Актуелно

Лазаревски раскажа како му го пакувале „Пуч“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Лазаревски тврди дека обвинителот тенденциозно го водел случајот „Пуч“

Ако во првиот дел од сведочењето „свиркачот“ од УБК, Ѓорги Лазаревски детално опиша како со неговиот колега Ѕвонко Костовски ги ваделе снимките со нелегално прислушувани разговори, на денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ тој раскажуваше низ што сѐ поминал пред и откако го уапсиле како дел од случајот „Пуч“.

Се обиде да објасни дека обвинителот во „Пуч“ бил дел од политички нарачаниот случај, на што одбраната и судот неколку пати жестоко се спротивставија со образложение дека не му се суди на обвинителот.

Непроспиена ноќ во полиција

Две недели по апсењето на ексразузнавачот, Зоран Верушевски во јануари 2015, Ѓорги Лазаревски отишол во полиција да пријави дека УБК нелегално прислушува. Претходно ги уништил материјалите што ги поседувал.

„Тоа го направив, бидејќи веќе имаше невин човек (н.з. Верушевски) во притвор заедно со неговото семејство и еден случаен лик од Струмица.“

Разговорот во полициската станица не бил непријатен, меѓутоа Лазаревски вели оти било очигледно влијанието на тогашниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски со кого имал личен анимозитет уште од времето додека работел во УБК.

Во тој период Лазаревски веќе не е дел од тајната полиција.

„Грујевски влегуваше и излегуваше од просторијата и не дозволи објективно да бидам третиран.“

Во полициската станица дошол и тогашниот началник на Централните полициски служби, Горанчо Савевски, човекот што го наследи Чавков на челната позиција во Бирото за јавна безбедност неколку месеци подоцна, откако Чавков стана министер по инцидентот во кумановско Диво Насеље.

„Горанчо Савевски доста наметливо на масата ми стави транскипт од снимени разговори што ми беа познати, од тие што сум ги давал на Верушевски, меѓутоа беше преведен на англиски. Не ми беше јасно зошто беше на англиски?!“

Според сведочењето, Савевски побарал да ги напише сите што биле нелегално прислушувани, а овој на бел лист хартија меѓу другите набројал и членови од семејството на Сашо Мијалков.

„Грујевски веднаш реагираше дека нема шанси директорот да си го слушал семејството.“

Ноќта останал во полициската станица, а утрото веќе му кажале дека е уапсен и оти се товари за напад врз високи функционери и за шпионажа.

Закани и самица

Истиот ден полицијата му го претресла домот, а Лазаревски го однеле пред јавниот обвинител Златко Биковски, којшто го водеше случајот „Пуч“.

„Обвинителот инсистираше да не го ангажирам адвокатот што моето семејство го викнало да присуствува на претресот, бараше да земам некој по службена должност.“

Тој го одбил адвокатот по службена должност, но предложил да ангажира сосема трет бранител, којшто им бил заеднички познаник со обвинителот.

Лазаревски тврди дека обвинителот тенденциозно го водел случајот и оти не му поклонил доверба дека во УБК се прислушува.

„Тоа што му го кажав не влезе во записникот.“

„Клучниот момент беше кога ми кажа дека Ѕвонко Костовски потпишал спогодба. Ја прочитав пресудата и видов дека во неа немаше ниту еден од сведоците за коишто претходно зборуваше Горан Грујевски.“

Според него подоцна ниту во обвинението за „Пуч“ немало докази оти тие нелегално прислушувале.

Лазаревски денеска раскажа дека подоцна на некој начин го изиграл обвинителот.

Извадиле 800 гигабајти материјал од УБК

Ѓорги Лазаревски на денешното рочиште откри дека целиот материјал што тој и Ѕвонко Костовски го извадиле од УБК „тежел“ околу 800 гигабајти, што навистина претставува голем материјал ако се има во предвид дека станува збор за аудио-снимки кои се мерат во мегабајти.

Кога ја прочитал спогодбата на Ѕвонко Костовски, почнал да се однесува како полицаец провокатор. Побарал и тој да потпише спогодба, по што му бил понуден истиот текст со таа разлика што за него имало поголема казна и тоа од шест години затвор.

Потоа пред судијата, кога требало да ја потврди спогодбата, Ѓорги Лазаревски ја одбил спогодбата тврдејќи дека обвинителот го тера да прифати туѓо кривично дело.

„Го чувам тој документ со најголемо задоволство.“

Откако не го прифатил дилот, бил префрлен во самица и добил закани, но не прецизираше од кого.

Подоцна додека бил во притвор преку неговиот нов адвокат, Драган Малиновски, како дел од стратегијата на неговата одбрана побарал да се обезбедат сите логови од разговорите што наводно тој и Костовски нелегално ги снимале.

Обвинителот од „Пуч“ писмено му одговорил дека тоа е непотребно.

Лазаревски во тој момент не знаел дека опремата за прислушување била уништена претходниот месец, а тоа го дознал дури откако СЈО излезе со истрагата за „Таргет“.

Ново соочување со Мијалков

Сашо Мијалков и овој пат ревносно на бел лист хартија фаќаше забелешки | Фото: Роберт Атанасовски

Лазаревски денеска повторно се соочи со поранешниот директорот на УБК обвинет за прислушувањето, Сашо Мијалков, кого полицајците го донесоа од притворот во Шутка.

И доколку на претходно рочиште Лазаревски рече дека во УБК напредувал во времето Јордан Мијалков, таткото на Сашо, и на денешното судење спомена членови на семејство на поранешниот шеф на тајната полиција.

Тој кажа дека УБК под водство на Сашо Мијалков ги прислушувала неговите брат и сопруга, Влатко и Александра Мијалкови.

„Цццццц…“, со негодување реагираше Мијалков од обвинителната глупа.

Сашо Мијалков и овој пат ревносно на бел лист хартија фаќаше забелешки од сведочењето, дофрлаше додека се расправаа неговите адвокати и обвинителот од СЈО, а во еден момент дури демонстративно го фрли пенкалото на маса.

На судењето како обвинета беше присутна и поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкулоска, која можеше да се слушне само како од обвинителната клупа им појаснува технички термини на адвокатите од одбраната.

Одговарајќи на прашање на обвинителот од СЈО, Лазаревски денеска негираше дека некогаш зел пари за вадење на снимките од УБК и како што објасни тоа го сторил од убедување дека правилно постапува.

„Некои работи не се прават за пари.“

Следното рочиште ќе се одржи на 26 овој месец и се очекува тогаш одбраната да го испрашува Лазаревски.