Њу дил за уметниците

Деновиве беа лиферувани две информации што реферираат на државната интервенција во културата и кои можат да бидат добра основа за некои промислувања околу официјалните државни културни политики.

Ќе се обидеме тука да го избегнеме ламентирањето околу значењето на културата, особено во кризните времиња, какво што е ова што во моментов го преживуваме, а наместо тоа ќе се обидеме да ги парафразираме наведените информации, за кои веруваме дека и самите се доволно илустративни за донесување одредени заклучоци.

Првата се однесува на Франција, односно на одлуката на француската влада, сите тинејџери што во моментов имаат 18 години (а се проценува дека такви се околу 800 илјади) да добијат таканаречени „културни пропусници“ во вредност од по 300 евра, што ќе рече дека тинејџерите за тие пари ќе можат да посетуваат културни настани (театарски претстави, концерти, музеи, кина…). Пропусниците нема да важат само за културни настани, туку и за купување книги, музички инструменти, материјали за сликање, претплата на одредени списанија, плаќање различни курсеви итн.

Како што сега стојат работите, со продолжување на ваквиот систем на работа, Министерството целата своја енергија и натаму ќе ја троши околу тоа дали некој ги злоупотребил нивните средства

Сликовито кажано, со овој потег Франција убива неколку муви истовремено. Вредноста на целиот проект е околу 240 милиони евра, со кои се обезбедува релативна посетеност на актуелната културна сцена и се придвижува замаецот на натамошна културна продукција. Од друга страна, по година и пол умртвеност, младите се стимулираат на социјализација преку уметноста, но исто така и самите да создаваат.

Со други зборови, без оглед на износот на средствата, кои за француски прилики и не се некоја особена сума, овој пример, на некој начин може да се спореди со американскиот „њу дил“ од времето на големата економска криза од 30-тите години на минатиот век. Имено, британскиот магазин „Проспект“ потсетува дека во времето на „њу дилот“, администрацијата на Френклин Рузвелт, во периодот меѓу 1935 и 1945 година, спроведува два проекта за помош на уметниците.

Федералниот проект за писатели и Федералниот проект за уметници (Federal Writer’s Project, Federal Art Project) овозможува работа за илјадници уметници. Тие сликаат мурали по ходниците на јавните институции, пишуваат водичи и, како што пишува „Проспект“, практично ја создаваат новата усна историја, снимајќи ги, за разни колекции, исказите на Афроамериканците што го преживеале ропството. Авторите на текстот, предлагајќи слични мерки и за Велика Британија, потсетуваат дека своевремено преку овие проекти се помагани автори како Јуџин О’Нил или ликовни уметници од калибарот на Џејсон Полок.

Само ден по информацијата за француската иницијатива за „културни пропусници“, излезе веста дека Министерството за култура на Република Северна Македонија ќе ги раскине договорите за 21 проект, за кои не се доставени докази дека се реализирани или немаат комплетирана документација. Министерството по овој основ побарува враќање на два и пол милиони денари. Меѓутоа, во информацијата се вели дека уште врз 11 проекти се врши инспекциски надзор, а за 76 одобрени проекти се бара контрола за утврдување на законската основаност. Само да потсетиме, некаде до 31 јануари, Министерството раскина лански договори за програми од национален интерес во вредност од над седумдесет милиони денари.

Треба малку да се потарашка по интернетот и да се види каде и како државите ги решаваат овие работи и секако малку да се обмислат културните политики

Се разбира дека не ни е никаква намера да изразиме и трошка сомневање врз законитоста на одлуките на Министерството. Она што ни е намера е да кажеме дека, освен преголемата „папирологија“ при пријавување на проектите, скратените рокови за нивна реализација (од мај до ноември), неземањето предвид непредвидливи околности (пандемија и затворени институции) и стриктно инсистирање на безброј документи, никако не успеавме да видиме барем обид за спроведување политики што од една страна би ја стимулирале креативноста, а од друга страна би овозможиле барем привид на нормализација на кризните времиња. А камоли да зборуваме за некаков „њу дил“ во македонската културна политика.

На крајот на краиштата, договорите ги составува и наметнува Министерството за култура. И ако се тие штетни по него, тоа, по секоја логика, не може да биде вина на корисниците на тие средства. На овој начин излегува дека творците и реализаторите на програмите се тие што вршат криминал, а Министерството е тука да ги заштити буџетските средства токму од оние за кои тие средства се наменети. Како што сега стојат работите, со продолжување на ваквиот систем на работа, Министерството целата своја енергија и натаму ќе ја троши околу тоа дали некој ги злоупотребил нивните средства.

Или да одиме со обратен пример. Што мислите колкава документација им била потребна на Јуџин О’Нил или на Џексон Полок за да бидат помогнати од американската влада? Колку проекти и во кој период требало да реализираат? Прашањата, јасно, се реторички. Доволно било само да ја работат својата работа. Внимавајте: зборуваме за држава која се базира на речиси соголен пазар, без никаква традиција на државнички интервенционизам во општествените дејности.

Или што, односно кои документи им се потребни на француските 18-годишници да ја добијат „културната пропусница“. Се разбира – ништо. Освен да се пријават на соодветната онлајн-апликација. Или што им е потребно на институциите да ги прифатат овие пропусници. Повторно – ништо. Доволно е само да ја работат својата работа.

Сепак, работите не се толку едноставни, како што е погоре наведено. Имено, треба малку да се потарашка по интернетот и да се види каде и како државите ги решаваат овие работи и секако малку да се обмислат културните политики. А тоа, во услови на прегломазен административен систем каков што е нашиот, се чини дека е најтешката работа на светот.

На крајот, неврзано со темата, да потсетиме дека е денес денот на Свети Кирил и Методиј, браќата на кои сме особено горди. Ќе ја искористам можноста да го честитам празникот со еден генијален и сѐ уште актуелен твит на починатиот Роберто Беличанец: „Се молат словенските просветители да си ја довршат работата.“