Професионални професионалци

Петнаесет високи службеници од МВР биле отпуштени од работа затоа што незаконски издавале дозволи за поседување оружје, информираше во ТВ-интервју, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Неговиот претходник во ресорот, Оливер Спасовски вели дека тие откази се притисок и сеење страв кај сите вработени во МВР.

Чинот го опиша како дискриминација врз професионалци, полициски службеници, кои биле на високи функции за време на претходната власт, кои никогаш досега не биле ниту казнувани, ниту дисциплински гонети, а сите имале сертификати, некои од нив и НАТО сертификати.

Ако го тргнеме настрана аргументот за сертификатите, имајќи ги предвид примерите од праксата кој и како ги добивал нив, на полесен или на потежок начин, за кредибилитетот на лицата што добиле отказ сега јавноста треба „да суди“ низ две дијаметрално спротивставени изјави. А зошто? Зошто да нагаѓаме дали е реваншизам или оправдана постапка? Она што е нужно, е институционална транспарентност за целиот случај, многу повеќе од објаснување во ТВ-интервју.

Само истакнати

Исто како што под терминот „истакнат правник“ досега се спровнаа многу такви правници во судството и во обвинителството, па потоа им ја расплакаа мајката и сѐ уште им ја расплакуваат, така слична е состојбата и со употребата на терминот професионалец. Кај нас тој најчесто се користи кога номинирана личност за одредена позиција зад себе има колку-толку некаков стаж во одредена институција, но и кога под таа етикета вешто треба да се спровне и затскрие партиско решение, пријателски или семеен кадар.

Има многу анегдоти на оваа тема од нашето секојдневие.

– Што е кандидатот по професија?
– Професионалец. И тоа врвен.
– А во која област е врвен?
– Па, ви кажав, во професионализам.

Примерите кога навистина се работи за лица со повисок степен на знаења и стекнати вештини, се бројат на прсти. Ретките, кои навистина го заслужуваат тој епитет, дури и најмалку сакаат да се китат со него, особено во доминантното опкружување со квазипрофесионалци. Токму поради тоа, терминот „професионалец“, со текот на годините, кај нас го изгуби значењето. Во некои зрели демократии значи многу и значи нешто. Нам, ама баш ништо.

Тоа е резултат на учинокот на веќе видени гарнитури од професионалци во многу мандати и во многу институции, по кои ни трева не расте таму каде што поминале. Имаме еден куп институции што до денес сѐ уште не можат да закрепнат од преголемата доза професионализам на тие што наизменично управувале со нив.

Резултатите говорат

Не знаеме од каков „ков“ биле овие што добиле отказ, дали навистина го злоупотребиле дискрециското право да решаваат за издавање дозволи за поседување оружје преку ред, дали навистина немале никаква дамка во нивното работење и можеби само пречеле некои „професионалци“ да дојдат на нивните позиции. Не знаеме. Но, едно е јасно – секогаш кога нема да биде прекинат синџирот на замена на една партизација со друга, нема место објективно да се зборува за професионализам од ничија страна.

Ден, кога бомба експлодира во скопска Керамидница, а по период со серија вооружени инциденти и пресметки на криминални банди, никако не е добар избор за фалење со 15 откази по дисциплинска постапка. Но, тоа не му дава некаква „предност“ на Спасовски во критиките. Тој мора да биде свесен дека неговата одбрана на тие лица, дури и да е најаргументирана, сега се проверува низ јавниот филтер на остварените резултати.

На пример, низ резултатите за пробиени акции или за успешни акции, како на пример јануарската во скопско Грчец. По таа акција, тој велеше дека ќе бидеме „зачудени од имињата на лица од институции на државата“, кои ги пренесувале податоците и биле соработници на криминалните активности, а како што рече – ги имало од МВР, агенции, министерства, судови и од јавни обвинителства.

Не ги дочекавме тие имиња во неговиот мандат. Можеби предистрагата на обвинителството не одела со соодветна брзина, но еве пред две недели беа приведени двајца поранешни главни инспектори што пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност. Ете и тие, веројатно, биле сметани за професионалци штом своевремено станале главни инспектори.

Кога се издадоа пасоши на над 200 белосветски криминалци, тоа сигурно не можело да помине без одобрување на шефовите -професионалци, ама за случајот беа осудени пониски службеници. Кога на таков начин ќе се релативизира или поточно ќе се урниса значењето на професионализмот, тој потоа тешко може да се користи како аргументација, бидејќи веќе е изгубена довербата. Затоа, и овој, и секој друг случај, не се за реплицирање преку прес-конференции или ТВ-настапи.

Нужна е целосна транспарентност, со сите детали, докази и аргументи. Не само заради тие 15 лица. Министрите доаѓаат и си заминуваат, довербата на граѓаните во институциите мора да остане. А кај нас прво треба да се врати.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија