Анализи

Медиумската сцена заплеткана во пропагандна мрежа

Големиот број портали со сомнителни содржини создаваат конфузија кај јавноста во чувствителен период | Фото: Business image created by Freepik

Членови на политички партии, вработени во Владата, луѓе непознати во медиумската сфера, како и скриени сопственици во изминативе година-две отворија голем број интернет-портали кои пласираат еднострани, полувистинити или целосно лажни информации со кои се наметнуваат на социјалните мрежи. Имаат по неколку илјади следбеници, а нивниот број се зголемува.

Најчесто не им конкурираат на „куририте“ што функционираат веќе десетина години и беа дел од шеми со сомнително сопствеништво, туку често преземаат информации од нив и ги шират понатаму. Дел од нив имаат сосем еднострани и пропагандни содржини. Други претежно пласираат нормални вести, меѓу кои протнуваат понекоја сомнителна информација. Дел се наклонети кон опозицијата, а дел кон власта.

Некои немаат никакви реклами, на други се рекламираат домашни фирми, а трети употребуваат бизнис модел сличен на велешкиот што се прослави низ светот – пласираат шокантни информации за да привлечат повеќе посети и да заработат од меѓународни сервиси за рекламирање што не ги интересира со какви содржини бил остварен сообраќајот. Потоа тоа се споделува на целна публика во различни групи на социјалните мрежи (провладини, проопозициски и други, во зависност од содржината). Сето тоа им овозможува на поединци дополнителна заработувачка преку раководење информативни портали.

Но, за тоа се плаќа и повисока цена. Оваа експанзија на пропагандистичката медиумска сцена се случува во време на големи политички случувања во земјава, кога јавноста е во постојано очекување на нови информации и кога шпекулациите и невистините лесно се шират. Од коментарите и од реакциите на интернет може да се види дека нивните пристрасни, нецелосни, дури и неточни содржини се прифаќаат како факти и стануваат дел од јавната дебата во врска со прашања како спорот за името, економските политики, миграцијата, меѓуетничките односи и друго.

Поширока курирска мрежа

„Мистерија“ иако сѐ е напишано

„Курир“, „Република“, „Нетпрес“, „Журнал“, „Инфомакс“, во минатото беа само дел од интернет-порталите познати по ширењето пропагандистички содржини во корист на претходната влада и по оцрнувањето на нејзините противници. Но, со промената на власта мрежата на овој тип медиуми продолжи да се шири со отворање нови портали или со популаризирање на некои што биле маргинални претходно.

Меѓу нив е порталот „Јавно“ (javno.mk),  основан непосредно пред почетокот на кампањата за парламентарните избори во 2016 година. Сè уште ја чува рубриката „избори 2016“ со текстови како „Вработените во ПОЦ и пајташот на СДСМ, Саша Богдановиќ, ја почнаа изборната кампања“. Меѓу поновите содржини му се „Моќно видео за поддршка на протестот во Скопје“ (најава за собирот на ВМРО-ДПМНЕ) и поголем број пренесени текстови од „традиционалните курири“, како објавата на „Курир“ со која се бара одговорност од премиерот и од министерот за здравство за смртноста на новороденчињата. Порталот го води човек што работи во ИТ секторот на Владата, Даниел Јакимовски, брат на Емил Јакимовски кој беше функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Во август минатата година на оваа група ѝ се придружи порталот „Свест“ (svest.mk) кој го предводи поранешниот новинар на „Република“ и член на здружението „Стоп операција Сорос“ – Ненад Мирчевски, а неговите содржини ги споделува и неговиот колега од здружението – Цветин Чилиманов. Поранешниот почесен конзул на Македонија, Американецот Џејсон Мико, е меѓу најредовните колумнисти, а меѓу авторите се и Сотир Костов и други аналитичари што нескриено ја поддржуваа поранешната власт.

Иако „Маркукуле“ (markukule.mk) е малку постар од овие портали (основан е во август 2015) сепак тој направи пробив кај јавноста изминатава година, делумно со лажни вести, како текстот со кој изградбата на центар за одговор при катастрофи финансиран од Европската унија се претставува како изградба на кампови за бегалци во Прилеп. Овој медиум бил пријавуван и во Советот за етика дека шири хомофобија, но тој спорен текст сѐ уште стои на страницата. Зад порталот стои здружение со истото име предводено од Александар Георгиоски, член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. Здружението се јавува на списоците на должници и доверители на Општина Прилеп за изминатите три години, при што парите што ги побарува од општината се за триесетина илјади денари повеќе од тие што ги должи.

Бизнис модел – пропаганда за интернет-реклами

На компаниите за рекламирање не им е важно како се остваруваат посетите

Меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ што во изминативе година-две отворија свои интернет-портали се и Славчо Србиноски од Тетово и Марко Бирачоски од Ѓорче Петров, Скопје. Србиноски од април минатата година го води „Дигитал њуз“ (digitalnews.mk) каде што меѓу најпопуларните содржини се редовно споделуваните статуси на пратеникот Илија Димовски. Најголемиот број содржини се кратки дневни вести, но меѓу нив се наоѓаат и наслови како „Бранко Црвенковски: името на мојата земја е Македонија“, што е пренесен говор на поранешниот претседател во Обединетите нации, одржан десетина години пред објавата.

„Опсервер“ (opserver.mk) на Марко Бирачоски е понов, од крајот на ноември минатата година. Слично како и претходниот портал, повеќето содржини се едноставно пренесени кратки дневни вести, со исклучок на пренесените колумни од други портали, кои се изразено антивладини и се напишани од Билјана Ванковска, Горазд Росоклија, Љубомир Цуцуловски, Антонио Милошоски и други. „Опсервер“ објавува реклами од интернет-сервиси за рекламирање што исплатуваат според бројот на посети на страницата.

Со овие сервиси за рекламирање, струмичанецот Јане Ангелов развил цел бизнис модел. Овој агент за недвижности на својот портал „Медиа 24“ (media24.mk) објавува речиси исклучиво текстови од „Денешен“, „Република“, „Курир“ и други, со наслови како „ЦИА ја разбива илузијата дека со влез во НАТО и ЕУ ќе запре иселувањето“ или „Балканот ја избира Русија за воен сојузник“. Од посетите на страницата заработува преку сервисите за рекламирање како „Еднау“ или „Мгид“ кои рекламираат лекови за сите болести, рецепти за брзо богатење итн.

Од слични реклами се финансира и „Инфоњуз“, портал отворен во ноември минатата година, регистриран од маркетинг агенција чиј сопственик е Израелецот Лирон Равив. На овој портал можат да се најдат вести како „Секс скандал во Општина Карпош“ базиран на неименуван очевидец, „Член на обезбедувањето на Заев направил сообраќајка“, за што потврда се „сведоци од Струмица“ итн. Меѓу оние што најчесто ги споделуваат текстовите има истакнати членови на партијата ГРОМ.

Мистериозни пропагандисти

Антизападната реторика е вообичаена на порталот „Коложег“

Во декември минатата година се појави портал „Коложег“ (kolozeg.info), претставувајќи се  како медиум „без скршен денар од кој се тресе хунтата“. Скриени се податоците кој стои зад сајтот, единствено може да се види дека тој е хостиран во Австралија, а сопственик на домејнот е компанија од Јута, САД.

За разлика од сопствеништвото, ориентацијата му е нескриена. Сајтот изобилува со текстови против западот, Европската унија и НАТО, со постојано пласирање информации дека во западните земји се шири сиромаштијата, дека има шеријатски зони недостапни за властите, дека еврото и ЕУ наскоро ќе се распаднат итн. Содржините посветени на  домашната политика се полни со субјективни оцени како „огромниот изблик на млада македонска енергија против предавствата на нелегитимната хунта прераснува во широко младинско движење“.

Ниту еден текст не е потпишан, ниту има објавен импресум. Водителот Миленко Неделковски, отецот Ивица Тодоров, како и приврзаниците на партијата „Единствена Македонија“ се меѓу оние што најчесто ги споделуваат неговите содржини, иако голем дел од распространувањето на текстовите се врши преку профили со лажни имиња и со слики од скопските споменици, без податоци што би откриле кој поточно стои зад нив.

„Букефал“ (bukefal.club) е формиран две недели подоцна во декември и често се споделува меѓу проопозициски групи на социјалните мрежи. Најпопуларните текстови му се тие со митски содржини од типот дека македонскиот јазик е најстар на светот или дека тајни документи ја откриваат вистината за Македонија. Но, на неговите страници можат да се најдат и наслови како „Шеќеринска подготвена да испрати војници во Сирија против Русија“, што беше пренесено соопштение од „Единствена Македонија“ без да се наведе изворот во насловот (Министерството за одбрана ја демантираше таа информација). Се наоѓаат и наслови како „Да ѝ кажеме не на оваа недемократска и ненародна власт“, што беше пренесен повик за протест од ВМРО-ДПМНЕ. Порталот е регистриран во Панама, а ИП адресата му е во центарот на Софија, Бугарија.

„Одлични вести“ и за сегашната Влада

Дел нови портали не штедат пофални зборови за сегашната власт

СДСМ има свои „курири“ уште од времето кога беше опозиција под жестоки напади на власта, како „Доказ“, „Мактел“, „Народен глас“ и други. По промената на власта тие продолжија со сличен интензитет да ја напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ често користејќи навредлив говор („ВМРОните имаат нова божица, руска пратеничка што се презива Македонска“) или текстови со еднострани и непотврдени обвинувања кон членови и симпатизери на партијата („Еве една од причините зошто Пандов толку ја бранеше владата на Грујо“. „Старото дртало Миленко манијачи девојчиња во Москва“) итн.

Наспроти тоа, тие продолжуваат и жестоко да ја бранат Владата од сите критики, не само од опозициската партија, па така објавуваат текстови дека во Македонија наскоро ќе почне да тече мед и млеко, дека е во ред што генералниот секретар на Владата Драги Рашковски погрешно навел дека има два докторати итн. Дел од овие портали се полни со стандардни реклами, а други ги користат интернет-сервисите како „Еднау“.

Но, не само што овие портали ги засилија своите активности, кои иако имаат поумерен израз и не се служат со вулгарен говор како претходните, сепак имаат неколку заеднички карактеристики: поседувани се од луѓе што се непознати во медиумската сфера и објавите им се отворено наклонети кон Владата.

Таков е „Магазин плус“ (magazinplusnews.com) за кој може да се најде само дека е основан од извесен Игор Јовевски од Штип, три недели откако се смени власта. Порталот изобилува со наслови како „Премиерот Зоран Заев со супер вести на Фејсбук“, „Висок функционер објави одлична вест за Македонија, вакво нешто не е видено во земјава“, „МВР предмалку соопшти одлични вести за голем број полицајци“ итн. Зад овие наслови се соопштенијата што ги објавувуваат владините прес-служби. Содржините на порталот често се наоѓаат во провладините групи на социјалните мрежи, а „одличните вести“ му носат заработка преку интернет-сервисите за рекламирање, кои нудат лекување на сите болести и брза заработка.

„Слободен простор“ (slobodenprostor.com) не е нов, регистриран е пред повеќе од три години, но речиси сите содржини му се од времето на сегашната влада. Во сопственост е на крушевчанецот Љупчо Марковски, кој објавува дека „Зоки ги спобудале вмровчињата, еве премиер кој знае како се вади лебот, им се слика на нива во Муртино“, или „Од Македонија си оди човекот кој ги координираше сите амбасади за да падне режимот на Грујо“. Рекламите што ги објавува се од слични сервиси како и другите медиуми.

Скриено сопствеништво има и на провладината страна, а пример е порталот „Денешни новости“ (denesninovosti.com), каде што главна ѕвезда е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и голем дел од вестите се информации за неговите активности или соопштенија од полицијата. Се известува што Спасовски му одговорил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со Куманово (без да се наведе што рекол Мицкоски), со кои амбасадори се сретнал министерот и какви меморандуми за соработка потпишал, како поминала неговата посета на општинската организација на СДСМ во Куманово итн. На страницата, која има над 4.000 следбеници и која е споделувана во провладини групи на социјалните мрежи, повеќето од објавените содржини се пренесени информации од партијата СДСМ („Се решаваат наследените проблеми на автопатите, градежништвото се враќа на двоцифрена стапка на раст“) или на владините институции („Прв отворен ден во Владата за иницијативи од граѓански организации“).