Анализи

Лидерите го „украдоа“ стартот на кампањата

Професорката почна со лекција за максимизирање на претседателскиот мандат | Фото: БИРН

Атмосферата, иконографијата, скандирањата, содржината и тонот на пораките, песните, па дури и шегите што ги чувме од двата најголеми табори во првиот ден од претседателската кампања се толку различни, што дојденец би помислил дека власта и опозицијата зборуваа за две различни држави, а не за една иста што двете „завојувани“ страни различно ја именуваат.

Меѓутоа, ако имаше нешто заедничко, тоа е дека двајцата лидери на политичките партии, Зоран Заев во Прилеп и Христијан Мицкоски во Охрид, вчера ги „украдоа“ микрофоните од своите кандидати за кои сѐ уште нѐ убедуваат дека се независни.

Премиерот Заев говореше речиси половина од времето колку што траеше централната трибина во Прилеп, додека претседателскиот кандидат Стево Пендаровски имаше невообичаена улога на модератор на нешто што требаше да изгледа како дебата со прилепчани.

Во поглед на улогите, и само во тоа, слично беше и на другата страна во Охрид.   

Кандидатката Гордана Силјановска-Давкова зборуваше едвај нешто повеќе од 15 минути, додека лидерот Мицкоски критикуваше и убедуваше едно цело фудбалско полувреме.

Силјановска професорски од бина

Затоа главните пораки што ги чувме вчера дојдоа од лидерите, а не од кандидатите.

Мицкоски ја бараше ветената плата од 500 евра, зборуваше за загадениот воздух и за егзодусот на младите, очекувано најмногу се задржа на, како што вели тој, предавството со Преспанскиот договор и со амнестиите за едните, наспроти двата века затвор за „децата на патриотите“, го обвини Заев дека ги злоупотребил судбините на семејствата на новинарот Никола Младенов, Мартин Нешкоски и на ликвидираните момчиња на Смилковскo и иронизираше со слоганот од Шарената револуција сакајќи да каже дека ниту правда имало, ниту, пак, мирот дошол.  

„Денеска е 1 април и мислев дека судиите се шегувале, ама тие да ти биле сериозни. Според нив, она што го чувме и го видовме, не сме го чуле и не сме го виделе“, алудираше Мицкоски на видеото познато како „Евро за Вицето“ и на случајот „Поткуп“, кој вчера „падна“ и на Апелација.

Од Охрид, Мицкоски му порача на Заев дека му следува пензија, која, како што рече, немало да му биде мирна.

„Поради сѐ што ѝ направи на Македонија.“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, остатокот од 45-те минути говор го исполни со фрази што се граничеа со патетика, чија цел веројатно е да ја надополнат разликата меѓу реалноста и опозициската потреба и практика да се претстават работите поцрни отколку што се.

Затоа повторно чувме за потребата од слобода и за насушноста од правда, за тешкиот и мачен живот на граѓаните, наспроти аздисаната власт што се дави во корупција и сѐ што прави е за моќ и за „тие црни пари“, за победата над заевизмот, која е зад ќошот и за тоа дека вистината треба да се гушне оти таа секогаш победувала на крајот.

Наспроти жесток партиски говор на Мицкоски, Силјановска-Давкова тивко, одвреме навреме потсетувајќи се од белешките што ги беше ставила пред себе, од митингашката бина во Охрид одржа професорско предавање за тоа како претседателот во рамки на своите ограничени надлежности може да постигне максимум ефект и влијание.

Вети дека како претседателка ќе се обраќа многу почесто во Собранието, не само за Нова година, и дека тоа го сфаќа како обраќање кон граѓаните, чии претставници се пратениците. Не вети поништување на Преспанскиот договор, бидејќи тоа во моментов не било возможно, но во некое друго време и со идна власт би го вратила името Република Македонија и дополнително би го заштитила со клаузула во Уставот.

Пендаровски модерираше, другите зборуваа

Пендаровски 102.5 се согласувал со политиките на власта | Фото: БИРН

Симболиката и овојпат не беше изоставена. ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја почна од Охрид, а СДСМ од Прилеп, со тоа што и двете партии покажаа уште еднаш дека политичката идеологија ја црпат од различни историски периоди.

Власта од АСНОМ, а ВМРО-ДПМНЕ од многу, многу порано.

Прилепската промоција на Пендаровски не беше класичен митинг, тоа беше некаква дебата која претседателскиот кандидат требаше да ја модерира и преку говорите на другите да се слушне по нешто за него самиот и за неговите политики.

Идејата беше на дебатата да се обратат успешни прилепчани што ги поддржуваат Пендаровски и Заев, а луѓето, кои веројатно за првпат држеа микрофон и се обраќаа пред публика, имаа толку многу трема, што на моменти ги турна во невкусна патетика и што од нивните говори запомнивме само дека прилепчани внимаваа да кажат Северна наместо само Република Македонија.

Една повозрасна прилепчанка ја искористи можноста да му се пожали на Заев дека две децении чека Министерството за финансии да ѝ го реши проблемот со денационализација и оти за тоа гласала за него, додека остатокот од „шоуто“ му припадна токму на премиерот.

Заев се исповеда дека сега кога веќе ја преживеал Преспа, политички доаѓа времето да се покаже на економски план, наброја 19 инвестиции, намалена невработеност, раст на индустриското производство од 12 проценти, ама не пропушти и да се шегува.

Раскажа зошто Прилеп веќе знаел дека Пендаровски ќе биде новиот претседател, а тоа да ти го покажувале регистарските таблички, кои ја содржат кратенката ПП, која освен „Прилеп“ можела да значи и „Пендаровски претседател“.

И не застана тука со симболиката, се префрли на нумерологија.

„Денеска е понеделник, први април, почеток на кампањата и Пендаровски ќе стане претседател на петтиот ден од петтиот месец во годината.“

Премиерот, претставувајќи го Стево Пендаровски, не заборави да потенцира колку тој е „создаден за претседател“ и подобар од актуелниот шеф на државава, Ѓорге Иванов, кој, пак, во една пригода, кога тој и министерот Никола Димитров биле во вилата на Водно, не им дали ни „водичка“.

„Кога сето ова ќе заврши, не само вода и слатко ќе ти дадам“, му врати Пендаровски  на шега.

За противниците не се говореше многу, иако Заев повтори дека немале став што ќе прават со новото име, само млателе празна слама и Мицкоски „мрчел“.

„Сакаат само да се вратат на власт и да продолжат да пљачкаат. Е, мало сутра!“, порача премиерот.

Пендаровски, освен што сосема солидно ја водеше дебатата, не ги замори гласните жици, преку шега образложуваше дека за тоа нема потреба зашто 102,5 отсто се согласува со „ставовите на Зоки“. Само преку неколку примери потенцираше дека ќе биде сето она што Иванов не бил.

„Нема да ми падне на памет да не дадат мандат на мандатар што има 61 пратеник.“