Зоран Заев и партнерите од парламентарното мнозинство ги токмат гаранциите што ќе му ги приложат на претседателот на Република Македонија, за да го уверат дека владината програма ќе го зачува и зацврсти унитарниот карактер на државата.
Ова го разбирам единствено како израз на добра волја мнозинството да направи сѐ од своја страна за да ги разбие ирационалните дилеми на Иванов, со цел процесот на формирање влада да добие легалистички „аусвајс“. Но, да не се лажеме. Нема ништо легалистичко во начинот на кој Иванов бара какви било гаранции. Уставот е јасен.
Освен доказ дека е формирано мнозинство, тој ништо повеќе не смееше да бара, бидејќи доверувањето на мандатот не е дискрециско овластување на претседателот. Тој е ДОЛЖЕН да го даде мандатот, а НЕ СМЕЕ самоволно да одредува кому ќе го довери, ниту да го условува, бидејќи Уставот прецизно го обврзува да го даде на оние што имаат обезбедено парламентарно мнозинство. Значи, се работи за негова правна обврска, а не за негова лична проценка, партиска преференција итн.
Со давањето гаранции, мнозинството фактички посредно го легализира обидот на Иванов и неговата ВМРО-ДПМНЕ да ја издигнат т.н. тиранска платформа на ниво на врвен негативен политички фетиш и во широк полигон за манипулирање од страна на претседателот
Од тој аспект, планираното сватовско одење по мандатот (без оглед дали Заев сам ќе се појави во резиденцијата на Водно), натоварен со чеиз од гаранции, по описот навистина е најблиску до „холивудски филм“, како што опиша Ахмети. Со давањето гаранции, мнозинството фактички посредно го легализира обидот на Иванов и неговата ВМРО-ДПМНЕ да ја издигнат т.н. тиранска платформа на ниво на врвен негативен политички фетиш и во широк полигон за манипулирање од страна на претседателот.
Целата оваа ситуација ме потсетува на шегата што со децении циркулирала помеѓу љубителите на Лакановската психоанализа, а која во една колумна ја раскажа професорката Jасна Котеска. Имено, во една институција бил хоспитализиран човек што верувал дека е црв. Психијатрите со месеци го лечеле за да го разубедат дека не е црв туку човек.
Иако опсесијата со фетишот може да изгледа како вообичаена, дури и тривијална приказна, зад неа најчесто се крие спектар од стравови дека човека го демнат „метафизички сили“ што работат против него. Слика за тоа е токму Иванов. И какви гаранции можат да го „излечат“ човекот, чие прво прашање би било: „А знае ли платформата дека не сум црв туку претседател?“
Не знае. Сѐ уште не е докажано, бидејќи церемонијалниот акт за давање на мандатот е претворен во неуставно условен чин, а адресите на одговорност – сменети.
Нобеловката Дорис Лесинг своевремено сугерираше родителите да ги оставаат книгите расфрлени насекаде низ домот со натпис „забрането“, ако сакаат нивните деца да ги прочитаат. Не е лошa идејата некој да го остави Уставот врз хармониката на Маја Иванова, со натпис „забрането“.
Потоа, некаде во близина да го остави отпечатено и личното обраќање на Иванов од 1 февруари година, во кое тој бара докази за обезбедено мнозинство, а надвор од овластувањата ги инсталира двата услова: едниот – гаранци за зачувување на унитарниот карактер на државата, и вториот – системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.
Ајде навистина да разговараме за нив. Наместо новото мнозинство да дава некакви гаранции, треба да го праша Иванов што направил тој по двете прашања, особено второто. Еве зошто. Српски медиуми, инструментализирани од тамошни безбедносни мешетари поврзани со македонски полициски и параполициски структури кои се прославија во „крвавиот четврток“, со денови објавуваат „информации“ за наводно големо количество запленето оружје што Албанци требало да го внесат во Македонија и дека 700 – 800 борци на УЧК изминативе месеци влегле во земјава заради одредени сценарија за разнебитување на државата.
И мнозинството и целата јавност треба да го прашаат Иванов што работела Агенцијата за разузнавање, освен што некои нејзини претставници и лица од АРМ (и двете под команда на Иванов) упаѓале на 27 април во парламентот!?
И мнозинството и целата јавност треба да го прашаат Иванов што работела Агенцијата за разузнавање, освен што некои нејзини претставници и лица од АРМ (и двете под команда на Иванов) упаѓале на 27 април во парламентот!? Иванов на 24 март годинава ја одликува АР со орден „Илинден 1903“, објаснувајќи дека „суровиот XXI век е време на сложени војни во кои прва жртва е вистината, па на Македонија ѝ треба чувар на вистината, институции кои ја филтрираат вистината од лагата и со аналитички пристап нудат решенија за предизвиците“. Тој АР ја оцени токму како таква институција, веќе 20 години.
Сега, освен информација дека имаме одликувана АР, не знаеме дали влегле или не толку луѓе од Косово кај нас? Вистина е или лага? Зошто нема одговор од АР, тој врвен полиграф на Иванов? Колку што може да биде загрозена унитарноста од конкретни акти, толку може да биде загрозена и од опасни спинови со кои се внесува немир во општеството и се подгреваат разни сценарија. Значи, со кое право Иванов бара гаранции за прашања за коишто самиот не дaл одговори?
Дотолку повеќе што самиот вели дека „Агенцијата помага да ги превенираме заканите и да ја чуваме независноста, сувереноста и територијалниот интегритет на Република Македонија“. Па зошто тогаш Иванов зедно со врвот на ДПМНЕ три години проповедаат дека странски служби се креатори на кризата во Македонија? Зошто ја одликувал АР ако таа не го превенирала и спречила тоа?
И уште тврди дека „нашите одлуки се темелат врз две вредности – вистината и правдата“. Со ланската аболиција второто целосно го „потврди“, а вистината за многу нешта, за жал, сѐ уште не сме ја дочекале.
Попрво ќе стигне од притворената 74-годишна гатачка на кафе, која во „Идризово“ некој сериозно ја запрашал: „Тетке, дај види дали претседателот ќе го даде мандатот?“ Таа се загледала во филџанот и загрижено го збрчкала челото: „Гледам еден човек, ама не ми личи како да прави нешто важно. Повеќе личи како да поправа радио. Толку можам да видам“.
Е толку…