Време за воздивнување

Мислам дека сите, и оние што беа против промената на државното име, и оние што беа за неа, како и оние што баш и не беа во тек со сето она што се случува, некако воздивнаа откога Собранието ги изгласа уставните измени. Нешто во стилот: „Ај, доста беше, да си ги гледаме животите сега“. Затоа, претпоставувам, немаше манифестирање ниту на еуфорија, ниту на преголемо тагување. Едноставно, се изморивме.

За волја на вистината, опстојуваат некои надежи дека Грција ќе ја „спаси ситуацијата“ и нема да го ратификува договорот, како и некакви чудни предлози претседателот на државата во заминување да ги извести Обединетите нации дека Преспанскиот договор е ништовен и дека државата останува со името Република Македонија! Иако, се разбира, дури таква операција и да е можна, во регистарот на имиња на држави во Обединетите нации не постои држава со име Република Македонија, така што ние не можеме да останеме со тоа име, туку според онаа нивна Резолуција 817, ние сме таму запишани како БЈРМ.

Во таа смисла, никој никого не треба да известува дека остануваме БЈРМ, односно треба да извести дека сме постигнале договор со Грција за името, а тој договор сигурно не е Република Македонија. Значи, станува збор за патетични обиди (за среќа маргинални) да се запре тркалото на историјата, а во принцип се знае како тие обиди завршуваат – тркалото ги гази и од нив остава едвај видлива дамка на патот кон иднината.

Кога последен пат сте слушнале, на пример, артикулиран глас од некој еснаф? На пример, што мислат лекарите како општествена група за македонското здравство? Или што мислат судиите за судството? Или што мислат текстилните работници за текстилната индустрија? Ако сакате, што мислат полицајците за полицијата?

Во суштина, во право се „тврдокорните“ бранители на уставното име на земјата – со промената на името државата навистина ќе одумре пред нашите очи. Всушност, тоа е и целта на целата операција – да се влезе во Европската Унија! За тие што не знаат (а очигледно многумина не знаат), основната идеја на Европската Унија е токму тоа – да се надминат националните граници на државите и да се создаде заеднички простор со заеднички суверенитет, како основен предуслов за мир и економски просперитет. Тоа, на крајот на краиштата, не значи ништо друго, туку губење на државниот суверенитет, базиран на нацијата, онака како што ние го разбираме тој термин.

Меѓутоа, за да одумре државата или, ајде да бидеме поблаги, да предаде дел од својот суверенитет на некоја друга заедница на држави, првенствено треба да постои и – да функционира. Не треба човек да биде ниту Бенџамин Френклин, а уште помалку Крсте Петков Мисирков за да сфати, и во оваа мала пауза на воздивнување, дека Македонија е сѐ, само не е функционална држава.

Функционалната држава, што би рекле Шуман и Моне, татковците на Европската Унија, е општество – луѓе и институции! Токму она што на Македонија ѝ недостасува. Веќе подолго време она што се нарекува македонско општество, всушност е збир на осамени и донекаде збунети поединци, евентуално собрани во помали, по правило, неповрзани групи.

Дури и оние општествени групи, кои дејствуваат монолитно и стабилно, како што се политичките партии, излегува дека се само формални и базирани на користољубие. Тоа, впрочем, најдобро го покажуваат и последните овдешни политички процеси). Излегува дека единствените општествени групи што се цврсто врзани за идеите и заедничкиот интерес, односно за потребата за социјално поврзување, се всушност навивачките групи.

Со други зборови, солидарноста и еснафот, тоа врзивно ткиво на секое општествено поврзување, тука се одамна изгубени. Кога последен пат сте слушнале, на пример, артикулиран глас од некој еснаф? На пример, што мислат лекарите како општествена група за македонското здравство? Или што мислат судиите за судството? Или што мислат текстилните работници за текстилната индустрија? Ако сакате, што мислат полицајците за полицијата?

Секоја власт тука работи со бројки (иако попис никако да се направи) и сметање на времето по некој сопствен календар (броен во мандати), а не по принципот на компетенцијата и професионалноста. Никако да се разбере дека во принцип не е битно за колку проценти ќе се намали невработеноста (сите ги знаеме алхемиите со кои тоа се постигнува), ниту за колку проценти ќе се зголеми вработеноста (повторно, сите знаеме колку години колку луѓе не одат воопшто на работа, а примаат плата).

Важно е, значи, враќањето (или воспоставувањето) на професионализмот и компетенцијата. И очекувам дека на тоа поле, што би рекол Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе почне да се работи уште од денес.

Ама, не.

Од денес почнува да се работи на вонредни парламентарни избори (заедно со претседателските). А таман помисливме дека е време малку да здивнеме од дневно-политичкиот терор.

Лично ја разбирам дневно-политичката прагма околу евентуалните предвремени избори. Прво, на овој начин е веројатно дека ќе може да се собере неопходниот цензус за  претседателските избори и, второ, опозицијата баш и нема некаков друг маневарски простор да излезе од калта во која самата влезе. Но, сепак, не ја разбирам политичката логика на нов изборен циклус, особено што веќе видовме дека на овој или на оној начин, оваа власт може да обезбеди двотретинско мнозинство во Парламентот. Или поедноставено, станува збор за губење на најдрагоцените нешта што една држава ги има – времето и парите!

Но, да се обидеме да ја завртиме приказната на малку пооптимистичка варијанта. Премиерот Заев рече дека просечната плата ќе биде 500 евра до крајот на неговиот мандат. Кога е крајот на неговиот мандат? Кога ќе се формира техничка влада? Или во април кога се предвидуваат предвремените парламентарни избори? Или, ако ги добие изборите, треба да чекаме нови четири години, под услов да нема нови предвремени избори?

Јас, ете, се согласувам со предвремени избори, тогаш кога просечната плата навистина ќе биде 500 евра!