Штиклирај – реализирано!

Зошто пред секој изборен циклус партиите потпишуваат Кодекс за фер избори, ако ни пет пари не им вреди потписот што го ставиле на тој документ? Ако им е целта гласачите да се згрозат од кампањата, да им се одмилат и избори, и право на глас, и партии, и пајтон-коалиции, тогаш таа цел е постигната 100 отсто. Сите заедно веднаш може да си штиклираат – РЕАЛИЗИРАНО!

И досегашното искуство нѐ научи дека партиите најмногу го реализираат она што не ни го ветиле. Не ни ветија бедна кампања, ама ни приредија токму таква.

Мора многу длабоко да ја потцениле јавноста гледајќи ја од своите предимензионирани политички височини, штом на маса ни ги сервираа најодвратните трошки од нерасветлените епизоди на разни мандати, приватни средби, пазарења и други „дребулии“, од кои, секој граѓанин жеден за правда и демократија, денес добива нагон за повраќање.

Да е иронијата поголема, а моралниот пад уште потежок, од ваквите практики се згрозуваат дури и тие што без нивна примена никогаш и не би се довлечкале до политичката сцена.

Па така, за правда денес држи лекции секој што избегнал најмалку по две-три затворски казни и ќелии, ама благодарение на дејноста „политика“ и статусот „политичар“, бил „казнет“ само со неколку бизниси и станбени објекти, кои треба да сведочат за неговата успешност и снаоѓање во сите верзии на политичката размена „на ти го – дај ми го“.

За нашите политичари практично не важи она што се нарекува крај на мандатот. Тоа постои само во формална смисла, бидејќи практиката „не ме чепкај, не те чепкам“ е трансмандатна.

Ако им е целта гласачите да се згрозат од кампањата, да им се одмилат и избори, и право на глас, и партии, и пајтон-коалиции, тогаш таа цел е постигната 100 отсто. Сите заедно веднаш може да си штиклираат – РЕАЛИЗИРАНО!

Со неа елитите се раздолжуваат кога едни ќе се качат во власта, а други ќе се симнат во опозиција, во стилот на изреката – „внимавај како се однесуваш со луѓето кога ќе се качуваш нагоре, бидејќи истите луѓе ќе ги сретнеш и кога ќе се симнуваш надолу“.

И така, сите си внимаваат. Истовремено зборуваат за крај на неказнивноста, за потреба од неселективна правда, која некои ја нарекуваат и „вистинска правда“, како антипод на невистинската што доминира три децении. Но, премолчуваат дека на сите им одговара правда што нема да се занимава со нив.

За правда денес гласно говорат и тие што вложија најмногу напори за нејзино саботирање и дефинирање како неправда, секогаш кога од правдата беа засегнати „нивните“. Ваквиот однос им ја намалува силата за објективна аргументација кога тврдат дека правдата замижува пред „другите“.

Од досега прикажаното, сите се залагаат правдата да функционира само кога не се засегнати тие што се повикуваат на неа. А кога ќе бидат фатени со рацете во медот, посегнуваат по најлесната одбрана: ова е политичка монтажа, ова е политичка одмазда.

Така, со години живееме во општество, во кое никој за ништо не е виновен и никој за ништо не одговара, бидејќи во политичките елити секој за секого чува по некој доказ за криминално петно. Тие докази стигнуваат до суд само ако протагонистите претходно не успеале да си направат порамнувања во параправната зона, зад тешките драпери на политиката. Од такви црни пазари за црни денови, правосудството до денес не виде бел ден.

Анкерите на правната држава се подјадени, разнишани и прилично компромитирани. И покрај тоа, од партиските ветувања, не само што не се наѕираат знаци дека постои искрена волја правната држава да биде поставена на здрави темели, без нови „фабрички грешки“ и без пропустливост во нејзиниот организам да роварат вируси на политиката, некои изборни ветувања имплицираат дека третата власт може да биде подјармена токму во име на нејзиното „(п)оправање“.

За правда денес гласно говорат и тие што вложија најмногу напори за нејзино саботирање и дефинирање како неправда, секогаш кога од правдата беа засегнати „нивните“

За да го скријат заедничкиот именител, кој им овозможува незасегнатост од правдата, партиите го вртат вниманието кон естрадизирање индиции или докази за одговорноста, очекувајќи во стилот „секое чудо за три дена“ катарзично да се спласне интересот за темите, кои се менуваат на дневна основа.

Затоа и сме бомбардирани со индиции, кои никогаш не стигнале до обвинителствата, туку се чувале за да се најдат кога ќе затреба. Манипулација од најдолен вид е благ израз за ваквата практика.

Анализата на партиските говори и пораки точно открива колкаво е присуството или отсуството на морален систем кај пропагаторите за подобро утре. Полемиките се огледало на нивната политичка култура и сведочат за големината на растојанието што ја дели политиката од културата.

Тоа растојание сведочи и за драматичната редукција на политичкиот разум, факт, што политичарите се обидуваат да го затскријат и да го супституираат со форсирано отворање мегдани за нови анимозитети и поделби. Сето тоа однесување целосно се разминува со напишаното во тазе отпечатените изборни програми, преполни со „иднина“ и разни бројки со кои ќе ни процвета стандардот.

На гласачите не им е важен бројот на страници од изборните програми. Им треба доказ за политичка самосвест и одговорност, идеалот кој досега не е достигнат. Никој досега не признал грешка, никој не рекол „извинете, згрешив(ме), ќе понесеме одговорност. Во една ретка пригода чувме изјава „ние не сме ангели“, но никогаш не ги посочија „ѓаволите“.

А граѓаните очекуваат искреност и правда. Го бараат оригиналот на овие вредности, а не вешто спакуваниот сурогат дистрибуиран преку партиски лајт-верзии. Очекуваат чесна понуда и кампања, која ќе мотивира, а не кампања што ќе хистеризира. Очекуваат многу повеќе од совршената воопштеност со која партиите на никаков начин не ги допираат клучните проблеми во реалноста.

Последните денови од кампањата ќе покажат дали некој ќе се коригира барем во финишот. Ако не, еве ги изборите за некој ден, па тогаш ќе се уверат дека и големо тенџере што врие може да се стивне со малку студена вода.