Осмиот патник

Не паѓа снегот за да го покрие брегот, туку за секој да ја остави својата трага на него. Во духот на оваа поговорка протече дуелот Заев – Мицкоски, вклучително и заклучокот на водителот дека „МТВ уште еднаш испишала историја“. Последново, доволно јасно сведочи колку мора да се урнисани стандардите, штом од една тв-дебата се очекува да отвори нова страница во историјата на јавниот радиодифузен сервис и државата.

Впрочем, ова и не е за шегување, ако се има предвид дека во микро-космосот на МТВ токму ретките дуели меѓу политичарите имаа „судбоносен карактер“, ако за ништо друго, барем за ентериерот на куќата.

„Ќе има дуел? Значи конечно ќе искречат“, обично беше првиот заклучок на вработените пред дуелот да почне. И навистина. Од тоа дали ќе се одржи некој важен дуел, зависеше дали ќе се варосуваат ходниците, дали ќе се престанат да капат славните барем на катот кај студиото, дали ќе се исчисти сметот… Во брзање се случуваа и пропусти.

Најчесто забораваа да ја префарбаат внатрешноста на лифтовите, кои беа главни носачи на графити напишани од вработените до раководството на куќата. Во такви пригоди, високите гости во лифтот се „информираа“ дека раководството што ги пречекало на влезот е „арамиско“, водителот кретен“, уредникот „шапшал“

Фактички, надојдениот Вардар остана без решеткаста брана – онаа која овозможува непречен протек на водената маса, но ослободена од одрони, камења, суви гранки и секаков смет насобран по патот на водената стихија

Не знам каква била овојпат ситуацијата на молерски план, ама во суштинскиот дел, не само што не е испишана историја, туку таа ни се повтори како трагедија. Заслужен за ваквиот резултат (според еден, но клучен сегмент) е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Дојде полн со енергија и елан да дебатира, да го „растури“ опонентот и да ги апсорбира симпатиите на гледачите (гласачите) на своја адреса.

Легитимно. Но, како и секогаш, ѓаволот се крие во деталите. Говорникот треба да изнајде мерка како најефектно да ги соопшти неговите главни пораки, а притоа да избегне речник или изрази типични за водач на навивачка група, да процени дали се поважни аргументите од децибелите, a естрадниот призвук од дигнитетот. Тоа е едното ниво.

Второто, всушност најважното во случајот на лидерот на најголемата опозициска партија, е во дискусијата за сите теми и дилеми да покаже зошто беше неопходно реформирање на ВМРО-ДПМНЕ и кои се придобивките од избор на ново партиско раководство.

Токму на тој план Мицкоски требаше да биде надојден како Вардар. И тој навистина надојде, ама со себе го донесе и сиот шут заради кој неговата партија пред една година беше исшутирана во опозиција. Тој не направи никаква дистанца од претходната состојба, ниту објасни кои активности од тој период партијата ги смета за добри и за нив ќе овозможи континуитет, а за кои – дисконтинуитет.

Фактички, надојдениот Вардар остана без решеткаста брана – онаа која овозможува непречен протек на водената маса, но ослободена од одрони, камења, суви гранки и секаков смет насобран по патот на водената стихија.

Како граѓаните да очекуваат силна опозиција на власта, ако таа не само што не ги утврдила старите слабости, туку истите ги легализира и ги имплантира како нови предности? Патем, ова не е проблем само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на целото општество.

Дали партијата навистина е несвесна дека и во нејзината нова „експедиција“ е инфилтриран „осмиот патник“ кој со неговите политики во изминатата деценија речиси го урниса бродот „Македонија“, или Мицкоски од нему познати причини широкоградо му оставил простор повторно да се довлечка до партискиот кокпит?   

И двете претпоставки не носат ништо добро за опозицијата, ни за земјата, особено во овие клучни месеци. Реинкарнацијата на сите девијантни практики, нивното бранење на неказнивоста под паролата „политички прогон“, нивното реинсталирање на сцената преку ламентирање за „подобри времиња што ќе дојдат утре“, се враќање на стара погубна матрица која неаргументирано и бессрамно бара јавна поддршка.

Поривот „осмиот патник“ да биде заштитуван партиски, може да биде поттикнат исклучиво од сознанието дека одговорноста на тоа лице не може да оди подалеку од неговиот плиток политички ум. Само и единствено во оваа смисла има „логика“  легализирањето на политиките на бившото раководство. Второто име на ваквата постапка е „солидаризирање заради (само)сожалување“.  

Оттука, според прикажаното на дуелот, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ засега извлекло само една „поука“ од минатото: да не ги открива јавно своите вистински намери. Откако партијата драматично ги наруши односите со меѓународната заедница во периодот 2015-2016 година, сега се обидува таа грешка да ја закрпи, но за жал, изгледа само на фразеолошко ниво. Тврди дека партиски приоритет е интеграцијата во ЕУ и НАТО, но од друга страна, не понуди ниту еден доказ дека и во практика работи на тој план.

Според прикажаното на дуелот, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ засега извлекло само една „поука“ од минатото: да не ги открива јавно своите вистински намери

Разговорите за името ги подведува под терминот „капитулација“, но не дава предлози за „некапитулантски решенија“. Ниту пак покажува свест за фактот дека во ЕУ и НАТО не може да се оди со политиките на „осмиот патник“, кој бара леталото да се приземји на аеродромот Шереметјево, со „алтернатива“ во Внуково, Домодедово или Остафјево…

Ова е крупен аларм и за власта. Во моментов на сцена не функционира формула за демонтирање на сите рецидиви на претходниот режим, а прашање е и дали се само рецидиви или негови многу функционални сегменти? Од начинот на кој се кочат одредени важни институционални постапки, поверојатно е дека е во прашање второво, што покажува дека тој механизам е проектиран својата разорна мисија да ја продолжи во недоглед.

И не е прашањето дали тој ќе ја изеде само можноста на ВМРО-ДПМНЕ за автентичен излез од мочуриштето, или колку змиски гнезда ќе произведе во власта на Заев. Туку, колкаво количество „новичок“ е подметнато под кваката на Македонија, за да се контаминира секој нејзин обид за отворање на вратата кон НАТО.   

Ако Мицкоски и партијата се навистина загрижени за иднината на Македонија – економска, интегративна, реформска, внатрешна, еден мал „про боно“ совет: Прво мора да дадат јасен одговор како ќе се изборат со овие внатрешни предизвици, пред да бидат доброволно совладани од „осмиот патник“.

Второ, треба јасно да покажат дека партијата го покрила контаминираниот терен со дебел слој на хумус, на кој би израснале нови, оштествено нетоксични политики, и млади политичари неоптоварени од деспотизам, поделби и лукративни цели. Дури тогаш ќе може да се надеваат дека еден ден Вардар ќе надојде и на нивната воденица. Или хидроцентрала.