Славко Јаневски повторно меѓу нас

На крајот на годината, името на бардот на македонската култура, Славко Јаневски, повторно стана актуелно на македонската јавна сцена. Човек би рекол ништо необично. Имено, пред нешто повеќе од еден месец во Музејот на град Скопје се одржа голема ретроспективна изложба на неговите масла на платно (заедно со скулптурите на Томе Серафимовски), што беше единствена можност македонската јавност за првпат да има поцелосен увид во неговото ликовно творештво, а за многумина воопшто да биде откритие дека Јаневски се занимавал и со ликовна дејност.

Неодамна, од печат излезе првиот број на списанието „Архив Јаневски“, посветено токму на ликовното творештво на нашиот уметник. Натаму, деновиве од печат излезе капиталното дело „Село зад седумте јасени/Стебла“. Станува збор за прво објавување на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“, по неговото прво и досега единствено издание од 1952 година. Со други зборови, првиот македонски роман за првпат се појавува пред македонската јавност речиси по седум децении. Во книгата е поместен и романот „Стебла“ (1965), всушност преработена (некои би рекле сосема нова) верзија на „Село зад седумте јасена“.

Човек би помислил дека овие пројави, кои со мирно срце можат да се оквалификуваат како културни настани на годината, се доволен повод Јаневски повторно да влезе во фокусот на јавноста. Во некои земји што живеат во некои други димензии, за нас непознати, доволен би бил фактот дека следната година (2020) се обележуваат сто години од раѓањето и 20 години од смртта на авторот на првиот македонски роман, за да влезе неговото име во фокусот на јавноста.

Но, не… Името на Славко Јаневски (овојпат придружено со името на уште еден бард на македонската култура, Ацо Шопов), како впрочем и пред неколку години со онаа несреќна лустрација, повторно почна да се тркала низ медиумите поради една политичка (поточно би рекле: бирократска) одлука на Општина Центар во буџетот да не предвиди пари за одржување на нејзините две читалници „Славко Јаневски“ и „Ацо Шопов“.

Првото објаснување одеше во насока дека кириите и трошоците се високи, а Општината, поради мораториумот за градење, има намален прилив. Се појави и информацијата дека просторот што го користи читалницата „Славко Јаневски“ веќе е наменет за кафуле.

Во некои земји што живеат во некои други димензии, за нас непознати, доволен би бил фактот дека следната година (2020) се обележуваат сто години од раѓањето и 20 години од смртта на авторот на првиот македонски роман, за да влезе неговото име во фокусот на јавноста. Кај нас треба да се затвори читалницата со неговото име

Веднаш по првите реакции, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, би рекле, половично и не баш најсреќно ја демантираше веста, велејќи дека дел (од читалните) ќе бидат дислоцирани, а дел ќе останат таму каде што се, не објаснувајќи што точно се подразбира под „дислоцирани“ (на која локација и кога ќе се преселат) и не образлагајќи кој дел од двете читалници точно ќе се лоцира.

Подоцна, по јавната реакција на Фондацијата што го носи името на Јаневски, во која беше посочено дека читалницата поседува вредни книги и уметнички дела, главно донации и дека никој од донаторите, а ни семејството на Јаневски, не биле консултирани за судбината на нивните донации, градоначалникот Богдановиќ, преку социјалните мрежи разјасни дека читалницата „Славко Јаневски“ останува таму каде што е и продолжува со работа. Судбината на читалницата „Ацо Шопов“ е уште нејасна.

Можеме да ја натегнуваме приказната околу мотивите, премислувањата и воопшто околу идејата да се затворат читалниците (па и пензионерските клубови) и да разглобуваме тука како по притисокот на јавноста одеднаш се најдоа пари во буџетот (барем за една читалница), но тоа е залудна работа. Секогаш од „другата страна“ ќе наидеме на „брдо“ докази за тоа како и колку се помагаат културата и уметноста, како Општината инсистира на тоа итн. Во случајов не зборуваме само за Општина Центар, туку за општата демагогија во државата.

Овие читалници имаа своја политичка функција додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а Општина Центар е опозициска. Сега, кога повеќе го нема ВМРО-ДПМНЕ, или барем додека уништувањето на великаните на македонската култура не му е во жижата на интересирањето, за нив нема потреба

Проблемот е токму во политичките (поточно би било да кажеме: бирократските) одлуки, врзани за судбината на овдешната култура, па и уметничкото творештво, ако сакате. Од сегашна гледна точка излегува дека првата читалница во Општина Центар (веројатно и во Македонија) што го носи името на Славко Јаневски, всушност не била отворена за да ги задоволи потребите за читање, ниту, пак, била отворена со јасен план како да се популаризира книгата, уметноста, па и просторот, туку како политички инает кон тогашната власт и на нејзиното  уште пополитичкото лустративно демонизирање на името и делото на Јаневски. Отворањето на втората читалница „Ацо Шопов“ е само рефлексија на првата одлука и своевидно алиби за нејзиното спроведување.

Ваквиот став може да изгледа, а можеби и е претеран, меѓутоа факт е дека и двете читалници не заживеаја онака како што треба. Едноставно, беа водени исклучиво административно, без слух за потребите на градот и без иницијатива нешто повеќе да се направи.

Општиот впечаток е дека од страна на Општината беа доживувани како непотребен товар и како некаква „морална“ обврска. Демек, се мора! Со други зборови, овие читалници имаа своја политичка функција додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а Општина Центар е опозициска. Сега, кога повеќе го нема ВМРО-ДПМНЕ, или барем додека уништувањето на великаните на македонската култура не му е во жижата на интересирањето, за нив нема потреба.

Или, да парафразирам еден мој колега, додека ширум се отвораат вратите на затворите, нормално е да се затвораат читалниците.

Во секој случај, главното прашање не е дали читалницата „Славко Јаневски“ ќе остане отворена, односно дали ќе продолжи со работа, туку што и зошто ќе работи, како што главната вест не е дека Општина Центар се пишманила и решила да ја одржи во живот. Главната вест е на почетокот на овој текст – тоа е изложбата на Јаневски, списанието „Алманах Јаневски“ и секако првото преобјавување на првиот македонски роман.

Потребни се овие две читалници. Потребни се и многу други. Ако поради ништо друго, тогаш за тоа да ја научиме главната вест од овој текст. Да им дадеме содржина, а не само форма!