Траума и катарза

Македонското општество е во постојан стрес. Зборуваме за помирување, но со секој чекор напред, како да се враќаме два назад. И делумната амнестија, како почеток на помирувањето таму каде што се случи насилството – во парламентот, кај многумина рефлектира чувство дека тоа не е доволна супстанца за релаксирање состојбите. Дали Иванов ќе го потпише законот, дали ќе тактизира, дали ќе заврши тој процес до Новата година?

Оние кои нема да бидат опфатени со амнестија заради учество во насилни и организациски акти, не можат да се помират со таква селекција, барем не на ист начин како што своевремено се помириле со улогата што им била доделена, наложена или доброволно прифатена, во тие настани.

Не се среќни ни во Обвинителството бидејќи политичката одлука на парламентот ќе им влета во финишот на судскиот процес, што нужно бара преквалификување на обвинителниот акт. Дури и законот да понуди само опис на делата што се амнестираат со цел на Обвинителството да му го остави правото автономно да реши како ќе го преквалификува обвинението, тешко дека тоа ќе биде мала утеха за обвинителскиот тим, кој илјадници страници материјал по сила на законот ќе треба да ги архивира како „ад акта“.

Оние за кои постојат докази дека биле во подготовката или организацијата на насилството, тешко ќе се помират со фактот дека целиот товар на 27-ми април ќе падне врз нивниот грб. Особено, во време кога главата на октоподот слободно плива меѓу Будим и Пешта, оставајќи ги искористените пипала да плаќаат и за неговиот грев. И не само за 27-ми април, туку за многу други предмети на ЈО и СЈО, кои меѓу другото откриваат како лидерот и преродбата ги јаделе своите деца.

Кога луѓето велат дека рибата смрди од главата, тешко ќе се помират ако пред олтарот на правдата биде положена само опашката. Особено, ако немаат ниту една официјална информација како главата и избегала на раката на правдата.  

Сето ова е до бескрај сплеткано и заплеткано во нашето секојдневие, во индивидуални судбини и очекувања. Потрагата по правдата некаде донесе очекувања, некаде немир. Проблем е и нешто друго. Расчекорот меѓу правото и правдата остави впечаток на неправда.

Дури и да имаме беспрекорни судски процеси (какви што немаме), дури и да имаме правосилно потврдени пресуди од сите инстанци, се додека нечии деца чекаат за посета пред затворската капија, а нечии други чекаат термин за лет до Будимпешта, тоа остава впечаток дека правдата е задоволена на начин кој остава простор и перцепција за неправда.

Кога луѓето велат дека рибата смрди од главата, тешко ќе се помират ако пред олтарот на правдата биде положена само опашката. Особено, ако немаат ниту една официјална информација како главата и избегала на раката на правдата

Со други зборови, откако Груевски е во бегство, сите процеси кои се однесуваат на  времето на неговото владеење, како да губат значење и релевантност за градењето на правната држава. Да не зборувам за оние што одамна се во затвор за политички монтирани процеси или за три кременадли.

Ние денес не сме во дилема дали е подобро сто виновни на слобода отколку еден невин во затвор. Кај нас „едниот“ е  симбол на криминалот, и е на слобода. Дури и вината на сите останати да се потврди со правосилна пресуда, тоа нема да го зајакне впечатокот дека профункционирала правната држава. Ќе остане сомнежот дека е резултат на некаква правна компензација, полнење на графите за судска успешност, само за да се надомести штета од бегството на избеганиот „капо ди тути капи“.

Премиерот вели дека ниеден процес за помирување, реформски или интеграциски, не смее да ја урне правната држава, бидејќи од земјите на ЕУ ќе стигнат забелешки. Секако дека ќе стигнат. И ние треба да доставиме забелешки за начинот на кој земја членка на ЕУ ни го оневозможува принципот на казнивост, давајќи му азил на човек кој е мастермајнд за создавањето на заробената држава, а зад таа дијагноза во извештајот на ЕК стои и Унгарија. И треба да прашаме, која Европа ќе ги оценува нашите стандарди – старата Европа или Вишеградска Европа? 

Проблемот поради кој Македонија не може поавтентично да влезе во процесот на помирување, е и во тоа што никогаш досега не ја доживеа катарзата на извинувањето. Зад некаков шинел на „патриотизам“ под кој не се крие модел на храброст, туку чување на партиските тајни и страв да не се разочара лидерот, досега никој не изрази потреба јавно да се извини за учество во одредени дела, за да разбереме под какви околности се случило тоа.

Бидејќи, за да биде заробена државата, прво требало да бидат заробени поединците. Ќе можеме да судиме зошто го дозволиле тоа, ако автентично дознаеме дали било тешко или речиси невозможно да се избега од тоа заробеништво. И зошто?

Се додека нечии деца чекаат за посета пред затворската капија, а нечии други чекаат термин за лет до Будимпешта, тоа остава впечаток дека правдата е задоволена на начин кој остава простор и перцепција за неправда

Тие сведоштва би можеле да бидат првиот чекор кон помирувањето и повикот „ова никогаш повеќе да не се повтори“. Она што јавноста сака да го види, е напуштање на тој вид партиски „чопор“ и неговиот модел и морал на однесување. Тој е преполн со знаци за заобиколување на правдата и цврст завет на молк изграден врз митови, само за се заштити, а сега и да се легитимира бегството и недопирливоста на водачот, кој луѓето ги користел како пиони на шаховска табла, не мислејќи на нивната иднина, најмалку на какви правни последици ги изложува.

Колку и да изгледа целата ситуација тешка, селективна и мачна, никој не е без избор. Некои ќе бидат амнестирани по сила на закон. Некои може и да се самоамнестираат по сила на сопствениот збор – да посведочат за вистината и ги демаскираат постапките на големиот манипулатор. Не само за 27-ми април. За сите процеси. Таква катарза Македонија не доживеала досега.

Човекот кој ги направи најголемите поделби во Македонија, токму со кукавичкото бегство може да предизвика преиспитување кај многу негови следбеници, чии илузии за него денес се драматично разбиени. Секако, има и такви кои многу подоцна ќе разберат дека и плукнал в лице и на вистината и на лојалноста кон земјата. Нивно е дали ќе си го простат таквото слепило, но мотив на општеството е да инсистира на повеќе светлина и разбирање во овие процеси.

 Светот не е црно-бел, ниту поделен само меѓу левица и десница. Вистината не е црно-бела, има важни нијанси кои нема да ги видиме ако не се обидеме да продреме во фактите, да слушаме, да се обидеме да разбереме. Ако критикуваме дека судиите прават грешки, да не ги повторуваме истите во јавниот дискурс