Сигурен датум

Најбаналното прашање: „Ќе чекаш Нова година?“ Најредовниот одговор: „И да не ја чекам, пак ќе дојде“.

Освен што ќе свртиме нов лист на календарот, што ново да очекуваме во новата година, ако темелно се подготвуваме да влеземе во неа со старите навики. И лани фаќавме залет за новите 365 дена, ама кога ќе направиме ретроспектива, тешко е да се најде податок дека сме ги искористиле за нешто продуктивно.

Најголемиот дел ни поминаа во чекање „датум“, кој и годинава не дојде, исто како и лани, како преклани… Чекањето датум се претвори во многу добро алиби за со фразеолошки активности да се покрие недостигот од други политики и резултати во текот на целата година.

Што правите? Еве, чекаме датум. Работите на тоа? Посветени сме. Како? Па, вложуваме напори. Какви? Мултиресорски. Има шанса? Сега е клучниот период. И така со месеци.

И додека си рекол „РЕК“, годината летнала, цените на електричната енергија скокнале, јаглен нема, гас нема, датум нема… Гледано од овој аспект, можеби и не треба да го потценуваме први јануари. Практично, тој е единствениот датум што сигурно го добиваме, без да мрднеме со прст. 

Во новата година влегуваме и со полни вагони секретарки, разни измислени референтски и советнички позиции, и редица несуштински вработувања

Бидејќи сме многу вредни и одговорни, во новата година влегуваме и со преполовен состав на Уставниот суд. И тој си остана „без датум“ за кадровско екипирање, па за многу постапки што ќе стигнуваат до него, тешко ќе биде да се донесе одлука.

Во новата година влегуваме и со старата децениска врева дека воздухот ни е енормно загаден, ама ретко кој е подготвен да ги „запали патиките“ и да направи жив ѕид на местото каде што повторно се острат пилите што ќе ги сечат белите дробови на Водно, во корист на нова бетонизација. И не само таму.

Во новата година влегуваме и со полни вагони секретарки, разни измислени референтски и советнички позиции, и редица несуштински вработувања, додека сведочиме како вентилот се затвора за суштински потребни кадри.

Колку ни е важна животната средина, се гледа и по кадровското екипирање. Лани, пред крајот на 2020 година, Државниот инспекторат за животна средина имаше 18 инспектори и еден помлад соработник, кој допрва требаше да полага за лиценца. Од нив петмина беа во Скопје (!), а другите распоредени во други поголеми градови. Се ветуваше дека состојбата ќе се подобри, но си остана иста.

Директорот Сретен Стојковски вели дека со систематизацијата било предвидено Инспекторатот да има 41 инспектор, на сега има само дваесетина. Чека да добијат барем тројца помлади инспектори, ама потенцијален проблем е што дел од сегашните инспектори во следните две до три години ќе се пензионираат.

И каков нов пресврт да очекуваме на овој план? Кога прекршителите на законот во оваа сфера знаат колкав кадровски потенцијал има Инспекторатот, лесно им е да дивеат несанкционирано. Затоа и најмногу од новогодишните ветувања се доживуваат како чекови без покритие. 

И лани фаќавме залет за новите 365 дена, ама кога ќе направиме ретроспектива, тешко е да се најде податок дека сме ги искористиле за нешто продуктивно

Поминавме уште една година и во чекање овде конечно да зацарува божицата на правдата, Јустиција. Не дочекавме. Максимум што имаме како „урнек“ е нејзиниот мермерен споменик пред одаите каде што треба да се дели правдата. Колку да нѐ потсети дека во нејзината овдешна, полуреформирана верзија, сепак е оставена по некоја „ѕирка-проѕирка“ под превезот со кој ѝ се покриени очите, што овозможува латентна пристрасност и селективност.

Пингпонг-партиите што се одиграа меѓу првостепениот и второстепениот суд, во однос на притворот на Мијалков, се само врв на ледениот брег. Кога еден ден сѐ ќе почне да се топи под влијание на климатските, пардон, политичките промени, тоа ќе биде големата вода што ќе однесе многу биографии кон одводот на еден дотогаш затнат систем.

Но, не значи и дека ќе донесе гаранции оти системот ќе биде поставен на здрав темел, бидејќи досега не се родија такви политичари што не сакаат да ѝ вртат телефон на Јустиција.

Во таква атмосфера и завршница на 2021, единствената вистинска надеж што денес тлее меѓу луѓето, е дека во новата година навистина ќе го дочекаме крајот на пандемијата. По две долги и трауматични години на здравствен план, години во кои најупотребувани зборови беа корона, изолација, вакцини, тестови, починати, оздравени… тоа би била првата реална промена во нашите животи во 2022 година.

Во надеж дека тој датум што поскоро ќе дојде, чувајте го вашето и здравјето на блиските. Велат – оптимистот останува буден до полноќ за да ја дочека Новата година, а песимистот останува буден за да се увери дека старата навистина заминала. Среќна 2022!