На вицепремиерот Артан Груби му се превртеле цревата кога доаѓал до Охрид и морал да застане кај премиерската вила за да се освежи, затоа што не се чувствувал добро. Така кажа тој. И му верувам.
Не само нему. Им се превртуваат цревата на сите што патуваат до Охрид, чекајќи го новиот автопат една деценија. Единствената разлика е што тие немаат пристап за освежување во премиерската вила.
Значи, што е тука ново? Ништо. „Освен“ што договорениот законски рок за изградба на автопатот истекува на 31 декември 2023 година. Притоа нема никаков абер од завршување на автопатот, а доаѓаат избори. Иде Дунав. И сега мора нешто да се прави.
Ако повторно се продолжи рокот со гласање нов анекс на договорот во Собранието, тоа ќе биде шести анекс. Владата ќе треба да објаснува како од 2017 година до денес не успеала да ги исправи сите „криви дрини“ што ѝ ги оставила претходната влада со тој договор.
А зборуваме за 40 километри автопат. Со голи раце да го трасираа, досега ќе требаше да биде завршен, но приказната е далеку од таков епилог
Тие криви дрини не беа малку, ама и годините што поминаа со лет во место, не се малку – шест. А од почетокот на Договорот – точно десет. А зборуваме за 40 километри автопат. Со голи раце да го трасираа, досега ќе требаше да биде завршен, но приказната е далеку од таков епилог.
И владата го знае тоа. Кога го знаела, зошто Ковачевски лани си ставаше трн во нога и ги уверуваше граѓаните дека во јануари 2024 ќе се возат по изграден автопат од Кичево до Охрид? Зошто беше онаа евтина претстава на партиски собир со граѓаните – „стани Благој (Бочварски) да те видат сите!“
Зошто премиерот бараше со аплаузи да го охрабрат министерот за транспорт, за да успеел до крајот на овој декември да означи успешен крај на проектот, доколку немало никакви реални изгледи за тоа.
Зошто Ковачевски лани уверуваше дека „конечно се работи и има напредок“, за сега да каже дека нема ни еден метар асфалт?
Нема логика да се разубавуваат работите, особено оние што не се матафизички, туку видливи со човечко око, особено, пак, ако им се ближи датумот за сечење лента. Тоа е само најкраткиот пат да се стигне од „ура“ до „уа“.
Таман замина во историјата предметот „Траекторија“, во кој поради измени во Кривичниот законик се намалија казните, па застареа и кривичните дела на обвинетите поврзани со изградба на „кинеските автопатишта“, а сега од првиот вицепремиер стигнуваат многу индикативни изјави. Спомнува „кривична постапка за погрешно проектирање“, но и „намерни грешки при проектирањето“.
Автопатот го нема, поминаа десет години, сумата од околу 400 милиони евра стигна над 600 милиони евра, а баш кога „Траекторија“ застаре, ни најавуваат дека ќе се „возиме“, не на нов автопат, туку на нови кривични пријави!
Изведувач, проектант, надзор, сите тие ќе бидат во големиот истражен барабан, кој треба да исфрли одговор – кој ја утнал работата. Груби вели „ако треба да се прекине Договорот и да се даде на луѓе што знаат да го направат патот“, а премиерот ќе бара ревизија на проектот од Државниот завод за ревизија.
Досега грижата за доцнењето во која било сфера обично одеше по линија на еден познат народен рефрен, кој најдобро ја опишува јаловоста на постојаното барање изговори: „Лошо време нè зафати, ситна роса зароси, силен ветер задува“ – затоа не стигнавме.
А баш кога „Траекторија“ застаре, ни најавуваат дека ќе се „возиме“, не на нов автопат, туку на нови кривични пријави!
Но, ДЗР веќе утврдил дека ефект врз пролонгирање на рокот во 2018, како и на неизвесноста за завршување на проектот во декември 2023 година, има работењето по застарени проекти, кои не ја отсликуваат реалната состојба на теренот; кои не се изработени од проектанти со меѓународно искуство; поради отсуството на контрола и надзор во фазата на проектирање; отсуството на тендерска постапка за утврдување на цените за градбата; некоординирано дејствување на институциите во постапката за одобрување инфраструктурни проекти и постапките за експропријација; поради комплексна правна рамка за измени во тек на градба; и непостоење мониторинг и надзор на имплементацијата на проектот.
Интересно е да се види и како е одобрено зголемување на вредноста на тунелот Пресека, која од 46 милиони евра стигнала до 121 милион евра, или е зголемена за 254 отсто од првично проектираната цена.
Да не се ближеше рокот (31 декември), никој немаше да го чеша јазикот на оваа тема. И да не беа изборите пред нас, никому од политичарите немаше да му се превртуваат цревата.
А, ако некој од надлежните навистина реши да истражува, сигурно ќе има многу работа. Но, и ако не се исполнат обврските по договорот, според ДЗР, постои ризик од спор во кој постои опасност од големи финансиски штети.
Со оглед на тоа, не е исклучено дека и прикажаното незадоволство од нашите политичари можеби има рок за употреба. И дека не е исклучено од „уа“ пак да се врати на „ура“ кога ќе помине бурата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија