Регион

Косово обвини поранешен полицаец за воени злосторства во 1999 година

Специјалното обвинителство на Косово подигна обвинение против поранешен полициски резервист, за воени злосторства извршени врз цивили во Вучитрн и Митровица, во кои се вбројуваат „брутални“ убиства, заплашување и кражба.

Со обвинението поднесено во четврток, Специјалното обвинителство на Косово го товари поранешниот полициски резервист, за воени злосторства извршени над цивилното население, меѓу селата Горна и Долна Студимља и Вучитрн, на или околу 2 мај 1999.

Осомничениот е, исто така, обвинет дека во временски период од неколку недели по овој инцидент, извршил воени злосторства во центарот за притвор Смрековница, општина Митровица.

„Овие злосторства вклучуваат брутални и незаконски убиства, нечовечко постапување, предизвикување на големо страдање, примена на мерки на застрашување и терор, одземање на имот, грабежи и кражби во голем обем“, се вели во соопштението на Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС .

Осомничениот, идентификуван со иницијалите З.В. е обвинет по неговата екстрадиција од Црна Гора, се вели во соопштението.