Срѓан Керим, директорот на Медиа Принт Македонија (МПМ) за БИРН ниту потврдува ниту пак негира дека фирмата „Графички Центар“, сопственикот на МПМ, ќе оди во стечај, со што без работа би останале над 250 вработени од весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“.
„Ве молам, на состанок сум, ова не е за по телефон. Не можам да ви кажам дали фирмата ќе оди во стечај“, кратко ни одговори Керим.
Во февруари годинава, пак, дотогашниот директор на Медиа принт Македонија (МПМ), Александар Динев, отвори нова фирма со речиси идентичен назив – Медиа Принт ДООЕЛ.
Вчера, новата фирма, која се наоѓа на домашната адреса на Динев, распиша оглас за 55 вработувања на новинари, 12 вработувања за уредници и 6 за главни уредници. Огласот трае само четири дена, до понеделник, а неофицијално, на вработените во МПМ им било кажано да аплицираат и дел од нив веќе ги подготвуваат нивните биографии за да ги испратат на огласот.
Динев не одговараше на нашите повици за да објасни дали постојните вработени од Медиа Принт Македонија ќе преминат во неговата новоотворена фирма, иако, според бројот на новинари што се бараат на огласот, јасно е дека голем дел од постојните вработени во весниците ќе останат без работа.
Лошата финансиска ситуација во медиумите на МПМ трае со години, а во февруари годинава „Орка Холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев излезе од сопствеништвото на фирмите кои се поврзуваат со весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа Модерна“ и порталот „Телеграф“. Новинарите пред неколку месеци излегоа на штрајк поради неисплатени плати, а сите измени во сопствеништвото и финансиските проблеми со кои се соочуваше фирмата, беа крајно нетранспарентни.
Сега, стопроцентен сопственик на МПМ е фирмата „Графички центар“, чии сопственици се „Телеграф“ (со удел од 3,4 милиони евра) и „Мирекс“ на Срѓан Керим (со удел од 1,7 милиони евра).
Ако „Графички центар“ замине во стечај, се претпоставува дека дел од вработените ќе преминат во фирмата на Динев, а дел ќе останат без работа.