Ресор без министер

Колумна на Ирена Цветковиќ

Гордите Македонци живеат во земја со најмногу полицајци и министерства по жител во Европа. Најновиот министер, избран пред неколку дена, се вика Зулфикар Зејнула и засега нема јавно определен ресор. Премиерот Мицкоски најави дека дополнително, на владина седница, ќе му додели „конкретни задолженија.“

Оваа административна бизарност, всушност, е прецизен опис на системот: најпрво се произведува функција, а дури потоа за неа се бара смисла. За споредба, Германија има едно министерство на околу пет милиони жители, а Македонија едно на 90.000. Послушниците напредуваат, од член на управен одбор во министер, од министер во амбасадор, од амбасадор во бизнисмен со тендери, а народот пие фекалии и чека да биде препознаен од страна на политичките партии.

Како што растат политичките функции, така опаѓа способноста овие функции да обезбедат достоинствен и квалитетен живот. Со други зборови, колку повеќе државата расте како административна форма, толку повеќе исчезнува како јавна функција.

Оваа административна бизарност, всушност, е прецизен опис на системот: најпрво се произведува функција, а дури потоа за неа се бара смисла

Па, што работат нашите носители на јавни функции кога не местат тендери и не договараат дилови со бизнис-елитите? Ништо. Остатокот од мандатот ладнокрвно го префрлаат на граѓаните. Како поинаку да ги објасни човек сè позачестените повици луѓето да ја преземат правдата во свои раце. Без разлика дали станува збор за убиство на жени, загадување вода, експлоатација на работници, реакцијата на луѓето почнува да добива повторлив карактер.

„Да им пресудиме ние“, „ќе се собереме мажите од фамилијата“, „ќе ја земеме правдата во свои раце“ може да се читаат како извици на очај во нефункционален систем, но кога тие се повторуваат и стануваат доминантен образец, тие се симптом на систем од кој луѓето веќе не очекуваат правда и кој, токму затоа е ослободен од обврската да ја обезбеди.

Изгледа моќно и охрабрувачки, дури и мангупски, да се земе правдата во свои раце, ама резултатот на ваквиот подвиг е секогаш пеколен. Тоа е како, мразејќи ги банките, во замена за нив да го промовираш лихварството. Кога слушаме дека правдата треба да ја земеме во нашите раце, клучно е да се прашаме кои сме тоа НИЕ што ќе ја понесеме таа одговорност. Цела една идеологија е испишана во оваа заменка „ние.“ Со неа, истовремено создаваме заедница, која навидум се грижи, ама и повлекуваме граница со која исцртуваме кој сè може и не може да биде пребројан овде.

Работите стануваат уште поопасни кога „преземањето во свои раце“ на тоа НИЕ подразбира делење правда, утврдување вина или казнување

Кога „ние“ чистиме паркови, шуми и реки, кога собираме пари за нечие лекување или домување, кога приготвуваме оброци за гладните, тоа „ние“ изгледа солидарно и хумано. Па, дури и во овие случаи, клучното прашање за одговорност станува второстепено, а институциите продолжуваат да се мултиплицираат, оставајќи го сопствениот мандат како обврска на самиот народ.

Меѓутоа, работите стануваат уште поопасни кога „преземањето во свои раце“ на тоа НИЕ подразбира делење правда, утврдување вина или казнување. Секое здружно извикување „бесилка на плоштад“, „Путине стисни го копчето“, „само добар ќотек“ оди во прилог на властите и институциите. Колку и да изгледа парадоксално, ова промовирано „самовластие“ ја задржува моќта кај привилегираните, а продолжува да ги ослабнува оние што навидум ги штити.

Токму низ овие дискурзивни ритуали се создава политиката на толпата: единство произведено преку изборот на жртва.

Моќта на корумпираните елити се чува преку двојната приватизација на правдата. Од една страна, државата врз граѓаните ја префрла обврската да се спречи штета, да се утврди одговорност и да се обезбеди правда. Од друга, граѓанскиот гнев го сведува системскиот проблем на еден конкретен виновник: насилникот, несовесниот лекар, трујачот на кучиња.

Само ресорот „квалитет, достоинство и фер услови“ ќе остане без министер. Од тој ресор, рака на срце, не може да се договори ниту тендер, ниту хациенда на Водно…

Тој навистина може да биде виновен и несомнено мора да одговара, но неговото казнување само по себе не ги менува условите што овозможиле штетата да се случи и да се повторува. Спектаклот на казната веќе го презел местото на реформата, па добиваме чувство дека правдата е задоволена, а системот што ја создал истата таа неправда останува недопрен.

Мицкоски, секако, ќе му најде некоја работичка на Зејнула, бројот на министерствата ќе расте, управните одбори ќе се шират, списокот на „Лотарија“ ќе станува сè подолг. Само ресорот „квалитет, достоинство и фер услови“ ќе остане без министер. Од тој ресор, рака на срце, не може да се договори ниту тендер, ниту хациенда на Водно, а богами ниту пристојна магистерска.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија