Позитивни на негативност

Да не се појавеше на скопскиот плоштад, ќе немавме со што да ја пополниме идејната пустина што завладеала со сите нас. Доволно беше едно „бентли“, и ете, денот помина во дебата – дали, освен парична казна, ќе има и кривична пријава?

Бидејќи сѐ друго „е во ред“, цела земја се занимава со неизживеан пробисвет, кој решил и низ плоштадот да направи дефиле на сопствените комплекси, спакувани во луксузно возило.

Не е ова единствен пример кон кој се свртени сите рефлектори. Таму каде што животот поминува низ сцили и харибди, каде што нема гламур, конјуктура за дневна доза сеир, озборувања и критики, камерите се исклучени.

На денот кога почина најмладата медицинска сестра, жртва на ковид-19, и не само таа, некои угостителски објекти работеа прекувремено, па мораше да интервенираат инспектори. Teшко е разбирлива причината за масовни забави во ова време-невреме.

А кога мамурлакот и бегањето низ прозорци ќе заврши, прва на дофат е тастатурата за да почне големото морализирање кон сите што не ги почитуваат мерките, поткрепено со тажни емотикони по секоја нова бројка на заразени или починати. 

Бидејќи сѐ друго „е во ред“, цела земја се занимава со неизживеан пробисвет, кој решил и низ плоштадот да направи дефиле на сопствените комплекси, спакувани во луксузно возило

Позитивни сме на сите тестови за лицемерие, бесчувствителност и неодговорност. Одамна ги изгубив илузиите дека корона-кризата најбргу може да ги разбуди политичарите и да ги врати вистинските теми на прво место. Дека посилно од која партиска програма ќе го издвои битното од небитното.

Ама не е само до политичарите. До сите е. До чувството на лична одговорност, до чувството за доброто на колективитетот, за солидарност, споделување. Го нема тоа. Или во многу минимални дози.

Колку болни, немоќни и осамени минуваат денови, без никој да им подаде рака? Знаете ли колку луѓе не можат ни телефон да свртат за да побараат помош? Има ли институции што водат сметка за нив, имаат ли соседи, има ли искра на хуманост, грижа за другиот? Многу малку. Таа ноншалантност и дебелокожност не говори добро за нас.

Доминира неподносливата леснотија на хедонизам и себичност, во време кога повеќе од сите новогодишни декорации најмногу „светат“ болничките соби… Така е и на денешниот католички Божик, а нема знаци дека нешто ќе се смени за православниот и за новогодишните празници.  

Едни плачат дека нема „клексан“. Други тоа воопшто не ги засега. Важно е што му рекол Петко на Трајко, кој кого исплукал на социјалните мрежи, кој направил подобар пи-ар, како ќе помине јунакот со „бентли“ во Обвинителството, какво „бентли“ ѝ подарил Паф Деди на мајка му за роденден, која фолкерка какви тетоважи има, што појадувала мачката на едикојси и други теми од клучно значење за животот.

Доминира неподносливата леснотија на хедонизам и себичност, во време кога повеќе од сите новогодишни декорации, најмногу „светат“ болничките соби

Знаеме за сѐ, но не знаеме дали новиот сој на вирусот пристигнал кај нас. Не знаеме дали се открива со ПЦР тест. Не знаеме дали оваа мутација е отпорна на вакцината. Ама знаеме што кажал Европеецот Каракачанов за вакцините што ќе ги донираат: ги давале за сонародници, бугарски граѓани што живеат во државите надвор од ЕУ. Добро е да знаеме дека во небугарски субјект не би требало да потече бугарска вакцина.

Не верувам дека ќе станеме мудри и ќе го игнорираме еднаш засекогаш и него, и неговото провокативно помакедончување на Исус, и сѐ друго што како коска ни се фрла во дворот за да се глодаме меѓу нас.

Кога би можеле да се погледнеме од дистанца, нема да ја бендисаме сликата што сами ја рефлектираме за себе. Поделени по разни линии, секој ден, во секој поглед, сѐ повеќе напредуваме во бетонирање на внатрешното неединство, ја храниме нашата Ахилова пета, ја надградуваме и максимално се поткопуваме.

Иако ситуацијата речиси една година не е „редовна“, туку прилично вонредна и од здравствен и од економски аспект, по целото прикажано поведение во изминатиов период, мислам дека го преценивме корона вирусот.

Ние сме поразорни од него, кон самите себе. Вирулентноста на нашата неодговорност е на највисоко ниво. Вакцината против тоа е само во нашите раце.