Регион

Комеморација за жртвите на масакрот извршен на Кориќански карпи

Стотици луѓе, меѓу кои и членови на семејствата на жртвите, преживеани лица и активисти, присуствуваа на комеморацијата што во понеделник се одржа во чест на 200 жртви, мажи од бошњачка и хрватска националност, кои силите на босанските Срби ги убија во 1992 година, на локалитетот Кориќански карпи, кој се наоѓа на планината Влашиќ, во Босна и Херцеговина.

Емза Фазлиќ, Сараево

Присутните на комеморацијата им оддадоа почит на жртвите на масакрот на Кориќански карпи. Фото: Анадолија

Членови на семејствата на убиените жртви, преживеани лица и претставници на здруженијата на жртви и логорски затвореници, се собраа во понеделник на локалитетот Кориќански карпи, на планината Влашиќ во централна Босна, за да им оддадат почит на најмалку 200 мажи од бошњачка и хрватска националност, што силите на босанските Срби ги убија во 1992 година.

Одбележувајќи 25 години од ова злосторство, присутните од Кориќанските карпи фрлија 200 рози, оддавајќи им на тој начин почит на мажите, кои беа убиени на ова место, а кои претходно биле затворени во логорите во градот Приедор.

Претседателот на Сојузот на логорски затвореници на БиХ, Јасмин Мешковиќ, за БИРН изјави дека жртвите биле застрелани во грб, а потоа фрлени во провалија длабока 30 метри.

Иако припадниците на полицијата на босанските Срби, во провалијата фрлиле гранати и повторно стрелале во жртвите, 12 од нив по некое „чудо“ го преживеале ужасниот масакр, вели Мешковиќ.

Хусеин Јакуповиќ, еден од преживеаните, кој во 2009 година сведочеше пред Судот на БиХ, се сеќава како ја избегнал егзекуцијата.

„Војниците ни наредија да се симнеме од автобусот и по двајца да застанеме покрај карпата. А малку подоцна ни наредија да клекнеме на колена до работ на провалијата. Клечевме неколку минути, а потоа започна пукањето. Луѓето паѓаа во провалијата. Јас скокнав низ карпата …“, изјави Јакуповиќ на суд.

Хашкиот трибунал и Судот на БиХ, за ова злосторство осудија единаесет припадници на силите на босанските Срби, на вкупно 200 години затвор.

Мешковиќ истакнува дека ова е премалку. „Извршителите добија 211 години затвор за убиство на 200 невини цивили … Тоа е срамно. Дали човечкиот живот вреди само една година затвор? Такви казни за такви сурови злосторства, не водат кон помирување во оваа земја“, додаде Мешковиќ.

Нагласува дека само мал број на лица се процесирани за ова злосторство и го вперува прстот кон полицијата во Приедор и сите други кои ги транспортирале жртвите и ги однеле во смрт.

Семејствата на жртвите и денес трагаат по 80 отсто од посмртните останки, бидејќи телата на убиените затвореници бил префрлени и закопани на други локации.

Објавено и на Балканска транзициска правда