Редовна состојба

По три децении плурализам, навистина е нејасно како некои опозициски партии сѐ уште не ја разбраа улогата што треба да ја има опозицијата во општеството. Ние сме веројатно една од ретките земји во кои таа улога сѐ уште се разбира и реализира на еден крајно тривијален начин: „Опозицијата да ѝ дише на власта во врат“ и „Опозицијата да ги критикува потезите на власта“.

И едното и другото не се спорни. Но, проблемот е што некои тоа го сфаќаат буквално. Да ѝ се дише на власта во врат, значи да се следат сите нејзини потези и одлуки, внимателно да се анализираат, да се увиди дали во нив има делови што се спротивни на јавниот и државниот интерес, тоа аргументирано да се презентира и на крајот – да се понуди предлог кој би ги исклучил потенцијалните дефекти што би настанале ако не се искоригира таа одлука/мерка/закон…

Во нашето секојдневие, овој пристап најчесто е ставен на „оff“, бидејќи бара време и напор, па се прибегнува кон втората опозициска „заповед“ – критикувај ја власта ан блок. Овој пристап се доживува како многу полесен, бидејќи не бара аналитички напор, се сведува на гребење по површината на проблемот, а се изразува исклучиво преку вербално одмерување на силите. Таа вербална офанзива се потпира врз шупливото уверување дека тој што ќе биде погласен и ќе изрече што потешки и посочни зборови за опонентот, ќе биде овенчан со ловорики/рејтинг во јавноста.

Кога опозицијата не освојува нова поддршка, а ја губи и постојната, тоа значи дека престанала да биде политички конкурентна и дека итно мора да го менува концептот на дејствување

Овој примордијален манир сѐ уште ја окупира, не само политичката сцена, туку и медиумските дебати што се ставени во ситуација да произведуваат повеќе децибели, циркус и конфузија, отколку да го издвојат каколот од житото и да обезбедат факти од кои јавноста треба да добие точни информации за одредена проблематика.

Ваквиот манир да се критикува сѐ и сешто, најчесто без аргументи, по извесен период се претвора во папагалска и бесполезна рутина, која ја презентира опозицијата како безидејна и некреативна. А кога власта ќе се соочи со слаба опозиција, може бргу да го изгуби рефлексот за одговорност, доколку наспроти себе има „контролор“ што не прави ништо друго, освен што бесполезно вреска. Со тоа штетата ќе станува двојна: слаба опозиција и арогантна власт.

Во старите демократии, колку што опозицијата ја контролира власта и ја критикува со аргументи, исто така и дава поддршка за одлуки од јавен интерес. Со тоа, секоја умна опозиција си гради аура на објективност: критикува кога треба и дава поддршка кога треба. Така се ослободува од етикетата за неселективна политичка еднодимензионалност, а постепено ја освојува довербата и на што повеќе граѓани/гласачи и од другата страна на политичкиот спектар. Но, најклучниот адут на секоја мудра и демократска опозиција е да биде политички конкурентна: секој предлог на власта да го дочека со свој, уште подобар од владејачкиот. Да се натпреварува со проекти и идеи, да ја делегитимира власта на теренот на понудата.

Не случајно се вели дека „од начинот на кој ќе го поминеш времето во опозиција, зависи колку бргу ќе станеш власт“. Кога опозицијата не освојува нова поддршка, а ја губи и постојната, тоа значи дека престанала да биде политички конкурентна и дека итно мора да го менува концептот на дејствување.

Односот власт – опозиција е како систем на сврзани садови: колку паѓа довербата кон едните, толку расте во другите. Но, ако политичката конкурентност отсуства кај сите, се губат сите релевантни адреси на кои граѓаните може да ја испорачаат нивната доверба кога ќе треба да избираат.

Се осврнувам на оваа тема по најавата дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за потврдување на петте одлуки на претседателот за вонредна состојба, иако и самите го повикаа да ги прогласи што поскоро. Притоа, сите забелешки на опозицијата се однесуваат на уредбите и мерките што ги донела техничката влада, во која и тие партиципираа со технички министри и заменици, кои гласаа за истите одлуки.

И покрај дволичната позиција од која опозицијата сега критикува, прашањето е зошто одлуките на претседателот и владините уредби ги става во ист кош? Тоа навестува еднократна популистичка врева, но не и аргументиран осврт на владините одлуки или евентуални постапки.

Патем, дали рејтингот на опозицијата ќе порасне ако го нарече претседателот „соучесник на мафијата на Заев, која функционира многу подобро и од најдобрите времиња кога функционирала најголемата мафија во светот ‘Коза ностра’?“ Со тешки зборови не се обезбедува рејтинг, но може да се изгуби уверливоста дека пред граѓаните стои современа и стабилна опозициска партија. Истото се однесува и за сегашните опозициски „протести заради протести“.

Со тешки зборови не се обезбедува рејтинг, но може да се изгуби уверливоста дека пред граѓаните стои современа и стабилна опозициска партија

Ако целта е да се надомести штетата од критиките во крајната десница дека опозицијата преспала цел еден период, особено дека никаде ја немало кога се менувало името, треба да биде свесна дека тој воз помина. Рејтинг не се обезбедува со ретроактивност кон завршени процеси, туку со антиципаторски потенцијал за пресретнување идни предизвици, кон кои опозицијата би се поставила и со аргументирана критика, но и со конструктивност.

Истото се однесува и за темата неселективна правда. Ако се искрени заложбите, треба да секнат тенденциите за отворање шалтери на кои би се делеле индулгенции за учесници во некои судски процеси, а кои потоа би можеле да бидат употребени и за пазарење или за порамнување на сметките на „двете страни“ во правдата сфатена на македонски начин.

Со популизам се потиснува и развојната и реформска супстанца. Опозицијата може да се оттргне од улогата на недораснат политички опонент, единствено ако направи разлика со темелна политичка конкурентност, а не преку дубиозни интерпретации.

Одговорноста на власта за состојбата во опозицијата, исто така, е огромна. Без оглед дали и колку во моментот опозицијата по дифолт е посветена на опструкции и на постојано „уа“, власта мора да инсистира на вклучување на опозицијата во сите важни процеси, бидејќи тоа е единствен начин за обострана еманципација, за потенцирање на важноста од политичката одговорност и за стеснување на просторот за евентуални недемократски тенденции.

Илустративно кажано, само со вклучено „светло“ се избива мракот кај тие на кои тој најмногу им одговара. И таквата инклузивност мора да стане поредовна состојба од критикуваните вонредни.