Регион

„Нема докази“ дека паравоените формации ги контролирала СДБ на Србија

Радоша Милутиновиќ, Белград

Јовица Станишиќ во судница. Фото: ММКТ.

Адвокатот на Јовица Станишиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, во вторникот изјави оти тврдењето на воениот експерт, сведок на обвинителството, дека СДБ на Србија ги контролирала српските паравоени единици за време на војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина, е погрешно.

Воениот експерт, Рејно Туненс, сепак, остана при изјавата дека „Тигрите“ на Аркан, „Скорпионите“ и другите паравоени групи, од 1991 до 1995, биле „под контрола на СДБ на Србија“ или „на друга начин биле поврзани“ со неа.

Туненс, кој анализирал бројни воени документи, прецизираше дека до тој заклучок дошол, првенствено врз основа на теренските извештаи на разузнавачките органи на Југословенската народна армија (ЈНА) и Војската на Југославија, од тоа време.

Бранителот на Станишиќ, Вејн Џордаш, рече дека само во два извештаи на ЈНА се спомнува врската меѓу „Аркановци“ и СДБ и посочи дека Туненс овие документи погрешно би протолкувал и им дал премногу значење.

Џордаш, од воениот разузнавачки извештај од октомври 1991 година, на кој Туненс се повика, цитираше дел во кој се вели дека „постојат гласини меѓу припадниците на ЈНА“, дека „Аркан доаѓа, откако војската ги исчистила селата, и врши злосторства“, и оти „тие мислат дека тој тоа го прави со поддршка на СДБ на Србија“.

Во својот извештај, Туненс цитираше дел од извештајот дека постои „верување“ на припадниците на ЈНА дека „Аркановци“ вршеле злосторства со поддршка на СДБ на Србија.

Адвокатот на Станишиќ ова го нарече „излитено, недокументирано верување“.

Експертот одговори дека заклучокот за поврзаноста на Ражнатовиќ Аркан со СДБ на Србија, го донел „врз основа на многу документи, а не само на еден“.

Како доказ дека извештаите за злосторствата на „Аркановци“ не се само гласина, тој ја наведе снимката на која генералот на ЈНА, Андрија Биорчевиќ, во 1991 година, во источна Славонија, го фали Ражнатовиќ и вели дека Аркан влегува во освоените места и ги убива сите кои не се предале.

„Аркан делуваше од 1991 до 1995, а документите укажуваат на негова поврзаност со СДБ на Србија“, рече воениот експерт.

Станишиќ и неговиот заменик, Симатовиќ, се обвинети за прогон, убиства и депортации на хрватски и муслимански цивили за време на војните во Хрватска и во БиХ.

Како што се наведува во обвинението, единицата на Аркан, „Тигри”, и единицата „Скорпиони”, кои извршиле некои од овие дела, биле единици на СДБ на Србија.

Адвокатот на Станишиќ негираше дека имало докази за поврзаноста помеѓу „Скорпионите“ и СДБ на Србија во Хрватска.

Туненс рече дека СДБ на Србија во Источна Славонија ги „регрутирала, обучувала и ги опремувала“ „Скорпионите“.

Тој додаде дека тие, секако, не оделе да војуваат во БиХ, „бидејќи така им се сакало“.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Вкрстеното испрашување на вештакот, бранителот на Станишиќ ќе го продолжи утре.