Црвенкапа, волкот и ловецот

Вчерашната објава на предизборната коалиција меѓу СДСМ и Беса предизвика реакции кај актуелниот коалициски партнер на социјалдемократите – ДУИ. Основната критика беше дека соработката меѓу двете партии „ги дефакторизира албанските гласови“.

Со тоа, ДУИ отвори простор да ѝ го постават прашањето: зошто тогаш и самата партија ги дефакторизирала албанските гласови, кога коалицирала со СДСМ на локалните избори во 2017 година? Или со поддршката на заеднички кандидат на претседателските избори?

Како и да е, ваквиот пречек на „првата ластовичка“ ги врати на сцена старите дилеми за потребите на македонското општество: партии со етнички или граѓански предзнак, моноетнички или мултиетнички предизборни коалиции? Иако три децении се вртат истите прашања, сепак, постојат партиски искуства во сите варијанти. 

Оттука, јасно е дека последната реакција на ДУИ е обид на партијата и од оваа ситуација да извлече нов етнички сентимент против расцепкување на албанскиот глас. Шлагерот е стар, и по обичај редовно и најгласно се врти пред избори. Истата практика беше и во времето кога ДУИ беше во сложна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. 

Седењето во иста Влада не беше пречка секој да си прави театарска претстава пред својата публика, со цел преку етнички наративи да си ги наполнат изборните кошнички. Едните настапија со двоглав орел во Чаир, другите со крст во  Бутел. Тоа „случајно се случи“ во изборната 2016 година. 

Во истиот корпус спаѓа и инцидентот на скопско Кале, каде што истите коалициски елити ги искористија навивачките групи за нова претстава и јакнење на етничките мускули. И тој „случајно се случи“ во изборната 2011 година. 

Играњето на етничката карта со години им беше добитен лоз. Заев ја подрастури таа тезга, залагајќи се на внатрешен план за едно општество за сите, а на надворешен план – за пријателски односи со сите соседи. Неговото отфрлање на наративите за внатрешни и надворешни непријатели, прилично им ја замати работата на партиите, кои најмногу од тој извор пиеја вода и ги полнеа батериите.

Играњето на етничката карта со години им беше добитен лоз. Заев ја подрастури таа тезга, залагајќи се на внатрешен план за едно општество за сите, а на надворешен план – за пријателски односи со сите соседи

Но, пред да го разработи етничкото погонче за гласови, ДУИ знаеше да повлечеше и поинакви потези. По нејзиното формирање во јуни 2002 година, и една година по конфликтот, ДУИ формираше нејзин партиски огранок со седиште во Кочани (21.11.2002), во кој се зачленија исклучиво етнички Македонци. За почеток бројката беше скромна – 21 лице. 

Од безбедносни причини, огранокот беше промовиран во Мала Речица, што само сведочи за ранливоста на состојбите во постконфликтна Македонија, но и за намерата на ДУИ да го скрши мразот и да се приближи и до македонските гласачи.  

„Ние како трета опција во Македонија не се декларираме како национална партија на Албанците, а самото име на партијата зборува дека сме за интеграција на Албанците во Македонија, за сожителство и за создавање нова, стабилна единствена и мултиетничка Македонија“, изјави тогаш Агрон Буџаку, и најави формирање и партиски ограноци во Кратово и во Струмица. 

Претседателот на огранокот на ДУИ во Кочани, Венцо Арсов (поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ), стана мета на жестоки критики меѓу етничките Македонци, па во таа зовриена атмосфера, многумина почнаа да го демантираат членувањето во огранокот. 

ДУИ беше оквалификувана како „волк во јагнешка кожа“, а по сите негодувања, Ахмети во интервју за „Лоби“  изјави: „ДУИ e oтворена граѓанска партија, во која може да се зачленуваат и етнички Македонци. И обратно. Kога тоа ќе стане правило, кредибилитетот на Македонија значително ќе се подобри на меѓународната сцена“.

И сега, кој го брани тоа правило? Каква е разликата меѓу тие пораки на ДУИ, и овие 18 години подоцна? Огромна. Не знам каде е Венцо Арсов денес, но Ахмети и Буџаку сѐ уште се во партијата. Излишна е дилемата – кога ДУИ била искрена, во 2002, или денес? 

Можеби на некои партии им успеваше со години да опстојуваат на политичката сцена, играјќи ја истовремено и улогата на Црвенкапа, и на волкот, и на ловецот, но таа можност е пред крај. Публиката се презасити

Во одржувањето на пламенот на „патриотската лига“ и набојот на етнички емоции и причини, ним искуството им покажа дека секој изборен залак е сладок и сите демагогии добиваат некоја „повисока смисла“ кога ќе се покријат и затскријат зад етничкото. Затоа и добро се разбираа во владата со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи секој партиски поглавица се грижеше за својот етнички двор.  

Историјата не се повторува, или барем не во исти околности и појавни форми, но остава доволно знаци за препознавање на стекнатите искуства. Чувањето на компактноста на македонскиот или албанскиот глас, и други наводни жртви за добро спакувани каузи, се најобичен шум. 

Без јавни вибрации предизвикани од овие високополитички изговори, партиските цели би биле едно големо ништо, празнини кои не можат дa живеат без нова провокација. 

Можеби на некои партии им успеваше со години да опстојуваат на политичката сцена, играјќи ја истовремено и улогата на Црвенкапа, и на волкот, и на ловецот, но таа можност е пред крај. Публиката се презасити.