Референдум за избори

Што покажа референдумот, освен тоа дека повторно сме сите истовремено победници и поразени?

Има право премиерот Зоран Заев на одреден триумфализам затоа што, реално гледано, оние 600.000 гласачи навистина го претставуваат мнозинството на реалното гласачко тело во Македонија. Таа бројка е капитал, кој не може туку-така да се пренебрегне.

Од друга страна, тоа мнозинство никако не може да се нарече апсолутно, затоа што и бројката на тие што бојкотираа затоа што се против договорот (иако никогаш нема да дознаеме колкава е таа цифра во суштина) веројатно се брои во стотици илјади гласови, што исто така е политичка сила на која мора сериозно да се смета.

Се разбира, имаат право да се радуваат и поддржувачите на бојкотот на референдумот, затоа што ја исполнија својата основна цел – да не се постигне цензусот. Во таа, значи, формално-законска смисла, референдумот е невалиден. Иако, за волја на вистината, како што беше и претходно предупредувано, станува збор за консултативен референдум, чија основна цел е да се напипа пулсот на гласачкото тело и во таа насока да се водат политичките процеси.

Премиерот, впрочем, и најави дека ќе ја продолжи процедурата на исполнување на договорот, односно на менување на Уставот, токму врз база на неговата перцепција дека мнозинството од гласачкото тело е за прифаќање на спогодбата со Грција. Опозицијата, пак, ќе инсистира на оние две третини од македонските гласачи што не излегоа на референдум како релевантна цифра што го одразува вистинското расположение на гласачите.

Ние сме единствената земја на светот, во која претседателот на Собранието не можел да го искористи своето демократско право на гласање – затоа што го немало на избирачкиот список! А, притоа Собранието е иницијатор на спроведување на референдумот!

Со други зборови, доаѓаме до класичната дефиниција на политичка криза. А политичките кризи, како што знаеме, се решаваат на – избори. А избори, како што сега стојат работите, не му одговараат никому.

На позицијата не ѝ одговараат затоа што ги ризикува термините за конечно усвојување на договорот и продолжување по патот на евроатлантските интеграции, додека на опозицијата не ѝ одговараат затоа што сѐ уште не е консолидирана од судските процеси, но и од немањето никаков коалиционен капацитет за да може да смета на барем минимални шанси повторно да се врати на власт.

Не треба човек да биде Нострадамус, па да предвиди дека тактиката на опозицијата ќе биде опструирање на Парламентот и оневозможување по секоја цена да се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство за промена на Уставот, а притоа да се ескивираат предвремените избори. Но, да речеме дека на Заев ќе му успее да го обезбеди неопходното мнозинство, тогаш веројатно ќе ни се случи уште едно „случување на народот“, бидејќи, со оглед на емотивната набиеност на целото прашање, ВМРО-ДПМНЕ, ако не може да пронајде коалициони партнери, може да изведе на улица критична маса луѓе што ќе биде во состојба да изврши сериозен притисок врз институциите.

И повторно доаѓаме до најнепосакуваната варијанта – неизвесноста на изборите! Никој, на крајот на краиштата, не гарантира дека и изборите ќе ја решат кризата. Напротив. Можеби уште повеќе ќе ја закомплицираат.

А референдумот го покажа токму тоа – фабричката грешка во комплетниот изборен систем. Што се однесува до референдумското изјаснување, добивме практичен доказ дека бојкотот, иако легална, всушност е подла политичка тактика, далеку од демократските традиции и принципи. Имено, со него се овозможува малцинството да го диктира темпото на процесите, односно да владее врз мнозинството.

Бојкотот, иако легална, всушност е подла политичка тактика, далеку од демократските традиции и принципи. Со него се овозможува малцинството да го диктира темпото на процесите, односно да владее врз мнозинството

 Во спротивно, ако тие што бојкотираат навистина мислат дека се мнозинство, тогаш немаат причини за бојкот. Едноставно, ќе излезат и ќе го искажат својот став. Впрочем, дека тоа не е така, јасно покажува и изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, и самиот бојкотирач на референдумот, дека референдумското изјаснување не било да се предизвикаат предвремени избори и дека опозицијата сѐ уште не размислува во таа насока. Додуша за целиот овој период остана нејасно во која тоа насока размислува опозицијата?

Од друга страна, имаме еден нереален избирачки список, на кого фигурираат повеќе гласачи отколку што вкупно има резиденти во земјата. На тој список се наоѓаат сите странски спортисти што од осамостојувањето до денес добиле македонско државјанство, тука е на пример Раде Шербеџија, семејството на Субрата Рој, фамозните гласачи од Пустец и којзнае уште колку други живи и починати фантоми со релевантни македонски документи.

Веќе е очигледно дека Македонија нема ниту волја, ниту капацитет да го прочисти овој список, а како што сега стојат работите, нема повеќе ни време. Веројатно треба да се примени принципот на гласањето на дијаспората, односно британскиот принцип на таканареченото активно гласање – да имаат право на глас само тие што во одреден период ќе се пријават дека ќе гласаат.

Ова не е прашање само на бојкотот на референдумот и нереалните цензуси, туку пред сѐ на политичката култура – да не бидеме единствената земја на светот во која претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, ќе тврди дека сме спровеле „европски“ референдум со неколку „маргинални“ инциденти, во кои спаѓа и оневозможувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери да го искористи своето демократско право на гласање – затоа што го немало на избирачкиот список! А, притоа Собранието е иницијатор на спроведување на референдумот!

Заклучокот е неопходност од итни изборни реформи, вклучувајќи ги тука отворените листи, ревизија на изборните единици (една изборна единица), пријавување на избирачите итн. И истовремено распишување предвремени избори. Такви, на кои јасно ќе биде изразена волјата на реалното гласачко мнозинство.