Тестот на измамниците

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во право е амбасадорот Самуел Жбогар, кога вели дека владеењето на правото не е само работа и грижа на институциите во правосудството. Неговата разочараност не се однесува единствено на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзината вмешаност во случајот „Рекет“, туку и на начинот на кој граѓаните овде го перцепираат владеењето на правото.

Тој беше љубезен, па го спомна само паркирањето на улица кој каде сака, узурпирањето на велосипедските патеки и пушењето во угостителски простории каде што тоа е забрането. Но, дали е само тоа дел од нашиот менталитет за непочитување на законите, во време кога постојано ја истакнуваме желбата за правда, а истовремено ги рушиме тие заложби преку индивидуални примери?

Можеме ли да ги доброиме сите места на кои со леснотија го фрламе сметот, релативизирајќи ја сопствената вина во стилот „не сум виновен, пред мене некој друг веќе создал куп од смет“. Секој куп почнува од нечија кеса фрлена на погрешно место, на која се надоврзале други, правдајќи се на истиот начин. Колку пати само сме го слушнале познатиот евергрин: „До мене ли баш дојде редот, јас ли ќе ја оправам државата?“

Ако два милиона жители си го поставуваат ова прашање, односно сметаат дека индивидуално ништо не зависи од нив, јасно е зошто колективниот резултат ни е ваков. Да, од секого зависи, и не ни доликува да смислуваме разни изговори за да си ја покриваме неодговорноста.

Можеме ли да ги доброиме сите места на кои со леснотија го фрламе сметот, релативизирајќи ја сопствената вина во стилот „не сум виновен, пред мене некој друг веќе создал куп од смет“

Летово од Охрид имаше многу такви „дела“ создадени од гостите, ама и од домашните. И брегот и езерото беа богато почестени со лименки и пластични шишиња, со кеси од кекси, сендвичи, употребени заштитни маски…

Срамота е вечно да се прашуваме како странските гости ќе реагираат на такви слики? Прашањето е: зошто ние не се згрозуваме од глетките што нѐ отсликуваат како луѓе без елементарно чувство за јавна чистота и за заштита на средината? Колку пати досега амбасадори ни го чистеа сметот во Скопје? И сѐ уште не нѐ фатил срам. Пак фрламе, очекувајќи дека некој друг повторно ќе го исчисти.

Иако непочитувањето на Законот за јавна чистота изгледа како „побенигната“ страна на нашиот менталитет, воопшто не е така. Никој не се прашува колку време ќе биде потребно тој отпад да се распадне и како во меѓувреме ќе влијае врз почвата од која се храниме, на водата што ја пиеме и на воздухот што го дишеме. А први трчаме на протести против загадувањето. Јаки сме на зборови, нула сме за дела.

Истото се однесува и на пресудите за сообраќајни несреќи со смртен исход, кои деновиве станаа актуелни поради судскиот епилог за сообраќајката кај Млечен ресторан во Скопје. Врие од реакции што сторителот е осуден само на условна казна, за дело во кое млад човек го изгуби животот, неговата сопруга го изгуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди. Доминира ставот дека пресудата е скандалозна.

Од друга страна, една група измамници (а можеби се и повеќе) ја изнесе на виделина таа лажна правдољубивост. Познато е како дејствуваат овие измамници: се јавуваат кај мајка/татко да соопштат дека нивната ќерка/син/снаа/зет имале сообраќајна несреќа во која усмртиле лице и за одредена сума пари им се нудат да помогнат сторителите да не се соочат со кривична одговорност.

Десетици луѓе наседнаа на оваа измама. Да е апсурдот поголем, кукаат за цената на струјата, за висината на пензиите, ама кога треба да се избегне казна за децата, за секунда ги обезбедуваат бараните пари. Кој дал 1.500, кој 3.000, кој 5.000 евра.

Во случајов тие се жртви на измама. Но, кога сообраќајните несреќи би биле вистински, а моќта за тргување со влијание на јавувачите реална, лицата што се согласиле да платат би биле соучесници во прикривањето на одговорноста за кривично дело.

Познавајќи го добро домашниот менталитет, овие измамници несвесно ни приредија и јавен тест за реалната приврзаност на граѓаните кон правната држава. Заклучокот накусо гласи: сакам правна држава, ама не кога јас или мои блиски треба да одговараат пред законот.

Заедничкиот постамент на селективноста и неправдата го градат обидите на секој субјект, кој успева да ја избегне одговорноста пред законот

Ако пензионери позајмуваат пари или ја даваат последната заштеда за да си ги спасат децата од кривична одговорност, уште помал проблем да обезбедат пари за спас имаат случаите од висок профил, во кој најчесто се инволвирани бизнисмени и брзо збогатени политичари.

Како да има правда, ако таа се третира на ваков „купи-продај“ начин? Уште и критикуваме за селективна правда, изземајќи се себеси од придонесот за таква состојба. Притоа, под селективна правда најчесто мислиме на заштита на претставници од власта, наспроти лица од опозицијата.

Селективноста е многу повеќе од перцепцијата дека таа се одвива меѓу политички спротивставените категории „власт – опозиција“, меѓу стратумите „богати – сиромашни“ или „влијателни – невлијателни“. Нема таква реска поделба во реалноста.

Заедничкиот постамент на селективноста и неправдата го градат обидите на секој субјект, кој со пари, моќ или влијание или врски успева да ја избегне одговорноста пред законот.  

Деновиве, во однос на потезите на родителите во случајот со измамниците, една читателка ми напиша: „Пред десетина години, син на министер предизвика сообраќајна несреќа во која беше повреден член на семејство на судија. „Увидот“ не го правеше сообраќајната полиција, туку личното обезбедување на министерот! Судијата го замолчија, случајот се забошоти“.

Тешко да се исправат работите кога ќе се направи преседан, уште потешко кога преседанот ќе прерасне во пракса.