Регион

Недиќ себеси се сметал за „српски Петен“

Филип Рудиќ, Белград
 

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Историчарот, Милан Ристовиќ, на сослушувањето во процесот кој се води за рехабилитација на Милан Недиќ, пред Вишиот суд во Белград, изјави дека во извештајот на претставникот на германското Министерство за надворешни работи во Србија, во Втората светска војна, Феликс Бенслер, се вели оти Недиќ, себеси се сметал за српска верзија на колаборационистичкиот француски лидер, маршалот Филип Петен.

„Извештајот на Бенслер покажува кои задачи Недиќ ги презел врз себе (давајќи согласност да биде премиер во колаборационистичката влада)”, изјави Ристовиќ, професор на Катедрата за историја при Филозофскиот факултет во Белград.

Во својот извештај, Бенслер вели дека Недиќ ветил „оти ќе дејствува колку што е можно построго кон Евреите и борците на отпорот”, рече Ристовиќ.

Бенслер укажал дека Недиќ толку многу се идентификувал со нацистичката политика, што неговите јавни говори, кои Бенслер бил задолжен да ги проверува, немале речиси никаква потреба од интервенција.

Недиќ беше премиер на т.н. Влада за национален спас, марионетска влада на Србија во Втората светска војна, која беше на власт од август 1941 до октомври 1944 година.

По војната, комунистичките власти го обвинија за соработка со Германците и за предавство, но судската постапка против него беше прекината, бидејќи Недиќ изврши самоубиство во затворската ќелија, во февруари 1946 година.

Процесот за негова рехабилитација започна во декември 2015 година, на барање на семејството на Недиќ.

Семејството тврди дека тој не бил предавник, виновен за предизвикување на страдањата за време на фашистичката окупација на земјата, како што соопштија југословенските комунистички власти.

Внукот на Недиќ и неговите поддржувачи, тврдат дека профашистичкиот премиер им дал засолниште на 600.000 Срби од целиот балкански регион, кои избегале на српска територија за време на Втората светска војна, со што ја гарантирал нивната безбедност.

На сослушувањето во понеделникот, адвокатот на семејството го распрашуваше Ристовиќ во врска со поединечните случаи во кои Недиќ, наводно, интервенирал, за да се спасат Евреи и Срби, но од страна на судијата претседавач беше постојано прекинуван, бидејќи не презентираше докази за овие интервенции.

Ристовиќ одговори дека не знае за такви наводни обиди на Недиќ.

Адвокатот праша дали Недиќ се обидел да ја искористи својата позиција, за да стави крај на нацистичката репресија на цивилното население, која што се повторувала како знак на одмазда кон движењето на отпорот.

„Тој барал репресиите да се укинат. Не му било ветено ништо вакво, но тој сепак ја прифатил функцијата (премиер)“, одговори Ристовиќ.

Додаде дека Недиќ се заканувал со самоубиство или оставка, но дека на крајот не направил ништо.

Политиката, за секој германски војник убиен од отпорот, да се убијат 100 цивили, а 50 за секој ранет, Германците ја напуштиле оти сфатиле дека тоа е „контрапродуктивно”, а не поради Недиќ, додаде Ристовиќ.

Следното рочиште е закажано за 26-ти март.