Жолти елеци и зелени гајби

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Протести ја потресуваат Франција, протести ја потресуваат Македонија… Добро, шега, шега… Овој груб цинизам ми падна на памет кога го видов кутриот обид на нашите „борци за Македонија“ и тие да навлечат жолти елеци, токму како протестирачите во Франција, а еве сега и во Холандија и во Белгија.

Се разбира дека разликите меѓу француските „жолти елеци“ и македонските „зелени гајби“ се видливи со голо око и не се состојат само во фактот дека во Париз и во Франција излегуваат стотици илјади протестирачи, а кај нас едвај неколку десетици, ниту, пак, во начинот на протестирање, туку во нивната сама суштина.

Без оглед на гласовите што се слушаат по македонскиот дел од социјалните мрежи, а кои повикуваат на следење на францускиот пример, или токму поради овие гласови се добива впечаток дека, како и за повеќето работи што денес се случуваат во светот, и тука имаме една сосема погрешна перцепција за она што се случува во Франција во моментот.

За почеток: Француските протести се првенствено социјални, а дури потоа политички, додека нашите се првенствено политички, а дури потоа – пак политички. Или да земеме друг пример: ако во Македонија еден од главните проблеми е загаденоста на воздухот, иницијалната каписла на француските протести беше токму една од главните еколошко-либерални мерки на владата на Макрон против загадувањето и за намалување на СО2 во воздухот – зголемување на данокот на фосилните горива!

Или да кажеме вака: додека тука сѐ уште се говори за некакви бегалски кампови и се шири паника од наводната исламизација на државата, едно од барањата на „жолтите елеци“ е барателите на азил задолжително да бидат прифатени. Не е на одмет да се каже дека демонстрантите бараат сериозен прогресивен данок во однос на приходите, додека кај нас обидот да се направи минимална дистинкција во даночната политика наиде на целосен пораз.

Француските протести се првенствено социјални, а дури потоа политички, додека нашите се првенствено политички, а дури потоа – пак политички

Може да се набројува и натаму, првенствено за правата што следуваат од работните односи (статус на вработениот, минималната плата, максималната плата, минималната пензија, возраста за пензионирање итн.), додека во Македонија и 1 Мај се користи за одмор и скара. И така натаму.

Во овој контекст може да се гледа и фактот дека според одредени анкети, дури над 70 проценти ги поддржуваат „жолтите елеци“, дури и покрај нивното брутално насилство што одзеде неколку човечки животи и нанесе непроценлива штета на некои француски историски споменици. Јас не знам дали е направена некоја анкета, на пример во Скопје, од која може да се извлече заклучок колку скопјани го поддржуваат блокирањето на нивниот град и воопшто протестите против уставните измени, иако ја знам мантрата на протестирачите – дека се поддржани од милион и двесте илјади луѓе што не гласаа на референдумот за Спогодбата од Преспа.

Протестите, сами по себе, се во францускиот генетски код. Затоа и актуелниве, токму на 50-годишнината од големите студентски демонстрации што почнаа токму во Париз, не треба премногу да изненадуваат. Протестите беа причини повеќе француски влади да отстапат од реформите што ги планирале, а не им се бендисувале на граѓаните. Речиси и да нема студентска генерација што не штрајкува поради нешто.

Иако, за волја на вистината, овие протести прилично се разликуваат од претходните. Актуелниве протести, слично на таканаречената Арапска пролет, се организирани преку социјалните мрежи и слично на „Occupy Wall Street“ се речиси целосно децентрализирани. Затоа и изгледаат збунувачки врз политичките аналитичари, а уште повеќе врз политичките лидери.

Според извештаите на теренот, станува главно збор за жители од руралните и делумно од урбаните подрачја, кои се чувствуваат изгубено и безнадежно. За волја на вистината, тоа се токму гласачите на Макрон, кој во својата предизборна кампања создаде имиџ на нов политичар што ќе го слуша гласот на народот, но набргу беше перцепиран како неолиберален лидер, кој само ја продолжува традицијата на презаситената француска бирократија.

Јасно е дека секое повикување на народот, а особено на неговиот глас, е популистичка политика (и Макрон не беше имун од неа во својата предизборна кампања), така што јасно е дека и „жолтите елеци“ во суштина се некоја варијација на сѐ погласниот европски (и американски) популизам. А бидејќи е тоа така и бидејќи не е најјасно кој или која сила всушност ги претставува демонстрантите, тогаш исто така е јасно дека тие во сопствената дивергентност (од екстремната левица до екстремната десница) се подложни на низа влијанија.

Токму кога нашите „бранители на името“ ќе ги облечат жолтите елеци, најјасно се гледа разликата меѓу француските демонстранти и овдешните блокирачи

И лидерката на ултрадесничарите Мари ле Пен и лидерот на ултралевичарите Жан Лик Меланшон се обидоа да ги „присвојат“ демонстрациите. Иако на нивното влијание се припишува последното 42. барање на демонстрантите Франција да ги напушти НАТО и ЕУ, сепак општо мислење на набљудувачите е дека овие политички сили не успеале посериозно да се инфилтрираат меѓу „жолтите елеци“.

Од друга страна, француското Министерство за внатрешни работи почнува истрага за вмешаноста на Русија во немирите. Некој добронамерник ќе каже дека Русија е дежурен виновник за сите проблеми на Западот, но фактот дека дел од демонстрантите носат руски знамиња и отворено ja поддржуваат таканаречената Доњецка Република (откинатиот дел од Украина) говори дека овие сомневања не се без целосна основа, како и дека влијанието на екстремните десни и леви политички сили не е толку незначајно.

Ете, тука се некаде сличностите меѓу нашите „зелени гајби“ и француските „жолти елеци“: антиевропската политика и влијанието на рускиот фактор. Но, тоа се сличности што само ги потенцираат разликите.

Всушност, токму кога нашите „бранители на името“ ќе ги облечат жолтите елеци, најјасно се гледа разликата меѓу француските демонстранти и овдешните блокирачи.