Словенечкиот нон-пејпер и македонската национална индолентност

Таканаречениот „нон-пејпер“ е релативно нов термин во светската дипломатија. Според некои податоци, за првпат се појавува некаде во 70-тите или во 80-тите години на минатиот век.

Неговата појава и употреба, всушност, е спасоносно лингвистичко решение за светската администрација, првенствено за Европската Унија, но и за Обединетите нации, за да може извесна хартија да архивира во своите класери, а таа да не биде обврзувачки документ. Поточно, станува збор за документ што претставува почетна точка за изработка на друг документ, кој можеби ќе биде изгласан на највисоките инстанци на организацијата, а можеби и нема. Додека тоа не се случи, никој не може да мавта со нон-пејперот како со обврзувачки документ.

Нон-пејперот и не е толку чест во меѓународните односи колку што се мисли. Освен за прашања што се однесуваат на Балканот. Да имаа балканските земји некоја институција од типот на Оксфордскиот речник, нон-пејперот веројатно веќе одамна ќе беше прогласен за збор на годината.

Повеќето од „балканските“ нон-пејпери, на овој или на оној начин, се однесуваат или некако влијаат врз македонските состојби. Еден од поскорешните што ми паѓаат на ум е францускиот нон-пејпер од 2018 година со кој беше блокиран почетокот на преговорите за влез во ЕУ на Македонија и Албанија. Или оној нон-пејпер за отпочнување на преговорите, со кого наводно се согласила Бугарија, а потоа се пишманеше.

И овој нон-пејпер ја изврши, поточно уште ја врши својата функција. Го испитува теренот меѓу секогаш расположените овдешни ендемски националисти

Можеби токму затоа овој најнов нон-пејпер, таканаречениот словенечки нон-пејпер или нон-пејперот на Јанша, за разлика од реакциите во другите држави од екс-југословенскиот географски и политички простор, кај нас не предизвика некои позначајни политички турбуленции.

Според медиумите, основната идеја на неформалниот документ е „мирољубиво“ завршување на југословенскиот распад, со тоа што Босна и Херцеговина ќе ги препушти своите делови, претежно населени со население од српска или хрватска националност на соодветните држави и ќе остане „чиста“ бошњачка држава, а Косово ќе се припои до Албанија.

Колку што јас успеав да видам во медиумите, Република Северна Македонија и Република Црна Гора не се директно споменати (веројатно затоа што се членки на НАТО), но во исцртаните карти убаво се гледа кои нивни делови треба да ѝ припаднат на Албанија.

Постоењето на нон-пејперот е неколкупати демантиран, првенствено од словенечката страна и од словенечкиот премиер Јанез Јанша (за волја на вистината, помалку или повеќе неубедливо), а и на Европскиот совет, каде што наводно е упатен овој документ, му требаше неколку дена да се огласи.

Зошто велиме дека демантирањето е неубедливо. Пред помалку од еден месец, Хрватска упати нон-пејпер до ЕУ со предлог за измени на изборниот закон во Босна и Херцеговина. Новите решенија и де јуре ќе овозможат поголема автономија на хрватскиот ентитет во БиХ, но и дефинитивно влијание на Хрватска врз изборот на хрватските претставници во босанската власт. Во крајна инстанца, овие решенија не одат во полза на интегративноста на БиХ, туку напротив – на нејзината дезинтеграција. За разлика од словенечкиот нон-пејпер, загрепскиот не е ниту таен, ниту демантиран, туку обратно – од некои причини во кои не би навлегувале сега, јавно го поддржаа (потпишаа): Унгарија, Бугарија, Грција, Кипар и – Словенија. Од земјите надвор од Европската Унија, предложените решенија ги поддржува, погодувате – Русија!

Симптоматично беше дека е обелоденет и фактот дека не толку одамна, при својата средба со босанскиот врв, словенечкиот претседател Борут Пахор го поставил прашањето за можно мирно раздружување (разграничување) на БиХ. Ниту Пахор, ниту неговиот кабинет не го негираа ова тврдење, туку беше објаснето дека Пахор го поставил ова прашање токму поради загриженост од можноста нешто вакво да се случи (!).

Да имаа балканските земји некоја институција од типот на Оксфордскиот речник, нон-пејперот веројатно веќе одамна ќе беше прогласен за збор на годината

И како капак на сѐ, се појавува албанскиот премиер Еди Рама со тврдењето дека нему одамна му е познат овој (не)документ и дека неговиот словенечки колега лично му го покажал.

Една од основните цели на секој нон-пејпер е „испитување на теренот“, односно пуштање „пробен балон“. Веројатно се сеќавате и на оној нон-пејпер што во 2001 година го промовираше Македонската академија на науките и уметностите за „хумана“ размена на населението и териториите меѓу Албанија и Македонија. На крајот на краиштата, и таканаречениот Меморандум на Српската академија на науките и уметностите беше нон-пејпер, ама беше и тригерот во отпочнувањето на крвавите југословенски војни.

Во таа смисла, и овој нон-пејпер ја изврши, поточно уште ја врши својата функција. Го испитува теренот меѓу секогаш расположените овдешни ендемски националисти. А богами и на оние европските. Симптоматично е што приказната за словенечкиот нон-пејпер се појавува речиси непосредно пред Словенија да го преземе претседателствувањето со Европската Унија. За волја на вистината, како сега изгледа Унијата, се чини дека не ни заслужила подобар претседавач од Јанез Јанша!

Нон-пејперот функционира по принципот: „ништо не е готово додека навистина не е готово“. Значи, терминолошки гледано, нон-пејперот е нешто што не постои, затоа што е една обична скица. За волја на вистината, многу често многу сериозна скица, на која понекогаш се работи и долго време.

И токму затоа, целата оваа врева околу словенечкиот нон-пејпер никако не смее да се сфати несериозно, затоа што може во еден момент да ни се случи „навистина да биде готово“.

И токму затоа е нејасна индолентноста на нашето Министерство за надворешни работи, но и на она за европски прашања, кои никако не најдоа за сходно да се произнесат по актуелниве дебати. Или барем по тврдењето на Еди Рама дека овие планови егзистираат по европските кулоари.