На градот му оставаме крупни докази дека овде владеел тотален волунтаризам, дека некој си цртал, проектирал и градел што сака, како сака и колку сака. Но, дали направил нешто вредно за почит? Не. Освен ако количеството употребен градежен материјал во меѓувреме не станало естетско мерило.
Секогаш кога сакам насамо да разговарам со градот, станувам рано, додека повеќето спијат. Го чекам да се разбуди, да се протегне во постелата и да ги отвори очите. Никогаш не закажувам средба со него на 26 јули, бидејќи тој ден е најзафатен.
Го тормозат политичари, го воспеваат божем грижливи градски татковци, лажни вљубеници во него ги откриваат неговите, наводно, неоткриени убавини, а тој само чека денот да ги спушти ролетните, да го угаси светлото, за да може да здивне, изморен од сѐ.
Подолго време нашиот град е растргнат помеѓу плански урбанизам и неплански решенија, помеѓу обид во него да се воведе поредок, но и напор тој поредок да се изневери. На неговата мапа отпечаток оставаат разни партиски вкусови, нестручни толкувања на стилови, сомнителни системи на вредности, лични амбиции и многу ароганции.
Длабоките лузни на лицето му се спомен од секое наше „чинење“ или „нечинење“ за него. Да може, и физички би заминал со некое свлечиште. Телото му е живо, но духот речиси мртов. Убиен е од кршењето на урбанистичките принципи, од ад – хок интервенциите во неговото ткиво и од менувањето ДУП-ови и ГУП-ови заради нечии лични политички потреби.
Тој инвестиран „естетски земјотрес“ во него, ќе предизвикува афтер-потреси и во следните години. Сегашните израстоци во неговото ткиво, претенциозно наречени градби (всушност, разградби) станаа индикација за генералната концепција што ќе ги инспирира натамошните урбанистички зафати, на штета на неговите реални потреби.
Наместо очекуваната модернизација, соочен е со децениски одрон на таквата можност и со експресно врамување и конзервирање во една неокласицистичка рамка, која им се потсмева на сите што сакаат расправа за просторно планирање, архитектура и урбанистички развој.
Односот кон Скопје денес, е како однос кон сцена на која се изведува генерална проба за главната претстава. А на сцената владее нарцисизам, без намера да се погледне што оставаме зад нас. Ни трагa од концепт, од план или од некаква смисла.
Но, оставаме крупни докази дека овде владеел тотален волунтаризам, дека некој си цртал, проектирал и градел што сака, како сака и колку сака. Но, дали направил нешто вредно за почит? Не. Освен ако количеството употребен градежен материјал во меѓувреме не станало естетско мерило.
Проучувачот на урбаните процеси, Дејвид Харви, вели дека прашањето каков тип град сакаме, не може да биде одвоено од прашањето каков тип луѓе сакаме да бидеме, по какви видови општествени односи трагаме, каков однос кон природата имаме, за каков начин на живот сонуваме и какви естетски вредности негуваме.
Едно е јасно: ниедна идеолошка реорганизација на урбаниот простор која подразбира радикален прекин со историјата на градот, не може да произведе квалитетно наследство за иднината.
Жак Дерида вели дека секоја градба која сака да тотализира, да се запише во сегашноста како заситена и непроменлива, урбана или архитектонска структура, не применувајќи ја онаа флексибилна граматика која е во состојба да воведе нови синтакси, нови хармонични развои и нови интеграции кои не се косат со првобитните целини, би била рамна на насилство, неправда, морална повреда која ја разорува душата, телото, интегритетот и името на градот.
Можеме да се препознаеме во ова. Не му дозволивме на градот да биде целина која мора секогаш да ја задржи незаситена својата структура, да биде отворен кон сопствената трансформација (која нема да заврши како деградација) и со нови перспективи кои не го искривуваат или не го дислоцираат сеќавањето на неговото наследство.
Дали Скопје денес е целина со идентитет, која во текот на историјата со „неформален договор“ е поврзана и ќе биде поврзана од генерации градители, дисциплинирани и одговорни пред судбината на градот? Не. Пред кого сега и во иднина, на која генерација и за која генерација одговараме кога ја преземаме одговорност за некој град?
Ова прашање Дерида го постави за еден град. И понуди одговор. Да не ја пропуштиме можноста и ние да си го поставиме ова прашање за нашиот град пред да биде предоцна. И да одговориме. Не сум сигурна дека ќе можеме тоа да го сториме со крената глава, гледајќи го в очи.