Меѓу вработените во МВР кои беа распределени на повисоки или на пониски позиции, владее раздор откако Спасовски донесе решенија за распределување, а Владата ги поништи.
Стотици вработени од МВР се најдоа во центарот на „препукувањата“ меѓу техничкиот министер од СДСМ Оливер Спасовски и заменикот Митко Чавков.
Спасовски, по стапувањето на функцијата донесе нови кадровски решенија, голем број лица беа унапредени, а дел ставени на пониски позиции. Владата во петокот реши да ги укине овие решенија кои беа носени во периодот ноември 2015 – април 2016 и одлучи дека унапредените/уназадените треба да ги напуштат функциите и да се вратат на старите работни места. Истото се однесува и на Министерството за труд и социјална политика, за решенијата донесени од страна на техничкиот министер Фросина Ременски.
Денеска, како што дознаваме од извори во МВР, сè уште се почитувале решенијата на Спасовски, но тоа ќе трае до утре, со оглед на тоа што владината одлука веќе е објавена во „Службен весник“ со назнака дека „истата стапува на сила ден по објавувањето“. Најновото печатено издание буквално е преплавено со владини одлуки за именувања, разрешувања и распределувања.
Ниту Спасовски, ниту пак Чавков, не беа расположени телефонски да разговараат на оваа тема.
„Сè уште се на сила старите решенија. Ќе се изјаснам кога ќе имам подетални информации“, ни изјави Спасовски.
„Ќе ве побарам подоцна, на состанок сум“, рече Чавков, но и по неколку часа, не се јави.
Спасовски се огласи преку соопштение и преку отворено писмо прстот за новонастанатата ситуација го впери кон техничкиот премиер Емил Димитриев.
„Со ваквите постапки на несфатливо непочитување на Уставот и законите, Вие уште повеќе ја продлабочивте политичката криза, правејќи уште еден удар врз и онака дискредитираните институции и компромитираниот судски систем. Со овој чин неспорно го суспендиравте Пржинскиот договор, направивте сканадалозен упад во правниот систем на државата, и создадовте услови за предизвикување хаос еден исклучително важен и осетлив државен орган, како што е МВР“, се вели во писмото на Спасовски до Димитриев.
„Иако ова не ме прави среќен, сепак сакам да Ви укажам дека одговорноста за сето ова, за последиците од овие незаконски постапки и акти, ќе биде исклучиво ваша“.
Раздор меѓу вработените во МВР
Меѓу вработените во МВР кои беа распределени на повисоки или на пониски позиции, владее раздор откако Спасовски донесе решенија за распределување, а Владата ги поништи.
„Наместо да се концентрираме на тоа што ни е работа, ние не знаеме на кое работно место ќе бидеме утре“ изјави прераспределен полициски припадник за БИРН
„Денеска не знаев каде да се појавам на работа, дали на новото или пак на старото место. Отидов на новото, но од утре не знам како ќе биде. Атмосферата на работа е лоша, поделени сме на табори, а треба да одиме на терен заедно. Наместо тоа, не се возиме во исти возила кога одиме на задача“, објаснува за БИРН полициски припадник кој со одлуката на Спасовски беше распределен на друга работна позиција.
Вработените сведочат дека политиката е навлезена во порите на Министерството, кое е клучен сектор во државата, особено со бегалската криза и со инцидентите на границата.
„Наместо да се концентрираме на тоа што ни е работа, ние не знаеме на кое работно место ќе бидеме утре. Точно е дека дел од нас се членови или симпатизери на партија, но во случајов се испостави дека тоа е многу поважно отколку безбедноста на државата“, вели припадник на „алфите“ кој сакаше да остане анонимен.
Техничкиот министер Спасовски, чија оставка не беше констатирана во Собранието, утринава бил на работното место, одржал состанок, а потоа си заминал.
Препукувањата околу МВР одат на сметка на безбедноста
Хаосот во двете министерства уште повеќе се очекува да се зголемува, бидејќи од опозицијата стигнуваат најави дека за поништените решенија од страна на Владата ќе следуваат судски постапки пред Управниот суд. Додека не заврши постапката, во неизвесност ќе живеат и сите вработени чии работни места ротираа по потпишувањето на Договорот од Пржино и по доаѓањето на двајцата технички министри предложени од СДСМ, Спасовски и Ременски.
„Сега МВР е паралелен систем со двојно водство. Тоа може да доведе до голем хаос и со тоа да страда безбедноста на државата“, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов
Професорката по управно право Ана Павловска Данева веќе изјави дека укинувањето на решенијата на министрите Спасовски и Ременски од страна на Владата се ништовни и неважечки.
„Не постои закон кој ѝ дава право на Владата да поништува решенија на министри, па дури и тоа да е од политички побуди“, рече таа, додавајќи дека решенијата на министрите се конкретни, поединечни правни акти и не може да се суспендираат, туку се поништуваат, но за тоа надлежна е единствено второстепена комисија.
За поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, освен ваквата правна несигурност, постои уште еден загрижувачки момент, а тоа е безбедноста на државата која може да страда во случаи кога позициите на вработените во МВР „висат“ на конец.
„Во случајов, МВР е паралелен систем, бидејќи имаме двојно водство, и од страна на министерот Спасовски и од страна на заменикот Чавков. Тоа може да доведе до голем хаос и со тоа да страда безбедноста на државата. Оваа институција функционира по системот на команда и хиерархија, а тоа не може да се случи кога има двојно водство“, вели Трајанов, потенцирајќи дека најзагрижиувачки се сигналите кои пристигнуваат од Министерството, дека во институцијата веќе има внатрешни судири и строги поделби по партиска линија.
За одлуката на Владата, со која беа поништени сите решенија донесени од министрите Спасовски и Ременски, Трајанов вели дека е незаконска и дека мора да се поведе постапка пред Уставниот суд.
„Одлуката на Владата е спротивна на законите и на Уставот. Уставниот суд мора да ја суспендира, а потоа да ја поништи оваа владина одлука. Владата има право да носи колективни, а не поединечни акти“.
Неизвесните кадровските решенија се само еден сегмент кои висат во воздух како последица на двојното водство во МВР. Колку за пример, во денешниот „Службен весник“ објавен е правилник потпишан од Спасовски за „димензии, содржина и начин на поставување на таблиците на возила со кои се врши оспособување на кандидати за возачи“.
Дали сега овој правилник е стапен во сила или не, надлежните не одговараат.