мијалков и други функционери, ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори со оригинали за лица од опозицијата.

Обвинувањата ќе продолжат, поларизацијата ќе расте, а сето тоа се повеќе ќе ја оддалечува Македонија од видлива можност да се демократизира и од оние што ја продаваат, и од оние што ја спасуваат.

По индициите од „бомбите“ кои фрлија тешка дамка врз власта, и по „бомбата“ со личните карти која фрла тешка дамка врз опозицијата, реално, партиската четворка пред јавноста останува со длабоко искомпромитиран политички и преговарачки кредибилитет за да продолжи какви било разговори за излез на Македонија од политичката криза.

Во ваква ситуација, не е јасно за што би разговарал еврокомесарот Хан во јануари со лидерите, но е сосема јасно дека Договорот од Пржино не може да продолжи да се спроведува под палката на овој преговарачки состав.

Сега се покажува дека нема друго решение, освен да датумот за избори да се суспендира и Договорот од Пржино да се прогласи за неуспешен.

Излезот од кризата понатаму ќе биде невозможен без да се формира влада на национален спас, која од Собранието ќе добие мандат од најмалку една година за да ја врати Македонија во департизиран, институционален, правен и медиумски слободен колосек, таму каде што не беше вратена од партиската четворка. Таа мора да се договори со инволвирање на сите релевантни фактори во земјата и јавноста.

Лидерската четворка ќе мора да остане надвор од игра, и таму да ја дочека правната разврска за сите евентуални обвиненија што ќе и бидат покренати.

Во спротивно, идејата за демократизирање на земјата, во овој состав и со овие тактики, ќе се претвори во трајно алиби за легализирање на постојната состојба како нормална.

А сите знаеме дека одамна ништо веќе не е нормално.