Нулта толеранција за нетолеранцијата

Да се разбереме уште на самиот почеток: која било и чија било ресоцијализација не подразбира нечие привикнување кон општоприфатените модуси на општествениот живот, туку значи промена на социјалните фактори што довеле до нечија неприлагодливост во средината. Ова, се разбира, најмногу се однесува на децата, односно на малолетните лица. А, богами, се однесува и на таканаречените возрасни. Особено ако живеат во Визбегово.

Сенародниот визбеговски бунт против одлуката на Министерството за труд и социјална политика, еден од оние мали домови за згрижување малолетници да лоцира во Визбегово, всушност покажува колку сме неприлагодливи, нетрпеливи кон поинаквото, закречени во она што погрешно го толкуваме како наша зона на комфорот. Со еден збор, колкави малограѓани сме.

Станува збор за три деца (и со бројка: 3), колку што разбрав на возраст од 12 до 14 години, кои, ете, „оделе по куќи и барале цигари во доцните вечерни часови“ и кои, според зборовите на еден непокорен жител на Визбегово, имаат волшебна моќ на експресно размножување: „Денес се три, утре ќе бидат десет“, што бездруго на визбеговчани ќе им создаде неверојатни проблеми со несогледливи последици. Господ знае колку цигари ќе мораат тогаш да жртвуваат за да ги одоброволат овие „изроди“ со детски лик.

Визбегово е сега во паника од три деца, а замислете каков хорор ќе биде ако утре навистина се намножат на десет. Па, тоа ќе биде вистинска инвазија врз Визбегово, нешто налик на инвазијата на Нормандија на крајот од Втората светска војна.

Ако се обидеме барем малку посериозно да ги анализираме сѐ позачестените изливи на нетолеранција, всушност ќе дојдеме до заклучокот до кого секогаш доаѓаме, а никогаш не извлекуваме поуки. Станува збор за сериозен дефицит на општествена и индивидуална елементарна солидарност.

Логиката е едноставна – кога дискриминираме некого, ние всушност се дискриминираме себеси. И ова не е само една од оние пригодни фрази што се употребуваат при вакви поводи.

Нашите постапки, всушност, го дезинтегрираат целото општество и го форматираат во мали, парцијални, но незадоволни групи и групички. А вака партикулирано општество и релативно и апсолутно лесно се манипулира

Дискриминацијата на децата со нарушено поведение, на кои буквално судбински им треба промена на социјалната средина за да добијат каква-таква шанса во животот, не се разликува по ништо од дискриминацијата на луѓето што се борат против отворање рудници во нивната околина за да добијат каква-таква задоволителна животна средина. Или од дискриминацијата на стечајните работници. Или од дискриминацијата на припадниците на ЛГБТ заедницата. Или од дискриминацијата на жртвите од извршителите…

Впрочем, таа не се разликува од која било дискриминација што ќе ви падне на ум. Само не е јасно од што се дискриминирани жителите на Визбегово. Од трите деца? Од Министерството за труд и социјална политика? Или од сопствената недоверба и недозреаност на времето во кое живееме?

Проблемот е во тоа што ние го гледаме само нашиот проблем, не гледајќи ја целата слика. А таа ќе ни се укаже одвреме-навреме во форма на протестот во Визбегово. Во крајна линија, оние несреќни три деца не се проблем. Кога веќе со години може да им плаќа плата на стотици административци да не одат на работа, тогаш државата ќе најде решение и за овие три деца.

Она што е проблем е нашата кратковидост. Негледањето дека нашите постапки всушност го дезинтегрираат целото општество и го форматираат во мали, парцијални, но незадоволни групи и групички. А вака партикулирано општество и релативно и апсолутно лесно се манипулира.

Ако сакате, проблемот на недостигот од солидарноста на крајот на краиштата сите нè удира и по џебот. Ако погледнете околу себе, ќе сфатите кои се државите на благосостојба. Една Шведска, на пример, создаде општество на висока инклузија и социјална сигурност, каде што човековите права и правото на избор најмногу се ценат.

Слично е и во другите скандинавски земји. Слично е и во Канада, земја на остра клима и благо и толерантно општество, во кое се почитува различноста и кое со леснотија ги интегрира странците. На крајот на краиштата, многу нашинци што среќата си ја побараа таму, можат да ви го потврдат ова.

Се разбира, има економски успешни и авторитарни режими, но таму економските придобивки не се праведно распределени. Најтипичен пример за ова тврдење е Кина, државата со чудна смеса на класичен неолиберализам и комунизам. Но, дури и Кина најавува постапна хуманизација и почитување на човековите права, сфаќајќи дека спротивниот пат води во пропаст.

Само не е јасно од што се дискриминирани жителите на Визбегово. Од трите деца? Од Министерството за труд и социјална политика? Или од сопствената недоверба и недозреаност на времето во кое живееме?

Почитуваната Лина Ќостарова, на социјалните мрежи напиша, парафразирам, дека толеранцијата треба да ја негуваме со толеранција и дека треба да ги разбереме визбеговчани, кои се всушност нашето огледало. Го мислам токму спротивното: на нетолеранцијата секогаш треба да се одговори со нетолеранција. Или како што модерно би се рекло: нулта толеранција за нетолеранцијата.

Токму толерирањето на нетолеранцијата доведува до ваму, до каде што сме дојдени. А чекорот оттука до насилството е многу мал. Тоа, впрочем, илјада пати го имаме видено. Или веќе го заборавивме оној крвав 27 април? Да, ако се толерира нетолеранцијата, тогаш таа е навистина нашето огледало.

Кога сме веќе кај социјалните мрежи, на крајот само како дигресија: претседателот на државата Стево Пендаровски деновиве на некој форум во Нови Сад изјави дека ако не е претседател и тој би се иселил од земјава, што наиде на општо згрозување по сите можни овдешни интернетски форуми. Демек се рашири една плима на благопријатен и длабоко лажен патриотизам.

На страна фактот што оваа изјава е целосно извадена од контекст (инаку, целиот контекст, односно целата изјава на Пендаровски трае околу седум минути и е лесно достапна на интернет, ама кој ќе губи толку време, целата да ја слуша!?), таа се случува токму во времето кога наводно лиценцирана негувателка претепува едно детенце во некоја игротека и кога жителите на Визбегово ја видоа најголемата опасност за нивниот начин на живот во три дечиња со таканаречено нарушено поведение.

Не знам повеќе како да објаснам: од оваа земја треба да се бега со чекори од седум милји. И без никакво вртење назад.

Ние што сме во третата третина од нашите животи, ние што првата половина од животот ја поминавме во комунизам, а втората во транзиција, ние ќе го изгаснеме светлото на крајот.