Отворено писмо до Димитар Богов

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Гувернерот на една централна банка не треба да се грижи само за монетарната политика и за банкарскиот систем, туку и за општото добро, зашто тој е прво човек, а потоа гувернер.

Драг Димитар,

Вчера прочитав дека Народна банка распишала тендер од 35 милиони евра за градење на новата зграда, која треба да биде „барокна“ и да се наоѓа на просторот помеѓу Министерството за надворешни работи и Македонската опера и балет.

Знам добро дека зградата е планирана одамна. Сме зборувале за тоа и лично. Знам дека локацијата и изгледот на зградата ѝ се доделени на Народна банка од страна на Владата. Добро ми се познати и аргументите за градење нова зграда. Знам дека сега цела една дирекција работи во посебна зграда, што влијае лошо на организацискиот дух, а ја отежнува и комуникацијата и соработката меѓу вработените. Знам и дека канализацијата и климатизацијата во постојната зграда се лоши, дека покривот протекува… Впрочем, моето биро беше двапати поплавено летото 2014 година.

Но, знам и дека 14 проценти од домаќинствата во Македонија живеат во живеалишта во кои покривот протекува. Знам и дека здравството во оваа држава е најлошото во Европа, во најголема мера заради недостатокот на финансии. Знам и дека со 35 милиони евра, колку што изнесува проценетата вредност на договорот, би можел да се изгради целосно нов современ клинички центар. Во таква ситуација, градењето на зградава не би било ништо друго туку трошење на чоколада, во ситуација кога немаме леб.

Знам и дека Скопје е еден од најзагадените градови на светот, главно заради немањето доволно зелени површини во градот. За да се изгради новата зграда помеѓу Министерството за надворешни работи и Македонската опера и балет ќе треба да се уништи она малку зеленило што остана на тој простор. Дополнително ќе се пренатрупа тој простор и целосно ќе се затвори зградата на Македонската опера и балет, зграда која претставува своевиден симбол на модерно Скопје.

Конечно, со градење „барокна“ зграда на тој простор, Народна банка де факто ќе стане соучесник во проектот „Скопје 2014“, проект за кој две третини од населението во Македонија има негативно мислење, а го осудуваат веројатно сите независни архитекти во Македонија. За разлика од таа нова зграда, постојната зграда на Народна банка, проектирана од еден од најпознатите светски архитекти, Кензо Танге, е несомнено еден од најпрепознатливите архитектонски објекти во Скопје. Освен архитектонското значење, таа има и големо емотивно значење за сите нас, зашто е неизбришливо врежана во нашите срца, како симбол на солидарноста која го изгради Скопје по земјотресот.

Заради сево ова, те повикувам да го запреш тендерот за градење на новата зграда.

Гувернерот на една цетрална банка не треба да се грижи само за монетарната политика и за банкарскиот систем туку и за општото добро, зашто тој е прво човек, а потоа гувернер. Гувернерот треба да е човек кој поседува висок личен интегритет, а тоа значи – да знае да каже „НЕ“ кога ќе треба. Гувернерот треба да е разумен човек, што значи – да знае да ги ислуша аргументите и на база на нив да донесе одлука, колку и таа да е тешка.

Иако за многу работи не сме се согласувале, сепак те помнам како човек кој знае да сослуша аргументи и да каже „НЕ“. Сега е времето да се покажеш, за и другите да те помнат како таков.

Бранимир Јовановиќ,

Поранешен вработен во Народна банка