Еден пријател, Србин по потекло со подолг работен престој во Македонија (во меѓувреме стана и македонски зет), перцепирајќи ги совршено точно сеирџиско-завидливите карактеристики на македонското општество, често ми го повторуваше ова: „Во Македонија ќе ти простат сè, само успех не.“
Веројатно ова е најточната дефиниција на македонскиот бит од дамнина до денес. Веројатно, таа е и најтажниот дел од нашето колективно битисување како нација во обид, од нашето појавување во историјата, па сè до денес.
Серијата „Успех“ на реномираната телевизиска мрежа ХБО, креирана од македонскиот сценарист Марјан Алчевски, несомнено постигна сериозен регионален успех. Иако може да се гледа и како пораз од аспект на тоа колку сме успеале да ги задржиме талентираните луѓе во ова наше парче земја, зашто Алчевски уште одамна заминал да живее, да работи и професионално да напредува во Загреб, сепак успехот на овој талентиран и даровит автор е и македонски успех. Кој, секако, нема никогаш да му го простиме.
Ај да видиме што ни е помило. Ај да видиме дали мила ни е борбата на Мила или коалицијата ни е помила
Премисата од која тргнал Алчевски во својата криминалистичка балканска серија е мотото: Спротивстави се ако смееш! За мене тоа е успех: човечки и храбар чин на спротивставување на единката против девијациите во општеството, кревање бунт против „своите“.
На таа порака гледам како на морален крик на обичниот човек, заробен во своите професии, догми, норми, безизлези, лавиринти, етноси, социјални групи, заплети и избори по сила на помал отпор, да го ризикува тоа што го има и да се спротивстави.
Во тој контекст, иако лично едвај ја познавам и не сум склон кон глорифицирање личности, особено не ако се дел од некаков политички естаблишмент, искрено ми се допаѓа решителноста на министерката за труд и социјала, Мила Царовска, отворено да проговори за девијациите во нејзиниот ресор. Особено ми се допаѓа фактот дека таа, притоа, не се ограничува со обѕири и скрупули кон коалициските интереси на нејзината партија, а исто така и не се либи да влезе и во внатрепартиски судири кои ќе ѝ нанесат очигледни пиаровски штети на структурата што ја номинирала.
Значи, да скратам, ако имало злоупотреби во Фондот за пензиско осигурување (ПИОМ), ако има „системски грешки“, па нашите пари наместо на една, завршувале на друга сметка – треба да се проговори за тоа отворено и да се покрена кривична одговорност.
Ако некоја партија има путер на главата, треба да се проговори и за тоа, па макар таа била и клучот за опстојување на оваа власт. Ако некој градоначалник е дунстер облечен во костум кој градоначалничката функција ја сфаќа како лична привилегија и „пет минути курчење“, а не како служба во интерес на граѓаните, и за тоа не смее да се молчи, па макар бил ревносен сопартиски војник.
Очигледно е ова, да не се лажеме – ако се суди според храброста да се спротивстават, Македонија треба да го ограничи учеството на мажи во политиката на 30 отсто, а не да трага по некаков женски минимум за некаква факинг правична застапеност. Речиси сите храбри маневри во рушењето и санкционирањето на претходната власт имаа женски потпис, а некако и сега во справувањето со „грубите“ мафијашки интереси на актуелниве коалициски партнери, женскиот глас е „погласен“.
Ако некоја партија има путер на главата, треба да се проговори и за тоа, па макар таа била и клучот за опстојување на оваа власт
Царовска треба да оди до крај, да не дозволи да биде замолчена! Ако на крај ја загуби битката поради „повисокиот“ интерес, пеки, подобро тоа отколку да потклекне пред јавните, груби закани што доаѓаат на нејзина адреса.
За нејзината партија ќе е поразително ако си се држи на страна, си седи мадро и си молчи. Цената понекогаш може е висока, ама затоа и предизвикот вели: спротивстави се ако смееш.
Успехот е императив, ама вистината и правда се поголеми и позначајни вредности. Успехот може и да се жртвува, може да се жртвуваат и политичката кариера, благосостојбата, материјалната удобност, личната среќа, ама треба да се опстои на некакви морални вертикали.
Напишав веќе дека сум голем противник на предвремени избори. Македонскиот граѓанин нема никаков интерес по само две години, прилично исцрпувачки и мачни, пак да оди на гласање и да губи драгоцено време во јалови партиски надмудрувања. Потребни ни се реформи и работа, валоризирање на направените компромиси.
Но, ако носталгијата на ДУИ кон злосторничките коалициски времиња со ВМРО бара преиспитување на довербата, ако СДСМ го аминува или се фаќа во орото на воиграните криминални пракси од минатото, тогаш станува сеедно дали ќе има избори или не. Зашто, во основа, имат снемано избор.
Ај да видиме што ни е помило. Ај да видиме дали мила ни е борбата на Мила или коалицијата ни е помила.
Ако не сте ја гледале, не ви откривам како завршува првата сезона на серијата „Успех“. Не знам ни дали „успешно“ ќе заврши оваа меѓукоалициска драма. Успехот е релативна работа. Ако треба да си згазиш врз себеси, врз своите идеали, верувања и врз својот вредносен систем, налет таков успех.
На крајот на краиштата, и неуспехот е успех ако од него нешто научиме. А нашата историја, за жал, е склоп од неуспеси од кои ништо не сме научиле.