1.
Први мај, некогаш и денес. Навидум сè е сменето. Будимпешта, Солун, Банско, Азурна обала, Барселона ни се новите Хиподром, Сарај, Треска, Матка, Водно, Скопска Црна Гора, Марков манастир… Се сменија времињата, се сменија и излетничките места. Единствено што остана непроменето е навиката празникот на трудот Први мај да го прославуваме со што помалку труд.
Штрајковите, и кога ги имало, биле реда ради. Всушност, Први мај бил отсекогаш антоним за најрадикаланата форма на штрајк – штрајкот со глад. Тоа било ден за добра клопа и прекумерно наливање со пиво, шприцер, ракија и кока-кола.
Го усвоивме она феминистичко кредо од 8 Март, кога припадничките на поубавиот пол велат дека не го признаваат празникот зашто секој ден треба да е ден на жената, а не само еден ден годишно. И одат овој жесток револуционерен став да го прослават во кафеана. Па, така и ние од работничката класа. Сетики секој ден ни е ден за борба за повеќе работнички права, 1 Мај може малку да се одмориме од таа исцрпувачка секојдневна борба.
2.
А кога јулијанските и грегоријанските календари ни се благонаклонети, дури атеистичкиве и теистичкиве празници толку многу се доближуваат што со мал зафат од одморот може и да се спојат. Има ли поубав спој од тој кога од варено јајце, преку печено јагне дирекно преоѓаш на печено прасе, со јаболко во устата за да се задоволат и вкусовите на работниците-вегетаријанци…
3.
Пролетеријатот, затоа, сега има ново орудие во рацете – Твитер. Да твитнеш нешто за минимална плата или за неплатена прекумерна работа или за алчноста на богатите можеш и од хотелска соба и од спа-центар и додека стоиш простум пред отворената врата од празниот фрижидер.
Сите сме еднакви пред Твитер, така што најважното начело на борбата за социјална правда е исполнето.
4.
А годинава имаме првичина повеќе да не излеземе на правомајски марш. За да не го изгазиме тазе посланиот асфалт за папата. Што би било исклучително глупав и контрапродуктивен чекор за работниците. Зашто папата е пратеник на Господ, а само Господ знае кога следен пат ќе земеме плата.
5.
Но, ова навистина не е обичен Први мај.
Како никогаш досега, жежок е и возбудлив. Не само поради тоа што Папата конечно реши да стапне на светата македонска земја, 33 пати спомната во Библијата. Дури би рекол и најмалку поради тоа. Папа ко папа. Ние веќе имавме еден, па едвај го пензиониравме и сега му даваме доживотна пензија како бивш папа.
Други се причините зошто никогаш не било толку врело за празников. Имено, што поради зовриените изборни страсти меѓу двата претседателски круга, со историска неизвесност, не само резултатска на двајцата финалисти, ами и цензусна, што поради подгреаните надежи дека ќе добие датум за преговори со ЕУ.
Веќе толку долго го чекаме тој фамозен датум што полека и незабележливо ни се всади во потсвеста и во народните верувања и суеверија. Чекајќи го датумот, како да го чекаме Годо. Веќе и забораваме зошто ни е важен, само нека дојде конечно тој проклет датум.
Се движите низ населба и слушате како еден пензионер му вели на друг: Ме врти коленото, ќе има датум. На пазарчето, продавач се плеска со раката по вратот обидувајќи се да ја отепа здодевната мува и мрмори: Касаат мувите, ќе има датум. Потаму пред супермаркетот стојат две жени. Едната си ја драпа раката и свечено објавува: Ме чеша левата рака, ќе има датум. Другата кивнува и додава: Жива вистина. На чешмичката деца испотени од играњето фудбал пијат вода, а едното мудро забележува: Ми игра окото, татко ми вика ќе имало датум.
Сите внимателно го следиме и астролошкиот календар. На чело со премиерот. Ако сè е во ред, Меркел, Макрон, Могерини и Меркур во јуни ќе влезат во куќата на Венера и ќе има датум.
Дај боже. Чул нè Господ.
6.
А ако даде Господ, ќе има и цензус. Ако има цензус, пак, ќе има и претседател. Чудо над чудата.
Иако, двајцава кандидати како да работат на тоа да го нема.
Стево ги освојува срцата на гласачите со тоа што ветува нови државни ордени. Верувам дека тие што останаа дома во првиот круг кога ќе слушнат дека ќе има ордени Киро Глигоров и Борис Трајковски, како потенцијални добитници на овие државни признанија, на 5 мај уште рано утрото ќе побрзаат на гласачките места да го дадат својот глас.
Единствено ми е малку криво што ќе нема и орден Ѓорѓе Иванов. Зошто да нема и орден за немешање во своите надлежности. Па, тие што не гласаат всушност најмногу таков орден заслужуваат – за немешање во своите граѓански надлежности.
Лејди Гога, пак, реши да ги придобие гласачите за кои, ако женава поседуваше и најмалку политички разум и логика, ќе знаеше дека не треба залудно да потроши ниту една калорија од со јога заштедената енергија – гласачите-револуционери. Тие се сè што таа не е (освен Апасиев секако).
Толку е дрска и безобразна, што ги повикува дури и шарените револуционери. Излезете на 5 мај, им вели. Некои гледам ѝ враќаат на социјалните мрежи – Тетке, ние излеговме на 5 мај, за убиството на Мартин Нешковски, она што не можеа да го сокријат, вие кај бевте тогаш? Стварно, професорке Лејди Гога, вие како борец против неправди, борец за правда и правна држава, излеговте ли на 5 мај?
7.
Тоа што најмногу ми се допаѓа во финишов на кампањиве, како циничен и комичен елемент, е што сите повикуваат на разумот, совеста и свеста на гласачите. Да ви кажам нешто, ама меѓу нас нека остане, да имаше овој народ два грама разум, совест и особено свест – плата, здравје и бериќет немаше да чека од Господ, правда и правна држава ќе имаше толку многу што Лејди Гога ќе немаше која партија да ја поддржи зашто ВМРО ќе беше одамна експонат во Музејот на ВМРО, Б.Ц. немаше да е папа ди тути папи, Стево ќе трчаше за втор мандат претседател, Хорхе никогаш немаше да стане шеф ниту на студии, а не пак на држава, а датумот немаше да ни зависи од добрата волја на тие на „М”….
И гласови ќе имаше за броење машала… Можеби не колку во Индонезија, каде што на изборите изминатиов викенд 270 членови на избирачки одбори починаа од премор како последица на долготрајното броење гласови, ама доволно колку за да не стрепиме за цензус.
Затоа баталете разум, совест и свест. Дајте нешто што се мачка на леб. Може и што се врти на ражен. Среќен Први мај.