Заминувањето на господинот актер Митко

Благодарение на мојата долгогодишна новинарска кариера и на мојата преокупација со културата, многумина од таканаречените културни работници, значи творци, организатори, продуценти, култур-трегери… ми станаа добри познаници, некои од нив и пријатели, ама оние што јас ги сметам за вистински пријатели можат, како што се вели, да се избројат на прстите на една рака.

Се разбира, за тоа не се виновни прекрасните луѓе што се занимаваат со оваа благородна професија. Виновни се моите убедувања и моите принципи. Имено, секогаш сметав, а и сега сметам дека новинарот не смее „интимно“ да се врзува со „изворот на информациите“ за да не му влијае субјективно врз неговиот став. Значи, ни семејно, ни деловно, ни пријателски… Меѓутоа, и покрај сѐ, покрај моите принципи и покрај мојата волја, животот е живот и некои од нив навистина ги сметам за искрени и верни пријатели.

А само еден меѓу нив е уникатен. Единствен случај. Тој ми е (или, поточно, ми беше) познаник и искрен пријател. И тоа истовремено. Тоа беше, или јас така го доживував, битолскиот актер Митко Апостоловски.

Таму некаде во 90-тите години на минатиот век, Митко Апостоловски, како член на кумановскиот театар доби некаква награда на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Меморијата не ми е најдобрата страна во овие години, па не можам да се сетам на сите поединости.

Како и да е, јас ја добив задачата за неделникот „Пулс“, каде што работев тогаш, да му направам кус телефонски разговор. Поточно, да му земам две-три „туристички“ изјави, како што во новинарскиот жаргон ги нарекувавме овие разговори. Демек, што му значи наградата, што значи епизодна улога, односот внатрешност – центар наспроти театарот… и слично.

И, како што тоа вообичаено се случува, јас на задачата ѝ пристапив токму така – рутински. Му се јавив на човекот, кого, се разбира, го знаев како име, ама никогаш во животот немаме разменето ниту еден збор. Се претставив, му ги поставив прашањата, ги добив одговорите… И тогаш се случи нешто што не можам да го рационализирам до денешен ден. Ние продолживме да разговараме. И тоа на начин како да сме дамнешни пријатели, кои, ете, со години не се слушнале. Значи, вметнавме во разговорот и семејства, и деца, и професии и какво е времето денес, си кажавме по некоја шега…

Да бидам искрен, не памтам ништо од тој разговор. Ама ја памтам мојата зачуденост, првин од мене самиот, а потоа и од мојот соговорник, а и моето чувство дека разговорот помина токму така – длабоко пријателски.

Јас не знам колку години поминаа. Веројатно три-четири, кога за првпат се сретнав во живо со Митко Апостоловски. Знам дека тогаш беше веќе член на Битолскиот театар и од некоја причина дојдоа во Скопје. И, нормално, дојдоа во бифето „Стар МНТ“, односно во „Театарче“, во бараките каде што е сега Театар „Комедија“.

Влегува Митко, јас го гледам од мојата маса и имам потреба да станам и да го поздравам. Тој ме здогледува и се насмевнува со онаа негова прекрасна насмевка. И ние, на нашата прва физичка средба се прегрнуваме (!) и разговараме како детството да сме го поминале заедно.

И го слушам Митко како му вели на човекот до него: „Ова е новинарот што ми го направи најдоброто интервју по телефон, а воопшто да не се познаваме“. И јас точно знам дека е искрен. И точно знам дека, како ни јас, ни тој не се сеќава на ниту едно прашање што му го поставив, а веројатно ни на неговите одговори. Се сеќава само на атмосферата на тој прекрасен телефонски разговор.

Оттогаш се гледав со Митко, што би се рекло, секоја престапна година. А некогаш и на поголемо временско растојание. Ама секогаш кога ќе се видевме, беше исто – срдечно и насмеано, токму онака како што се поздравуваат стари пријатели што не се виделе со години.

Влегува Митко, јас го гледам од мојата маса и имам потреба да станам и да го поздравам. Тој ме здогледува и се насмевнува со онаа негова прекрасна насмевка. И ние, на нашата прва физичка средба се прегрнуваме (!) и разговараме како детството да сме го поминале заедно

Ете, така се случи, се погоди овој петок, овој 5 август, по многу години да дојдам во Битола (иако не сум битолчанец по раѓање, битолчанец сум по потекло и Битола секогаш била мојот „алтернативен“ роден град). Дојдов во Битола службено, во функција на извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“ за да го претставиме годинашниот лауреат на наградата „Роман на годината“. И, искрено, најискрено, се понадевав дека ќе се видам со „господинот актер“, како што јас, половина во шега, а во поголемата половина навистина го нарекував Митко.

Не знам кога стасавме во Битола. Во секој случај тоа беа некои доцни попладневни часови. Го прашав нашиот домаќин дали случајно има број од Митко за да му се јавам и да го поканам на настанот, односно да се видиме уште еднаш по, веројатно, стандардниот период од четири-пет години негледање.

И тогаш разбрав дека мојот пријател, господинот актер Митко С. Апостоловски починал! Тој ден! Тој ист ден кога јас дојдов во Битола!

Тогаш сфатив дека премалку се гледавме во нашите животи. Тогаш разбрав дека тој беше само мој познаник (реално, многу малку знаев, да не кажам ништо, за него и за неговиот живот, неговите пријатели и неговото семејство) и мој најискрен пријател (реално, секогаш така го доживував, иако и тој ништо не знаеше за мене).

Сето она што во овој текст ќе следи по овој исказ, ќе бидат само патетични фрази и флоскули. Ќе следи дека беше еден најмаркантните актери на македонската актерска сцена. Дека беше еден од ретките македонски актери, кој точно знаеше што му е улогата и прецизно влегуваше во неа. Дури би рекол дека, без оглед дали глуми негативец или позитивен лик, секогаш наоѓаше оправдување за сопствената улога.

Ќе го помнам по сите улоги каде што сум го гледал, затоа што знам дека секогаш доминираше со сцената или со екранот. Без оглед дали улогата му беше мала или главна. Ќе го помнам по „Големата вода“ и „Трето полувреме“ каде што неговата грамадна појава создаде една специфична додадена вредност на овие филмски остварувања.

И, бездруго, ќе го помнам како мој познаник и мој драг пријател. И знам, навистина знам, дека не е никаков проблем што не се видовме на тој 5 август. Исто како да се видовме. Исто како и секогаш.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија