По кој пат?

Aгенцијата ТАСС е прва oд светските медиуми која отвора свое постојано дописништво од Меѓународната вселенска станица. Барбадос е првата земја во светот што потпиша договор за основање дигитална амбасада во метаверзумот.

А Македонија останува земја која сите „вселенски“ исчекори со години ги решава на едно место – во метаверзумот на Клубот на пратениците. Тоа мало катче од социјалистички тип, кое со години ги крие тајните за финалето на еден куп меѓународно посредувани договори за излез од разни кризи, и денеска е главен политички епицентар: ќе се преговара за мнозинство.

Не знам дали тоа ќе биде видливо од Меѓународната вселенска станица, иако би требало, зашто тоа е контурата на нашиот скициран кинески ѕид под кој се врши основното разврстување: според приврзаноста на пратениците „за“ или „против“ стабилно мнозинство, пред евентуална деблокада на бугарското вето.

Сѐ додека власта верува дека за неа поминало најлошото, и во таа сметка не ги калкулира очекувањата на граѓаните, гази на гнила штица

Притоа, треба да е јасно дека мнозинство не значи само обезбедување доволен број пратенички гласови, туку и усогласување куп различни интереси, бидејќи гласовите се средство, a нивната цел е задоволување на интересите.

Најголем проблем е кога процесот на обезбедување мнозинство се претвора во цел сама за себе. Тој процес толку се развлече, небаре земјава спокојно ги живее златните години на развој и стандард, а не стресното секојдневие меѓу два пада на некој од блоковите во РЕК или краток прекин во ХЕЦ Вруток, растечките цени и галопирачките биланси на заразени и жртви на ковид-19.

Нема поента да се нагласува ургентната потреба од мнозинство заради справување со сите овие проблеми, ако ниедна од тие жешки теми не стана подоминантна од интригите со, и околу мнозинството. Овој манир рефлектира дека пораката од последните избори е примена, но изгледа не е правилно разбрана.

Таа порака инсистира на работа и резултати. Фемкањето околу мнозинството не е клучната работа што ја очекуваат граѓаните. Ниту, пак, формирањето мнозинство само по себе ќе донесе резултат ако целите се сведат на парола, а не на ефективна содржина.

Пораката е: не треба парадирање со пoими за приоритети, туку работа на тие приоритети, сега, веднаш. Разликата меѓу едното и другото ќе покаже дали сите сили се ставени во погон за работа, или тоа е само алиби за одбрана на супстанцата на власта.

Почетокот на преговорите со ЕУ е важен, но не може да биде претворен во интеграциски тотем, во чија чест ќе се принесуваат пратенички „жртви“. Тој почеток, покрај тоа што зависи од паѓање на бугарското вето, најмногу зависи од деблокада на ветото што сами си го ставаме, меѓу другото и со замижување пред некомпетентни лица нa важни места, а сето тоа во име на големата цел.

Колку кадровски „полуфабрикати“ ќе мора да бидат устоличени во име на зголеменото мнозинство, со утеха дека целта ги оправдува средствата? И колку внатрешни макијавелистички прелети по глава на жител ќе се сметаат за „нормални“ на ова ниво од македонската демократија, операционализирана на балкански начин?

Најкраткиот пат обично станува најдолг, честопати погрешен, а во многу случаи и без можност за враќање

Јасно е дека нема бесплатен ручек. Приказните за лични интроспективни пресврти, од типот „сега кој, ако не јас?“, и протагонисти кои преку изразена „свест за важноста на моментот“ ќе си ги зголемат шансите за бришење разни одговорности (можеби и кривични), е неповолен данок што ќе го плаќаме на долг рок.

А политичката криза во земјава ги отвори сите варијанти токму за играње со такви карти. Окрупнувањето на мнозинството може да стане добро покритие за оние кои својата лична неприлика ќе решат да ја претворат во корисна прилика за државата, и во носечки вектор за кариера каква што не би можеле ни да замислат кога нештата овде би се одвивале според морални и демократски принципи, а не во натпревар за што повисоко ниво на несанкционирана и наградена неодговорност.

Токму од замижување пред вакви манири во „клучни историски моменти“ сведочиме на конкретни апсурди: власта да е најфрагилна и најразвластена додека е на власт. Да ја потроши сета политичка моќ за самата да си предизвика немоќ. Да ја води државата на начин кој ќе ја претвори власта во прва жртва на сопствените постапки. И згора на тоа – да продолжува во истиот манир.

Не е тоа ни карма, ни иронија. Тоа е длабок системски цинизам, нус продукт на концептот „само ова нека помине, после ќе му ја мислиме“.

Сѐ додека власта верува дека за неа поминало најлошото, и во таа сметка не ги калкулира очекувањата на граѓаните, гази на гнила штица. Додека таа губи драгоцено време во тактики и преговори, опозицијата си избра многу мудра стратегија: нема да протестира, нема да блокира, ќе биде на терен со новоизбраните градоначалници, ќе промовира нови проекти во локалните заедници и ќе мобилизира мнозинство на долг рок.

Накусо, опозицијата инсталира јавно „огледало“ и им порачува на граѓаните – гледајте и правете разлика. Остава да се види дали има кој да ѝ парира и врз основа на тоа – кои политички субјекти ќе бидат препознаени како „оперативци“, а кои како „рекреативци“.

Затоа, секој што тргнал со „кошницата“ во битка за мнозинство на краток или на долг рок, треба да има на ум еден познат факт. Тој што знае каде сака да стигне, треба да го избере вистинскиот, а не најкраткиот пат. Најкраткиот пат обично станува најдолг, честопати погрешен, а во многу случаи и без можност за враќање.