Пирани и тирани

Колумна на Сашо Кокаланов

Ме буди синоќа Перо во ниедно време за да ми раскажел нов виц што деновиве се вртел кај нив во партија.

– Се враќа – ми вели – сопруг дома од службен пат и гледа силуета на маж под чаршафот во брачниот кревет.

– Овде во креветов има тело – ѝ вели бесно мажот на жената.

– Какво тело? А, ова под чаршафот? Не се секирај, злато, ова е ад хок тело, ќе си оди по изборите.

Киселото, извештачено смеење што го чу Перо вмровецот во слушалката доаѓаше од мене. Во два по полноќ некако најтешко ми паѓаат политички некоректни шеги на сметка на ад хок телото, зашто кога сум во прв сон, телото е секогаш комплетирано и си ги извршува своите законски предвидени обврски. Но, кој да се расправа со Перо во тие ситни саати дека во нормалниот свет исмевањето со нечие тело, таканараченото body shaming е веома врло некултурна работа.

Со Перо имаме извесни политички несогласувања, кои не се мали, за волја на вистината знаеле да ескалираат и во повеќемесечни внатрекафеански политички кризи, но во моментов делиме една заедничка цел – избори на 11 декември. И сега кога и јас и тој имаме непречен поглед кон нашата цел, кога нацијата како утринско сонце ја огреа веста дека конечно може да се оствари вековниот сон на секој Македонец за комплетирано ад хок тело и нови парламентарни избори, се појавија тие – пираните во Дојранското Езеро.

Таква е проклетата судбината на македонскиот народ. Да не можеш да се израдуваш ко човек. Не дека ова со изборите е готова работа за да се радуваме предвреме; искрено, не би ставил рака во Дојранско Езеро дека сигурно ќе ги има на 11 декември, но не мораше баш сега во овие критични моменти за иднината на земјата да нѐ пресече ова со пираните.

– Што да ве послужиме за ручек? Имаме шарска плескавица, охридска пастрмка или дојранска пирана? – ќе му ги оттргне газдата на кафеаната мислите од изборни теми на гостинот.

– А таа пираната, тазе ви е?

– Сабајле ја донесоа од Дојран. Капиталец.

– А ад хок е фатена? Да не е товена во аквариум на Институтот отворено општество?

– Види, езерска е – му се доверува газдата – само да знаеш не е оригинал пирана, некој подвид од фамилијата, прв братучед на таа познатата, плус – му се приближува и му шепоти во доверба – меѓу нас, не е баш нај нај со забите… горната шестка ѝ е пломбирана и има кариес на осумката долу.

– Дај ми шарска тогаш.

Ете ти, и со пираниве ист к’смет, ќе си помисли гостинот, таман ќе помислиш дека во државава е уловен прав капиталец, а тоа да ти бил првиот братучед.

Ете ти, и со пираниве ист к’смет, ќе си помисли гостинот, таман ќе помислиш дека во државава е уловен прав капиталец, а тоа да ти бил првиот братучед.

Сепак, да им ја оставиме биологијата на политичарите. Да си се распрашаме ние, за секој случај, кое вино оди со пирана.

Бездруго, ова со пираните ќе ни го пополни времето помеѓу два концерта на Аца Лукас. Се разбира, ние ниту на оваа тема, како впрочем и на повеќето други, нема да ѝ пристапиме барајќи компетентни објаснувања и одговорност туку како публика на политички спектакл. Ние сме безнадежно уловени во мрежата на политичкото реално шоу што ни го приредува оној што добро нѐ проценил дека не сме „за озбилно“ туку за забава. Ако некој навистина се загрижил, би требало да го смири веста дека „градоначалникот Борче Стамов ги пријавил рибите во полиција“. Полицијата сега несомнено ќе постапи согласно правилата на службата – ќе почне со идентификација на сите риби за кои постои основано сомнение дека се пирани.

Туку, тоа што ме импресионира кај секој припадник на овој ендемски вид фауна од семејството без’рбетни цицачи (на јавни пари) е што чека изјавите да му ги напише партиската централа, иако канцеларијата му е на самиот брег и буквално од прозорeц може да се распраша кај рибарите што се случува. Се разбира дека во централата си имаат крупни риби за ловење, а и што знае Скопје што се дојрански пирани. Па ќе почне една хаотична одбрана во која вистината што навистина се случило не е целта на уловот туку на јадицата е навлечен црвот на паранојата што треба сите да го голтнеме за да се фатиме во мрежата од која потоа нема излегување.

Во еден ден чувме и дека воопшто немало никакви пирани, сѐ било хајка против Дојран, подоцна – имало пирани, ама не биле опасни оти се од добра фамилија, за следно (веројатно не и последно) да ни соопштат дека рибиве и не биле баш толку фини, знаеле и да гризнат ако ги провоцираш, но сите индикации се дека ги пуштил Сорос. Кај и да е, официјалната верзија ќе мутира во нешто четврто – на пример, дека се навистина пирани, јадат луѓе, ги пуштил Сорос, но општината гарантира дека сончањето на плажа е безбедно, зашто овој вид пирани никогаш не напаѓа на суво.

СДСМ навистина нема програма, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, на пример, која има повеќе програми – Сител, Канал 5, МТВ, Алфа, Нова.

Се разбира, ќе се јават и такви сомнежи дека некој сака со пираните да ни го оттргне вниманието од тираните. Но, не пие народот нафта (додуша знаат да пивнат вода од Дојранско), повеќето ќе се согласат околу најлогичната претпоставка дека пираните се злоупотребени за да се дефокусира вниманието на јавноста од тоа дека СДСМ нема програма.

И, секако, ќе бидат во право. СДСМ навистина нема програма, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, на пример, која има повеќе програми – Сител, Канал 5, МТВ, Алфа, Нова… При ваков дисбаланс на програми, и за пираните ќе се смисли некакво ад хок решение. На пример, на секои два крапа, да има по две пирани, а потоа заедно да се договорат дали да преживее и една црвеноперка.

Малку ми пречи тоа што сите зборуваат за Македонци каснати од пирана, а никој не се грижи за пираните што ги каснаале Македонци. Тие риби се изложени на повеќе опасни вируси, од кои најопасен е вирусот на самоуништувањето. Ако рибата заболи во блага форма, се појавуваат само симптоми на неутралност, таа губи интерес за храна и за политика, одбива да гласа на избори и на долг рок угинува. Најсреќните примероци ќе избегаат во странски води, но тоа оди тешко, зашто никој не те прима кога ќе чуе дека си пирана од Македонија. Во полоши случаи, вирусот може да биде кобен по рибата и таа трајно да се насели во Македонија и да почне да гласа, но постојано за погрешна партија.

Во целава приказна ми недостига само еден мал детаљ: Груевски да ја прекине лидерската средба и итно да допатува во Дојран. Да ги искара Емил Димитриев и Борче Стамов пред камери и самиот да се фати за трска. Се разбира, порталите блиски на Сорос и СДСМ и твитерџиите пак ќе „цепидлачат“ дека трската ја држел наопаку – за потенкиот крај. Не знаат кутрите дека како и да ја фати Груевски трската, подебелиот крај секако ќе го извлече Македонија.