За пасењето трева и пиењето алуминиум!

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пред некој ден се возев во такси. Таксистот, се разбира, не носеше маска. Јас, се разбира, носев маска. Оваа „социјална дистанца“ беше повод возачот да го посвети својот традиционален такси-монолог на тврдењето дека корона вирусот не постои, дека станува збор за глобална манипулација со ширење страв, дека исплашени луѓе полесно се манипулираат итн. Вели дека е шетан човек, дека возел шлепери на Запад и дека читал за овие работи „на интернет“. „Во короната веруваат само оние што не мислат со своја глава“, тврди нашиот такси-филозоф.

Среќа или несреќа беше што релацијата беше релативно куса, па не стасав да ги слушнам неговите елаборации за фамозната 5Г мрежа, за способностите на Бил Гејтс да чипира луѓе преку вакцини и за мигрантската наезда на библиската земја.

Истиот ден, на една од македонските телевизии беше прикажан телевизиски прилог од Сарај. Едно од жариштата на продолжениот пик на заразата со ковид-19. Отприлика тројца од четворица минувачи изразија убедување дека вирусот не постои, дека станува збор за обичен грип и политичка и предизборна манипулација.

Се чини дека корона вирусот доби своевидни божествени карактеристики. Едноставно, некои луѓе веруваат во него, а некои други не веруваат. Како и во секоја религија, и тука има фанатици од двете страни. Тие што веруваат би им забраниле на тие што не веруваат да се лекуваат во јавното здравство, а овие што не веруваат, баш и не се грижат премногу за овие закани, затоа што вирусот, нели, го нема.

Се чини дека корона вирусот доби своевидни божествени карактеристики. Едноставно, некои луѓе веруваат во него, а некои други не веруваат. Како и во секоја религија и тука има фанатици од двете страни

Дека станува збор за сериозно религиозно прашање, потврди и доскорешниот реис на ИВЗ, Сулејман Реџепи, кој неодамна, симнувајќи ја маската од лицето, ја прогласи короната за мртва. Додуша не објави кога ќе биде погребот и колку луѓе е дозволено да присуствуваат. За тоа време, заразата добива на интензитет.

Отприлика во исто време, американската телевизиска мрежа NBC, на својата веб-страница објави дека најголемата социјална мрежа Фејсбук дошла до сознание дека најголемиот број лажни вести за корона вирусот доаѓаат од Филипини и – од Македонија. Старата добра „велешка школа“, што би се рекло, само што овојпат настапува засилена со безброј стручњаци за епидемии, пандемии и 5Г технологии.

Во меѓувреме, стотици милиони лажни реклами и повеќе десетици страници што промовираат лажни производи за лекување на ковид-19 исчезнаа од интернет-просторот. Станува збор за страници што нудат продажба на заштитни маски, средства за дезинфекција и комплети за тестирање, но и храна, додатоци на исхраната и други продукти, со наводно лековити ефекти во однос на ковид-19.

По прегледувањето на мрежните платформи, Гугл има блокирано преку 80 милиони огласи што се однесуваат на корона вирусот, e-Bay блокирал или отстранил повеќе од 17 милиони внесови што ги кршат правилата на потрошувачите на ЕУ, додека Амазон во април бележи пад на производите во врска со корна вирусот од 77 проценти во однос на март.

 Со анализа во сите земји-членки на ЕУ е утврдено дека најмалку 38 реклами или понуди се поврзани со компании што биле во контакт со некоја од владите на овие земји или со Европската комисија, која и го иницираше ова истражување.

Во средината на март, на пример, германското здравство се обидело да набави заштитни маски во вредност од 15 милиони евра, меѓутоа станало жртва на измама, која одела преку Холандија, Шпанија и Ирска. Имено, компанијата што продава маски, навистина постои, но нивната интернетска локација била клонирана и продажбата на маските, всушност, ја воделе измамници, кои се подоцна уапсени.

Што се однесува до мене, веројатно попаметно ќе беше да викнеше: „Продавам голф двојка, регистриран до септември“ или нешто практично во таа смисла, зашто навистина не пасеме трева – сега пиеме алуминиум!

Во обид за слична измама со  продажба на маски за лице во САД, вредна 45 милиони долари, се споменува и името на некогашниот македонски министер за странски инвестиции, Глигор Ташковиќ.

Кога сме веќе кај Македонија, тука не постои некоја посериозна анализа на лажните реклами, а камоли блокирање страници или слични санкции, иако македонскиот дел од интернетскиот простор и тоа како е затруен со овој вид содржини. Овој феномен, со речиси занемарливи исклучоци, без малку поминува под радарот на медиумите од едноставна причина – медиумите добиваат пари од овие огласувачи, па тука границата на моралните принципи станува прилично растеглива.

Еден мој пријател се обиде да направи мини-истражување за еден лек против дијабетес, кој уште се рекламира по македонските интернет-портали. Не само што станува збор за лажна реклама, во која лекот го препорачуваат лажни специјалисти, наводни директори на Клиниката за ендокринологија, која, пак, наводно го препорачува лекот.

Дека не станува збор за наивна измама, туку за измама која може да предизвика реална опасност, потврдува токму рекламата, во која се вели дека лекот, не само што е супер-ефикасен кај болните од дијабетес, туку со негова употреба тие ќе можат без проблеми да јадат слатко! Инаку, лекот се вика „Суганорм“, наводно е произведен во Бугарија, а зад него стои „Bernadatte Ltd.“, една од оние човек-фирми, регистрирана во Панама, која на македонскиот рекламен простор се појавува со цела лепеза „волшебни“ лекови.

За жал, мојот пријател не успеа да го открие правното лице, преку кое се врши дистрибуцијата на овој не баш евтин лек кај нас. И покрај неколку новински написи, ниту една институција на системот не се најде повикана да реагира на овие измами, ниту, пак, посериозно да го испита феноменот на овој тип интернетски и медиумски измами.

И како резултат на сето ова, посведочивме и на врвот (да не кажам: пикот) на ефектите и ефикасноста на оваа епидемија на лажни вести – протестот против корона вирусот! И против 5Г мрежата! И против присилното вакцинирање (!) со вакцините на Бил Гејтс (кои, патем речено, уште не се измислени)!

Она што можевме да го сфатиме од бројните говорници и сигнификантната декорација (исклучиво знамиња со сонцето од Вергина, па дури и маски за лице со ист мотив) е дека на протестирачите не им е загрозено здравјето, туку на македонскиот народ и на македонската држава.

Во таа смисла, сигнификантен е воскликот на еден од оние што протестираа: „Не пасеме трева и името не го даваме“! Што се однесува до мене, веројатно попаметно ќе беше да викнеше: „Продавам голф двојка, регистриран до септември“ или нешто практично во таа смисла, зашто навистина не пасеме трева – сега пиеме алуминиум!