Поучна приказна за вакцините

Македонија повторно се дели по своето општествено ткиво. Овојпат за и против помпата што се крена за првата од двете транши вакцини што ги добивме, односно ќе ги добиеме од Србија. Дали беше неопходен толкав публицитет за „една кутија“ вакцини? Дали бројот на вакцините заслужува кревање толкава врева или на вакцините, што би се рекло, не треба во заби да им се гледа? Дали е тоа идеја на нашиот пи-ар или е задоволување на маркетиншките аспирации на српскиот претседател Александар Вучиќ? И така натаму.

Симболично или не, имунизацијата во Македонија започнува во среда, а тоа, како што нѐ учи искуството, нема да биде повод за некакво, ете, нека биде симболично, обележување на почетокот на крајот на пандемијата на ова парче земја, туку мотив на нови поделби: во првата линија на вакцинирани и невакцинирани, а во втората линија на ваксери и антиваксери. А тоа, како што сега стојат работите, ќе биде многу посериозно раслојување од гледањето сеир на политичката манифестност на приемот на вакцините.

Поделбата на вакцинирани и невакцинирани лесно може да се претвори во поделба на луѓе од прв и луѓе од втор ред. Иако Европската Унија децидно ја отфрли идејата за воведување таканаречени ковид-пасоши, Словенија веќе го олесни влезот во својата земја за тие што ќе покажат сертификат дека се вакцинирани или дека ја прележале болеста. Останатите ги чека карантин.

Дали човек треба да се вакцинира? Секако, затоа што е тоа единствениот здраворазумски одговор на пандемијата. Дали вакцината треба да биде задолжителна? Никако, затоа што, едноставно, не е здраворазумски законски да се наметнува здраворазумско решение

Во Франција дури се предлага на невакцинираните да им се забрани влез во кина, музеи, на спортски натпревари… Со оглед на бавното пристигнување на вакцините, ваквиот развој може само да ја зголеми нетрпеливоста меѓу луѓето, да предизвика вакцинирање „преку ред“, со еден збор да создаде „привилегирана вакцинирана класа“.

Од друга страна, реално е да се очекува нов многу посилен бран антиваксерство. Ту вакцините ќе го менуваат генетскиот код, ту ќе предизвикуваат стерилитет, ту ќе ги заразуваат луѓето со ХИВ вирусот… И сега, според некои неофицијални истражувања, едвај нешто над половина од македонските граѓани се подготвени да се имунизираат, а овој број со засилената антиваксерска кампања реално уште ќе се намалува.

Дали човек треба да се вакцинира? Секако, затоа што е тоа единствениот здраворазумски одговор на пандемијата. Дали вакцината треба да биде задолжителна? Никако, затоа што, едноставно, не е здраворазумски законски да се наметнува здраворазумско решение.

Мала дигресија на темата: Некаде кон крајот на април минатата година, во времето на најстрогите карантини и полициски часови, кога секој ден читавме вести како напредуваат вакцините за ковид-19, една странична вест на сите ни избега од вниманието, а таа гласеше дека Светската здравствена организација прогласи дека пет години по последниот регистриран случај, полиомелитисот, кај нас познат како детска парализа, е победен.

Не е ова само приказна за полио вакцината што спаси десетици милиони детски животи, туку многу повеќе приказна за антиваксерската хистерија во северна Нигерија, инаку светското жариште на веќе заборавената епидемија на полиомелитис од почетокот на овој век.

Имено, во таа 2003 година, Нигерија бележи околу 80 проценти од сите случаи на полиомелитис во Африка и речиси половина од сите случаи во светот. И тогаш движењето Боко Харам организира бојкот на западната медицина и на „антисламската“ вакцина. Дати Баба Ахмед, тогашниот челник на Врховниот шеријатски совет на Нигерија, ќе каже дека „современите Хитлери од Америка и нејзините сојузници ги убиваат муслиманите, ставајќи во вакцините средства за стерилизација и ХИВ вирус“ (ви звучи познато?). Северните држави на федерална Нигерија, Кано, Замфара и Кадуна, мртви ладни пресметуваат дека жртвувањето на десетина деца е многу помала штета отколку стотина илјади муслимани и муслиманки да останат неплодни.

Две години трае бојкотот. Здравите деца се заклучуваат по собите, а болните по подрумите. Стручњаците на СЗО што ја водат кампањата за имунизација, се бркаат со оружје. Луѓето се убедуваат дека детската парализа секогаш постоела, дека се лекува со традиционална медицина и со читање молитви. Значи, дури две години подоцна, кога полиото е речиси целосно победено во целиот свет (Македонија е прогласена за полио-фри земја во 2002 година, а денес има уште спорадични случаи во Пакистан и во Авганистан), кога бројот на заболени деца расте дури шестпати повеќе, верските водачи и останатите „инфлуенсери“ им се смилуваат на своите деца и дозволуваат вакцина. Но, само ако имунизацијата ја прават – лекари од Индонезија!

Има некоја космичка правда што цела Европа сите свои надежи буквално ги полага на вакцината на брачната двојка Озлем Туречи и Угур Сахин, кои ако случајно денес се појавеа на нејзините граници, ќе им беа одземени мобилните телефони и парите, квалитетно ќе беа измрцварени и на крајот вратени во нивната Азија

Се разбира, освен кај исламските духовници, дел од причините за антиваксерската кампања треба да се бараат и во западната антиисламска хистерија што настана по 11 септември 2001 година, но и во денес веќе заборавената афера од 1996 година, кога американската фармацевтска компанија „Фајзер“ (оваа истата, со чии вакцини ќе започне нашата имунизација), токму во тие краишта ја тестираше својата експериментална вакцина против менингитис што предизвика смрт на 11 деца. „Фајзер“, 15 години подоцна, на родителите на починатите деца им исплати по 150.000 долари отштета.

Како и да е, денес оваа антиваксерска хистерија се учи на повеќето светски универзитети, како некој вид „студија на случај“, затоа што не е поучна само за Нигерија, туку и за некои други земји, кои сега нема да ги споменам.

Дали јас би се вакцинирал? Да, секако. Затоа што, освен што е здраворазумски, тоа во контекст на ковид-19 денес е и пристојно. Едноставно, непристојно е мојот личен вирус да помине на некој мој близок, па дури и неблизок.

Со која вакцина би сакал да се вакцинирам? Сосема ми е сеедно, ако авторитетите кажат дека таа вакцина е добра. Но, и покрај сѐ, некако најдрага ми е токму фајзеровата, односно на „Фајзер-Бионтек“, затоа што зад неа стои брачната двојка Озлем Туречи и Угур Сахин. Иако и двајцата влегуваат на списокот на стоте најбогати Германци, значи влегуваат во слојот кон кој не чувствувам никаква општествена солидарност, самиот факт што се од турско, односно мигрантско потекло ми се чини како доволна причина да имам целосна доверба.

Има, велам, некоја космичка правда што цела Европа сите свои надежи буквално ги полага на овие мигранти, кои ако случајно денес се појавеа на нејзините граници, ќе им беа одземени мобилните телефони и парите, квалитетно ќе беа измрцварени и на крајот вратени во нивната Азија.

Ете, затоа, што би рекле од Министерството за здравство, „успешно изразив намера за вакцинација“ (без оглед што ова „изразување намера“ буквално ме чинеше два и пол дена губење нерви над мојот компјутер) и сега чекам да се вакцинирам првпат од времето кога служев воен рок.