Регион

На Црна Гора „ѝ недостига политичка волја“ за гонење на воените злосторства

Лидија Вукчевиќ, на конференција за медиумите. Фото: ПР Центар.

Врховниот државен обвинител, Лидија Вукчевиќ, изјави дека на Црна Гора ѝ е потребна поголема политичка поддршка, за гонење на воените злосторства. Нејзината изјава доаѓа по повеќекратните критики од Брисел, дека оваа земја, кандидат за членство во ЕУ, не вложува доволно напори за решавање на ова прашање.

„Специјалното државно обвинителство, кое е одговорно за гонење на сторителите на воени злосторства, треба да биде поддржано од сите други релевантни органи. Потребна ни е и посилна политичка и јавна волја кога станува збор за оваа област“, изјави Вукчевиќ.

Од осамостојувањето на Црна Гора во 2006 година, до денес, во оваа земја се одржале само осум судења за воени злосторства извршени во Хрватска, БиХ и во Косово. При тоа биле гонети само сторители од најниско ниво.

Во мај 2015 година, поранешниот врховен државен обвинител Ивица Станковиќ вети дека старите случаи ќе бидат разгледани и ќе бидат идентификувани оние кои имале командна одговорност при извршувањето на воените злосторства. Сепак, единствената судска пресуда од 2015 година до денес, е онаа донесена на поранешниот припадник на Војската на Југославија (ВJ), Владо Змајевиќ, кој беше осуден на 14 години затвор за убиство на четворица албански цивили во Косово, во 1999 година.

Апелацискиот суд на Црна Гора, во декември 2019 година, му ја потврди оваа пресуда на Змајевиќ, со која тој беше прогласен за виновен за убиство на цивили во селото Жегра, кај Гњилане, за време на војната во Косово.

Вукчевиќ истакна дека Врховното државно обвинителство соработува со властите на Босна и Херцеговина и Хрватска, на прашањето за воените злосторства извршени на нивна територија.

„Наша задача е да ги изведеме пред лицето на правдта црногорските граѓани кои извршиле воени злосторства на териториите на другите земји, особено во Босна и Херцеговина. Ние, исто така, собираме докази во врска со воено злосторство извршено на територијата на Хрватска“, додаде таа.

Специјалниот обвинител на Црна Гора за организиран криминал и тероризам за БИРН во декември изјави дека е отворен случај, во рамките на кој ќе бидат разгледани документите што им ги предал судот на ООН во Хаг, во кои се спомнува дека црногорски државјани биле вмешани во „воени злосторства извршени во соседните земји“.

Обвинителството започнало со разгледување на документите, што им ги предало обвинителство во Хаг, во врска со повеќе од 15 црногорски државјани, осомничени за сериозни злосторства, вклучително и сексуално насилство, извршени за време на војните во 90-тите.

Во својот извештај за напредокот на Црна Гора за 2020 година, Европската комисија ги повтори предупредувањата дека воените злосторства треба да бидат од највисок приоритет за обвинителите, на патот кон напредок во пристапните преговори, и ја повика Црна Гора да го прошири опсегот на кривичните гонења.

„Обвиненија за командна одговорност, за коизвршување и за помагање и поддржување, досега не се покренати (против осомничени за воени злосторства)“, се вели во извештајот.

Како дел од Југославија, Црна Гора директно учествуваше во војните во Хрватска и во БиХ, под водство на Слободан Милошевиќ.