Регион

Обвинителството на БиХ бара затвор за Насер Ориќ

Судењето на поранешниот командант на територијалната одбрана на Генералштабот на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), Насер Ориќ, е во својата завршница, а Обвинителството побара тој да биде осуден за убиство на тројца заробени војници од српска националност, извршено во 1992 година.

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Насер Ориќ во Хашкиот трибунал. Фото: МКТЈ

Во завршните зборови, обвинителот, Мирослав Јањиќ, во вторникот, пред Судот на БиХ во Сараево, изјави дека Ориќ и неговиот соборец, Сабахудин Мухиќ, треба да бидат прогласени за виновни за воени злосторства над воени затвореници.

Како што истакна, врз основа на исказите на сведоците, се докажало тврдењето во обвинителниот акт, со кој Ориќ и Мухиќ се товарат за убиство на тројца заробени војници од српска националност, во местата Залазје, Лолиќи и Kуњерац, во близина на Братунац во 1992 година.

Јањиќ главно се повикуваше на исказот на заштитениот сведок О-1, кој изјави оти бил сведок на убиството на судијата Слободан Илиќ.

„Сведокот О-1 го опиша во детали убиството на судијата Илиќ, кој, заедно со уште тројца-четворица војници на Војската на Република Српска (ВРС), бил заробен на 12 јули“, рече обвинителот.

„Сведокот опиша како Ориќ го удирал Илиќ во градите и главата, а наодот на вештакот, Рифат Кешетовиќ, ги потврди бројните скршеници што му биле нанесени на Илиќ“, рече Јањиќ.

Ориќ е обвинет како командант на територијалната одбрана на Генералштабот на АБиХ, а Мухиќ како член на овие сили.

Обвинителството се повика и на исказот на сведокот Ибран Мустафиќ, кој рече дека Ориќ, во неговиот стан, му го признал убиството на Слободан Илиќ.

Осврнувајќи се на убиствата на Милутин Милошевиќ и Митар Савиќ, обвинителството нагласи оти смета дека сведоците недвосмислено потврдиле оти во двајцата затвореници пукале Ориќ и Мухиќ.

Случајот против Ориќ предизвика критика на Бошњаците, кои Ориќ го сметаат за херој, заради неговата улога во одбраната на Сребреница, пред да биде извршен масакрот во 1995 година.

Критики упатија и воените жртви од српска националност, кои сметаат дека обвиненијата против Ориќ се преблаги.

Одбраната на Ориќ, пак, нагласи дека Хашкиот трибунал го судел и го ослободил Ориќ, па оттука судењето во Сараево е неправедно.

Продолжението на судењето е закажано за 12 септември, кога ќе бидат презентирани завршните зборови на одбраната на обвинетиот.

Објавено и на Балканска транзициска правда