MМКТ соопшти дека одбил да го разгледа барањето на адвокатите на Радован Караџиќ, кој беше осуден за геноцид и за други воени злосторства, двајцата судии кои тој ги обвинува за пристрасност, да бидат дисквалификувани од процесот на донесување на одлуки, во неговиот случај.
Во пресудата, потпишана од судијата Бартон Хол, се наведува дека советот на ММКТ, со кој тој преседава, нема надлежност да се бави со прашањето за дисквалификација на поранешниот и на сегашниот претседател на ММКТ, Теодор Мерон и Кармел Агиус.
„Обидите на Радован Караџиќ да ги пропагира наводите за пристрасност, за да дојде до својата сакана одлука, мора да бидат отфрлени, а неговите адвокати треба да се воздржат од поднесување на вакви поднесоци пред Механизмот“, се наведува во одлуката.
Караџиќ, воен претседател на Република Српска, беше прогласен за виновен за геноцид извршен врз Бошњаците од Сребреница во 1995 година, за тероризирање на граѓаните на Сараево со гранатирање и снајперски оган, за прогон и истребување на Бошњаците и Хрватите во 20 општини ширум БиХ и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.
По изрекувањето на казната, Караџиќ побара преиспитување на пресудата и на одлуката на апелацискиот совет, казната од 40 години затвор, да му се преиначи во казна доживотен затвор.
Судијата Агиус го одби барањето, по што Караџиќ повторно се жалеше, барајќи судијата Жан-Клод Антонети да одлучува за ова, а не Агиус или Мерон.
Тој образложи оти верува дека Агиус и Мерон се пристрасни, со оглед дека претходно, во други предмети, осудувале обвинети за слични кривични дела.
„Чесниот набљудувач … може да заклучи дека постои пристрасност кај судиите Агиус и Мерон, со оглед дека тие донесуваа одлуки во врска со истите злосторства, што се предмет на жалба на Радован Караџиќ”, се вели во поднесокот на Караџиќ.