Денес, 1 април, е значаен ден за државата: денес почнува една од најзрелите и историски најсериозните изборни кампањи, а денес почнува и најзрелата и историски најсериозната кампања во битката против пожарите! Шега, шега, се разбира. Во согласност со денот. И затоа што, како што читателот знае, денес во Македонија единствени сериозни се само – пожарите.
Кога сме веќе кај кампањите и пожарите, не очекувам (иако би требало) некои од колегите да ги прашаат претседателските кандидати каква стратегија мислат да употребат во битката против најверојатно подметнатата огнена стихија. Кога веќе никој не го прашува (сѐ уште) актуелниот претседател Ѓорге Иванов за оваа ситуација. Веројатно поаѓајќи од основната претпоставка дека ќе добие одговор во стилот на „еден разумен космодиск“.
Како што е познато, претседателот во Републиката во пепел и нема некои особени ингеренции, освен да прави политички смутови со (не)потпишување закони, аболиции и набавки на вратоврски со апликација на сопствениот лик. И, да, тој е – врховен командант на македонската армија!
До вчера, на пример, еден куп „патриоти“, главно собрани околу движењето „Бојкотирам“, кои се колнеа во „патриотскиот разум“ на Иванов и (пре)гласно го повикуваа да воведе вонредна состојба, денес кога земјата, и без прогласување, е во вонредна состојба, мудро молчат, токму како и нивниот политички гуру. Веројатно, во согласност, со својата политичка филозофија, ги бојкотираат и пожарите, мислејќи дека на тој начин не им даваат легитимитет и на тој начин ги минимализираат нивните штети. Или да се послужиме со нивната терминологија: пожарите се нелегално подметнати и како такви се ништовни!
Само во последните неколку години се опожарени два проценти од севкупната територија на државата. Еееј, од севкупната територија! А ако ве интересира, од шумскиот фонд се опожарени шест проценти. За останатото ќе се погрижат дрвокрадците
Но, да се вратиме ние на ингеренциите на онаа баба што се чешла додека селото гори. Значи, каде е, бре, таа војска? Повозрасните помнат дека немало помала или поголема природна или неприродна непогода – од одрон на камења до земјотреси и поплави – каде што војската не била вклучена во првите редови во санирањето на ситуацијата. И тоа зборуваме за обична војска, а не за војска што ги исполнува сите НАТО стандарди, за врвно обучени професионалци што се подготвени да одговорат на секоја задача и на секој предизвик што ќе излезе пред нив.
Мислам дека ова прашање нема да им биде поставено ниту на актуелните претседателски кандидати затоа што, од некои причини, и тие како да влегуваат во редот на бабите на кои им е помила фризурата, отколку помошта на селото во пламен.
Секако, не ги споредувам тука со нивниот претходник, инаку нивни колега по професурата на правните науки, бидејќи човекот е едноставно неспоредлив, туку го констатирам впечатокот дека станува збор за личности што покажуваат сериозен недостиг од енергија, а богами и на доволно артикулирани ставови, што во принцип и оди едно со друго.
Едноставно, станува збор за недоволно харизматични личности, кои веројатно не можат ни чесно да се испокараат меѓу себе, а ако тоа и го направат, ќе бидат уште понеубедливи отколку што се сега. Тој дел од кампањата најверојатно ќе им го препуштат на партии, кои, дал Господ, се прилично извештени во меѓусебното плукање. Со други зборови, очекувам една здодевна и безлична кампања, чија монотоност, за жал, може да ја прекине само некој нов подметнат пожар.
А нас, ете, многу повеќе нѐ интересира што ја прашал оној ага онаа баба, дали за Гоце Делчев или за Тодор Александров ја прашувал. И дали бабата се чешлала и зошто не!
Но, групата на баби со ангажман околу сопствените фризури не завршува тука. Напротив, можеме да говориме за цела една толпа баби. Тука секако влегува и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, оној славен Центар за справување со кризи, кој белки треба да ги координира акциите околу справувањето со пожарите, градоначалниците (особено фамозниот струшки градоначалник, со прилично изместени идеи околу приоритетите на општината), Министерството за внатрешни работи со својата неспособност да ги превенира потпалувачите, па ако сакате и оној несреќен Тунтев со среќна плата, кој повеќе се грижи за авионскиот комфор на премиерот, отколку, да кажеме, со идејата, наместо нов владин авион, да се набави еден канадер, на пример. На крајот на краиштата, тука влегува и целата Влада, која со своето индолентно однесување, како да не разбира дека тоа што пече под нивниот задник е пожар, а не сонце.
Во целото ова набројување, како некој вид фуснота, треба да се забележи и отсуството на Миленко Неделковски со неговите космичко-божјо-заговорнички теории. За потсетување, кога во Грција се случи онаа огнена трагедија, Неделковски беше прилично живописен во искажувањето на сопственото задоволство поради човечките жртви. И за таквите свои изјави заработи кривична пријава. Навистина, до каде е таа кривична пријава? Разбрал некој?
Некаде прочитав дека само во последните неколку години се опожарени два проценти од севкупната територија на државата. Еееј, од севкупната територија! А ако ве интересира, од шумскиот фонд се опожарени шест проценти. За останатото ќе се погрижат дрвокрадците. А нас, ете, многу повеќе нѐ интересира што ја прашал оној ага онаа баба, дали за Гоце Делчев или за Тодор Александров ја прашувал. И дали бабата се чешлала и зошто не!
Добро, да не бидеме прегруби: па, сезоната на пожари сѐ уште не почнала. Денес сме тек 1 април, денот на македонската сериозност!