Вакцинална цивилизација

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Вакцинацијата не е демократија, туку цивилизација.

Не се сеќавам кој и каде ја изрече оваа констатација, ама секако се сетив на неа во овие денови кога владата треба да ги усвои (или да не ги усвои) препораките на Кризниот штаб за задолжително вакцинирање на вработените во администрацијата и јавните служби, како и потребата од поседување ковид-сертификати за влегување во затворени простори.

И, да, како што гледаме, во повеќето земји со многу поголема демократска традиција, а каде што не е постигнат задоволителен процент на вакцинирано население, веќе се применуваат или се најавени вакви слични, па и построги антиковид мерки. И, како што гледаме, наидуваат на жесток, а некогаш и не премногу цивилизиран отпор.

Цивилизацијата, антрополошки гледано, е градот, односно постојаното место на живеење наспроти номадскиот лов и собирањето плодови. Социолошки таа е специфична општествена организација со специфична поделба на трудот, што овозможува создавање величествени културни, уметнички, научни, па и медицински достигнувања.

Најголемите непријатели на човекот и на човештвото отсекогаш биле оние патогени микроорганизми, како што е сега вирусот САРС-КоВ-2

Од друга страна, цивилизацијата е прекрасна мантра за оправдување на искуството на европскиот колонијализам, империјализам и расизам. Европските колонијални држави својата колонизаторска политика ја правдаа со идејата дека ги „цивилизираат нецивилизираните народи и простори“. Во Франција и официјално е воведен терминот „mission civilisatrice“ (мисија на цивилизирање). На крајот на краиштата, цивилизацијата и изворно е француски термин. За првпат го употребува францускиот економист Тирго, и тоа не толку одамна – во 1752 година.

И токму тука можеме да ја најдеме врската меѓу цивилизацијата и вакцинацијата. Имено, „мисијата на цивилизирање“ била најмногу загрозена од невидливиот смртоносен непријател – патогените микроорганизми во колониите. Заразните, односно таканаречените тропски болести, практично ги оневозможуваат Европејците да ги населат подрачјата на посахарска Африка, Индија и Индокина.

И што прават Европејците? Вложуваат до тогаш незапаметени средства во развојот на медицинските науки, од типот на епидемиологијата, вирусологијата, бактериологијата… Основаат институти и високи школи за таканаречената тропска медицина. И, што е уште поинтересно, буквално ги праќаат своите научници на „нецивилизираниот“ терен директно да ги истражат причините на болестите.

Германскиот бактериолог Роберт Кох во 1884 година не ја изолира бактеријата на колера во некоја стерилна лабораторија во некој научен институт по германските градови, туку во колонијалната Александрија. Французинот Александар Ерсин го идентификува микробот што ја предизвикува бабунската чума („црна смрт“) во 1894 година во Хонг Конг, по тамошното избувнување на епидемијата од оваа болест. Индискиот колонијален лекар Роберт Рос во 1897 година го открива паразитот што ја предизвикува маларијата во органите за варење на одреден вид комарци. Во таа иста 1897 година, француските колонијални власти го забрануваат дејствувањето на африканските врачеви, тревари и друг тип надрилекари токму за да го сузбијат суеверието во лекувањето на заразните болести.

Иронично, ама тогашната глобална медицинска акција во колонизираните Африка и Азија би можела да се подведе под вообичаената актуелна антиваксерска терминологија. Да, Африка и Азија на преодот меѓу 19 и 20 век биле токму тоа – огромни експериментални полигони и лаборатории за испитување на вакцините и новите медицински достигнувања.

Треба ли да се каже нешто за резултатите на овој „светски заговор“? Сипаниците се речиси целосно истребени по воведувањето на задолжителната вакцина во Сенегал во 1904 година. Слично е со дифтеријата, маларијата, жолтата грозница и други болести. Благодарение на вакцините, антибиотиците и чистата вода, животниот век на „нецивилизираното население“ е драматично продолжен уште пред да заврши колонијалниот период. Можеме ние секако да гледаме на колонијалниот период, меѓутоа научните резултати предизвикани токму за потребите на колонизацијата драматично ги продолжија и нашите животи, а богами и животите на нашите деца.

Вакцинацијата не е прашање ниту на медицината, ниту на демократијата, туку на цивилизацијата. Зошто тогаш да не се цивилизираме?

Тифусот и колерата се запрени со јавно здравствени интервенции во поглед на хигиената, а дифтеријата, сипаниците и тетанусот со помош на вакцините. Меѓу 1890 и 1950 година се забележува дефинитивен скок на животниот век во 23 азиски земји, а меѓу 1920 и 1950 во повеќето африкански држави. И сето тоа благодарение на западната наука и медицина.

Што се случува денес? Или да бидеме попрецизни: што се случува денес во земјата што на светот му ги подарила цивилизацијата, верата и писменоста, како што овдешните антиваксери, антиглобалисти и антиинтелектуалци сакаат да ја нарекуваат нашата татковина.

Да, се разбира дека цивилизација е „Свети Пантелејмон“ во Нерези. И цивилизација е „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново. Како впрочем и многу други градби и други достигнувања што потекнуваат од оваа почва. Но, цивилизација е и британскиот лекар Џон Сноу, кој дури во 19 век успева да ги открие причините и механизмите на ширењето на колерата, и тоа преку статистичките податоци и географската дистрибуција на болеста. Неговото затворање на чешмите со фекална вода во Лондон е темелот на идната епидемиолошка наука.

Друго прашање е зошто сакаме да го памтиме Курбиново, или ако сакате Систинската капела, како цивилизациско достигнување многу повеќе од јавната чешма на Броуд стрит во Сохо што во 1855 година храбро ја отстрани Џон Сноу.

Значи, работа на општеството и на културата е што точно ќе смета дека е цивилизирано, а што е варварско. Впрочем, цивилизацијата е тоа – одговорот на човекот на предизвиците на сопственото опкружување: на предизвиците на опстанокот, на исхраната, на репродукцијата, на благосостојбата, но и на опстанокот пред непријателите. А најголемите непријатели на човекот и на човештвото отсекогаш биле оние патогени микроорганизми, како што е сега вирусот САРС-КоВ-2.

Значи, ајде веќе еднаш да се цивилизираме. Ајде да се вакцинираме!