Конфекциски самурај

Ако Нинџа вака ни ја открива „вистината“ за 27 април, јас таа „вистина“ не сакам ни да ја знам. Како да веруваме дека ова лице, чие „сведочење“ го заглави Љубе Бошкоски во затвор, кое на чуден начин се спасуваше со минимални казни од обиди за убиство, не е повторно натоварено со налози за нови жртви, кои треба да бидат замена за главните виновници за насилството.

Што ново кажа тој, а што досега не го знаевме од бомбите? Зар Гордана Јанкулоска не ни раскажа многу обемно какви вагабонти биле ангажирани да работат во МВР? Исказите на Нинџа дадоа само уште една индивидуална потврда дека Управата за безбедност и контраразузнавање не била служба како што е предвидено со законот, туку класична филијала на подземјето.

Единствената новина е неговата верзија за активностите на осмиот кат во Белата палата, но со додавка дека никој друг не го видел тоа што го видел тој (!?) и дека Нинџа ми ти бил унапреден во системски „Самурај“, кој добил оружје, радиостаница, службена значка, возила, логистика, податоци за тајните бази на институцијата…

Најмал проблем е што Јапонците нема да ни ја простат оваа тешка навреда на нивната некогашна традиција, во која самураите биле припадници на привилегирана војничка каста, но, пред сѐ, на образована каста. Кодексот на однесување на самураите „Бушидо“ („Патот на војниците“) барал од нив, освен бестрашни борци, да бидат и натпросечно образовани, но и обучени за многу други вештини – да уредуваат градини, да пишуваат поезија, да знаат калиграфија, книжевност, математика…

Исказите на Нинџа дадоа само уште една индивидуална потврда дека УБК  не била служба како што е предвидено со законот, туку класична филијала на подземјето

Нашиот самурај со диплома за три години средно и со дебело полициско и судско досие, во која било правна држава тешко дека ќе излегол од зад решетки, а камоли да работи за безбедносна служба. Но, ние не бевме нормална земја, токму затоа што некои институции, вклучително и УБК, му служеле на интересите на политичко-партиското подземје, а не во интерес на безбедноста на граѓаните. Во согласност со народната поговорка „се стркалало грнето (УБК), си го нашло капачето (самурајот)“, УБК добила соработник токму според „нивото“ на професионалност, стручност и компетентност што било вградено таму. Каква службата, такви и самураите. 

Самурајот на УБК вчера не кажа ништо повеќе од она што го кажаа браќата Петар и Стефан Младеновски во однос на улогата на тогашниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски. Претходниот директор од кого бил ангажиран Нинџа, работел од заднина. Што? Бидејќи, кога почнал хаосот на 27 април, Нинџа го сретнал Горан Грујевски само како си седи на клупа во Паркот на жената борец.

Апсолутно романтично. Не разбравме дали грицкал семки или се разладувал со сладолед. Врвот на сознанието беше дека на Грујевски некој му кажал оти Иванов под притисок на странски фактор нема да прогласи вонредна состојба. И дека Никола Бошкоски ги уништил снимките од камерите во парламентот.

Тврдењето дека во Собранието се и лица од военото разузнавање, од АРМ беше демантирано. А описот на „парамилитантниот штаб“ во Белата палата, без сомнение заликува на т.н. „одмазда на повторувачите“.

Ако е целта е да се дојде до каква-таква верзија за настанот, некоја полусуровина, полуфабрикат, одбраната на Нинџа можеби и ќе заврши некоја работа. Но, нема да ги донесе вистинските одговори

Тоа е кога некој што бил условен да заврши четврта година средно, одеднаш добива шанса да го возврати ударот од сопствените комплекси и да впери прст во министер за образование или во заменик-министер на ресорот правда, чиј клиент тој бил со години. Како што вели „од 15 години сум дете на улицата“. И во судар со законите.

Со брат му Благоја во Виена си разговарале за здравјето на мајка им. За Никола Груевски ни збор, за Горан Грујевски ни збор, за Ѓорге Иванов ни збор. А се спремала вонредна состојба! Зар сето тоа од шест-седум луѓе во „парамилитантниот штаб“, каде што Нинџа влегол без никој да го запре, каде што го ставил телефонот на столче без никој тоа да го побара од него, ако го викнале таму каква задача му дале, и ред други детали?

Ако целта е да се дојде до каква-таква верзија за настанот, некоја полусуровина, полуфабрикат, одбраната на Нинџа можеби и ќе заврши некоја работа. Но, нема да ги донесе вистинските одговори. А сѐ додека не ги донесе, такви како него и во иднина ќе шетаат по улици со симболично одлежани казни, по што повторно ќе бидат ставени на нечија услуга со ново кодно име, подготвени да примат нови налози чии домови или возила да горат, кого да исплукаат, кого да претепаат, кого да заплашат, кому да му постават камери во домот…

Да не бидеме наивни. Точно се знае кои политички нивоа и личности би биле вклучени во подготовка за предизвикување и спроведување таква операција како што е прогласувањето вонредна состојба. Затоа, без импровизации и глорифицирање на трошките што некои обвинети сега ги донираат на судската маса, за да издејствуваат олеснителни околности за себе, како што тоа го правеле и досега. Такви конфекциски сведочења скроени по нечија мерка, кои божем нешто откриваат, а многу повеќе сокриваат, доаѓаат „храбро“ откако Груевски, Грујевски и Бошкоски веќе не се овде, а раскажувачите „не знаат ништо повеќе“ за своите улоги во тој настан. Тоа не води кон расветлување на 27 април, туку кон заштита и зачувување на клучните ресурси за некој нов „27 април“.

Ако главните актери поминат неказнето, исто како во вицот за „мала криза“, при првата можност ќе посегнат по истите практики. А зошто да не, ако им се овозможи тоа, ако останат надвор од раката на правдата и ако дел од нив веќе не се ни во државата.