Сиот тој филхармониски џез

На 5 јануари 1979 година, во мексиканскиот град Куернавака почина Чарли Мингус, веројатно еден од последните, ако не и последниот „голем крал“ на џез-музиката. Истиот ден, на мексиканскиот брег се насукаа 56 китови. Чарли Мингус имаше 56 години кога го напушти овој свет.

За голем број љубители на џез-музиката, ова не беше обично совпаѓање, туку знак дека со смртта на Мингус, умре и џезот како таков. Од денешна перспектива се чини дека овие тврдења и не биле без некоја основа. Китовите се вид во изумирање, а џезот едвај да дише. Во целиот свет, а особено во Македонија.

Оваа епизода од богатата џез-митологија е, всушност, добар шлагворт за да се обидеме да сфатиме што се случува во актуелниот судир меѓу Филхармонијата на Република Северна Македонија и биг бендот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници на Македонија, сега веќе „унапреден“ во Национален џез-оркестар на Република Северна Македонија.

Велам „да се обидеме да сфатиме“, затоа што освен веројатно на директно засегнатите страни, на малкумина им е јасно за што всушност се работи.

Повеќе сум загрижен за однесувањето на уметниците и нивната желба „да му умре трубата на комшијата“

На јавноста ѝ е веројатно познато дека кон крајот на март, со одлука на владата, Здружението го доби статусот на национална установа, која привремено ќе биде сместена во зградата на Македонската филхармонија. Меѓутоа, Филхармонијата не сака да ги прими!

Главните аргументи им се дека „два оркестра не можат да функционираат под еден покрив“, дека „никаде во светот не се сместени заедно филхармониски и џез-оркестар“, дека „зградата е дизајнирана за Филхармонија“, дека „одлуката е донесена без никаква консултација со кого било од Филхармонија (за одлуката разбравме од социјалните мрежи)“ итн.

Многумина ја потсетуваат Филхармонијата дека и самата со децении беше „потстанар“ по други институции, па беше добро примена од „домаќините“. Меѓутоа, еден од проблемите е токму тука. Филхармонијата многу добро знае што значи да се биде потстанар (ако не се лажам, во „мое време“ беа во Драмски театар, па во Домот на АРМ, додека еден период административните простории им беа во стариот МНТ, сегашен театар „Комедија“). Тие многу добро знаат што значи да се биде „институција од втор ред“ и со колку трпеливост, упорност и залагање конечно успеаја да добијат „сопствен покрив над главата“.

И кога веќе по седум и кусур децении конечно станаа „институција од прв ред“, одеднаш се појавува министерката за култура, односно владата со еден указ повторно да им го одземе тој статус. Зошто? Или зошто токму ним да им се случи ова? Поради некој нов оркестар што се формирал, што би се рекло, вчера. На крајот на краиштата, тие точно знаат што во оваа држава значи синтагмата „привремено решение“. Привременото решение кај нас речиси по правило трае со децении!

И ако на ова ја додадеме навреденоста, да не кажам суетата, дека воопшто не биле консултирани за оваа одлука, ќе дојдеме до причините за гневот што натера стотина вработени во Филхармонијата да потпишат петиција со која се противат на вселувањето на околу 20 нивни колеги во „нивните“ простории. По петицијата и анимирањето на јавноста, сега се најавуваат и протести против оваа одлука со максималистички барања за оставка на министерката за култура, која, како што сега изгледа, не е нешто особено расположена за откажување на оваа идеја.

Ако вака се постават работите, мене целата работа ми изгледа како инаетење на „постариот брат“. Ние сме сега важни и сѐ зависи од нас. Не е за влечење паралели, ама не можам да одолеам, а да не го споредам однесувањето на Филхармонијата, со однесувањето на нашите соседни држави кон нашите аспирации кон атланскоевропските интеграции.

Само што, се разбира, Филхармонијата не е Европска Унија и не може да поставува услови како што ќе ѝ текне. Таа е јавна институција и со неа владеат претставниците на јавноста, односно власта. Нивната зграда не е нивна, туку е зграда на државата Македонија. Да беше нивна, можеа да ја продадат на некое казино, на пример. Ама не е. Или, ете, на џез-оркестарот. Ама не можат.

Колку ова и да звучи поразително, и Филхармонијата е потстанар во нивната зграда. Зградата им е дадена на користење и стопанисување, а не во владение. Во таа смисла, и сето она што евентуално Филхармонијата ќе го заработи со својата дејност, всушност не се нивни средства, туку на државата, затоа што државата им е газда. Државата поставува директори. Државата одобрува вработувања. И, ако сакате, државата одредува кој каде, односно во кој нејзин објект ќе биде сместен.

Зградата не го создава квалитетот. Побргу би рекол дека е обратно – квалитетот ја гради зградата

Хипотетички гледано, државата утре може сосема да ѝ го одземе просторот на Филхармонија и во него да ги распореди намножените административци на бројните државни претпријатија, агенции и министерства… И? Што ќе се случи тогаш? Ништо. Ќе се тресе гората од пет до седум дена. И толку.

Што се однесува до мене, јас лично не верувам дека каква било инфраструктура влијае пресудно врз нечиј квалитет. Можете вие да имате стадион каков што имаме, а клупскиот фудбал да ви биде катастрофа. Зградата не го создава квалитетот. Побргу би рекол дека е обратно – квалитетот ја гради зградата. Затоа сум оптимист и верувам дека навистина станува збор за привремено решение, не затоа што државата има волја трајно да го реши просторниот проблем на џез-оркестарот или поради негодувањето на музичарите од Филхармонија, туку затоа што тоа, едноставно, ќе го наложат потребите на растежот на џез-оркестарот. Затоа што навистина станува збор за квалитетен ансамбл, кој е веќе препознаен и надвор од границите на земјава, а со обезбедувањето минимум услови за негово функционирање, таа видливост ќе биде уште поголема.

Џезот е релативно млад музички феномен. Реално постои едвај нешто повеќе од еден век. И за поголемиот дел од неговото постоење е негиран. Првин во неговата татковина, САД, како „црнечка музика“, а потоа во сите можни тоталитарни и полутоталитарни режими. Колку што знам и денес е забранет во Северна Кореја. Јозеф Шкворецки сведочи какви проблеми имал во нацизмот, каде што џезот е прогласен за декаденција, а потоа и во бољшевизмот со истите образложенија.

Милован Ѓилас во тогашна Југославија, во 1947 година го прогласи џезот како „заколнат непријател“ на социјализмот. Во големата советска енциклопедија е запишано дека џезот е „продукт на дегенерацијата на буржоаската култура на САД“. По смртта на Сталин, Тито ќе каже: „Џезот не им одговара на нашиот карактер и на нашата стварност. Џезот за мене е врева“. Хрушчов вели: „Јас не сакам џез. Кога ќе го слушнам, тоа е како да имам гасови во стомакот.“

Значи, џезот е слобода. Или барем симбол на слободата, а таа секогаш опстојува. И тогаш кога дише на жабри. Затоа јас и не сум премногу загрижен за опстојувањето на Националниот џез-оркестар. Повеќе сум загрижен за однесувањето на уметниците и нивната желба „да му умре трубата на комшијата“.

И да го завршам овој текст со крајот за легендата за смртта на Чарли Мингус. Оние 56 насукани китови, сепак, се успешно спасени и вратени во морето. Додуша, со помош на голем оган, ама веројатно сè уште живи и здрави.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија