Затворска кофа вода

На секој притвореник или осуденик безбедноста мора да му биде целосно гарантирана. Дури под претпоставка дека лицата С.Р. и М.Ј. вчера ги започнале вербалните инциденти, како што тврдат затворските власти, прашањето е – има ли позорникари, чувари, како и да се нарекуваат, кои по описот на работните обврски мора да го надгледуваат однесувањето на притворените и за време на дневната прошетка?

Ако некој почне вербална расправија, нивна работа е веднаш да ја запрат, спречувајќи натамошна ескалација. Фактот дека и во двата случаи вербалното препукување брзо прераснало и во физичка пресметка, зборува дека во моментот потфрлила затворската контрола. Или, можеби била дел од некој поголем режисерски зафат. Тоа треба да го утврдат надлежните.

Но, факт е дека се доволни неколку секунди невнимание, за да го свртите кон себе целото внимание. Тоа му се случи на Истражниот затвор, а чаурите од јавната критика завршија на адреса на Владата и во ткивото на ранетата општествена доверба. 

Без разлика дали инцидентите биле резултат на нечија умисла или се случиле како последица на пропуст на вработените во затворот, сега ефектот е ист. Плодовите ги собира Никола Груевски и триумфалистички ја става последната лего коцка врз неговата теорија за сигурен азил: Гледате ли зошто заминав, затоа што истото ме чекаше и мене!

Длабоко се лаже СДСМ кога вели дека „е спречено сценариото на Груевски и Мицкоски“. Не само што не е спречено, туку му е дадена армирана подлога и од страна на „команданти“ кои галопираат по Фејсбук славејќи ги „другарите и братучедите што ги избоксирале Миле и Спире“.

Тоа е тотално автодеструктивна политика – да негуваш функционерско братство што ти ја уништува партијата, но, пред сѐ, што ѝ штети на државата и ја урива довербата на граѓаните

 Се прашува ли некој од каде им доаѓа поттикот за таков триумфализам, или да глумиме дека не разбираме, дека не ги гледаме внатрешните саботажи на Владата, бидејќи не е тешко да се намириса од каде доаѓаат? 

Тоа што премиерот Заев побарал оставка од директорот на Истражниот затвор е правилна, но, генерално, задоцнета одлука. Неговата премиерска филозофија да им дава сѐ повеќе шанси на функционерите за да се коригираат, но без дефинирани временски лимити за тоа, создадоа впечаток дека Заев тешко се решава на разрешувања и дека му е полесно тој да ги прими сите удари од јавноста, отколку темелно да ги прочисти ешалоните од неодговорните.

Токму по тоа прашање Заев се движеше од еден до друг екстрем. Првичното ветување дека секој случај на раководна неодговорност ќе заврши со „дајте друго дете“, на крајот го сведе на дилемата: „Ако тргнеме така да разрешуваме, каде ќе најдеме нови луѓе?“

Последново создаде огромно чувство на комоција кај голем број именувани функционери од највисоките до најниски ешалони, дека се незаменливи. Дел од нив интензивно го нагризуваат рејтингот на Владата на разни внатрешни прашања, со што го топат и огромниот капитал стекнат на надворешно политички план.

Сѐ додека Заев нив ги толерира, ни Груевски ни Мицкоски не мора да имаат никакво сценарио. Власта им го подарува сама. Тоа е тотално автодеструктивна политика – да негуваш функционерско братство што ти ја уништува партијата, но, пред сѐ, што ѝ штети на државата и ја урива довербата на граѓаните. 

И тука се наметнува реторичкото прашање – дали демократијата е плевел кој може да успее на секое тло или е исклучително нежна билка која може да расте во точно дефинирани општествени услови и при одредено ниво на политичка култура? Ако сите го знаеме точниот одговор, тогаш загрижува крајно „догматскиот однос“ кон Јанакиески и Ристовски. Како да се заборава дека тие се невини сѐ додека со правосилна пресуда не биде докажано спротивното.

Второ, се заборава дека тие имаат семејства кои се длабоко вознемирени кога слушаат разни (дез)информации околу инцидентите и нивните повреди? Па, толку ли е тешко во такви ситуации да се покаже елементарна флексибилност и да му се дозволи вонредна посета на член на семејството во здравствената или во затворската установа?

Овие пропуштени постапки говорат многу. А не говорат добро, затоа што автоматски ја бришат разликата меѓу времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и кога во затворите се случуваа инциденти пред кои нема остана и светската статистика

И без оглед што лекарскиот тим не констатирал повреди кај Јанакиески, зошто би било проблем предложениот 24-часовен медицински надзор да се реализира во арестантското одделение во Клиничкиот центар, наместо да се брза притвореникот што побргу да се врати во затворот, макар било тоа и во подобро уреденото – хашко одделение. И на Мицкоски надвор од тој затворски протокол можело да му се овозможи посета на сопартиецот, без оглед на видливата намера да го користи случајот за политички цели.

Овие пропуштени постапки говорат многу. А не говорат добро, затоа што автоматски ја бришат разликата меѓу времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и кога во затворите се случуваа инциденти пред кои нема остана и светската статистика.

Претпоставувам, не сте заборавиле дека во времето на „демократското“ ВМРО-ДПМНЕ во затворска ќелија новинар се удави во кофа со вода. Дека бремена мајка обвинета во случајот „Пајажина“ го изгуби плодот затоа што не ѝ беше овозможен пристап до здравствена установа. Дека се обеси сопственикот на „Фиком“. Дека затвореници „изненадно“ умираа од „непознати причини“. Дека организирани убиства се маскираа како „самоубиства“…

Тоа време требаше да остане зад нас и да се промовираат поинакви стандарди, а не Европскиот комитет за спречување на тортурата од година во година да нотира исти забелешки за состојбата во нашите затвори. Особено треба да се биде внимателен кога станува збор за притворени или правосилно осудени за случаи од висок политички профил, каков што без сомнение е случајот за 27 април.

Џабе лузната на премиерското чело, џабе сите истраги, ако правдата се удави во кофа вода поради други претходни повреди и пропусти на патот до неа.